Милошоски призна дека немало покана во 1995

Според министерот, политиката на Грција е националистички каприц

Слободанка Јовановска


Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, го нарече националистички каприц однесувањето на Грција, порачувајќи дека нашата држава досега направила премногу отстапки и не може натаму да ја плаќа цената на нерационалното однесување на таа држава.

Тоа беше одговорот на министерот на прашањето дали Македонија ќе го следи примерот на Србија, која се откажа од петнаесетина проценти од својата територија заради евроинтеграцијата, па и таа да направи некаква отстапка околу името што ќе ги одблокира преговорите за членство во Унијата.

„Тоа е прашање на кое треба да одговори народот“, порача најпрво Милошоски, но потоа додаде дека Македонија досега направила повеќе компромиси токму за да напредува земјата и дека има платено премногу за да задоволи одреден национален, политички и националистички каприц на Атина. Време е двете страни со иста волја да пристапат кон решавање на ова прашање за да се оствари целта, порача тој, додавајќи дека Генералното собрание на ОН е добра можност да дојде до таков дијалог. Македонија не е таа што го кочи решението, изјави Милошоски, додавајќи дека тоа нема да биде можно ни со наметнување.

На прашањето, има ли охрабрувачка порака од дводневните средби во Брисел, Милошоски одговори дека има две вести - првата, дека очекува извештајот да остане позитивен за Македонија и втората, дека останува пречката да се донесе одлуката за преговорите.

Тој делумно ретерираше околу изјавите за 1995 година, односно фамозните тврдења дека Македонија одбила членство во ЕУ и во НАТО под референцата БЈРМ, оценувајќи дека темата станала поактуелна отколку што заслужувала. Според него, Македонија со својот слаб реформски исчекор, фокус и недостиг од приоритети за евроинтеграцијата, пропуштила да се најде во Агендата 2000, која била подготвувана во 1997 година.

„Тоа не значи дека треба да постои нешто конкретно, дадено напишано и одбиено, туку дека државата и општеството во тој период не биле подготвени да постигнат конкретен и силен напредок“, изјави тој.


#