Живот
Ќерките поубави од мајките
И научно е докажано: жените во исто семејство стануваат поубави од генерација во генерација
Научниците дојдоа до ново сознание во кое тврдат дека жените во едно семејство стануваат се' поубави од генерација во генерација. И не само тоа, велат дека убавите жени имаат повеќе деца од оние што се помалку привлечни, и, главно, раѓаат ќерки. Тоа го тврди научникот Маркус Џокеле од Универзитетот во Хелсинки, кој со колегите го проучуваше изгледот на повеќе од 2.000 жени и мажи во САД, следејќи го нивниот развој во текот на четири децении. Нивниот заклучок е дека е голема веројатноста децата на тие убавици да бидат атрактивни. Кон ова теза се приклучи и еволуцискиот психолог Сатоши Каназава од Лондонскиот универзитет, кој тврди дека згодните родители имаат повеќе шанси да добијат ќерка отколку синови.
Примери на убави мајки и ќерки има многу. Три генерации на убавици, секако, се култната Ингрид Бергман, нејзината ќерка Изабела Роселини и внуката Елетра Роселини Видеман. Заносните русокоси Џери Хол и ќерката Џорџија Меј Џегер докажуваат дека јаболкото не паѓа далеку од дрвото. Меѓу најпознатите холивудски двојки мајка-ќерка се Голди Хоун и Кејт Хадсон. Анџелина Џоли личи на својата мајка Маршелин Бертранд, а полните усни и убавината ги наследи и Шило Џоли Пит. (К.Ш.) |