Мислења
Држава-убиец
Ивор Мицковски
На оваа власт и' одговара ваквата кадифена младина.
Од аспект на симболика, а симболиката секогаш била важна за ДПМНЕ, како би ја опишале денес Македонија? Во ноќта кога се слави изборната победа, се случува убиство на млад човек. На помалку од 24 часа од победата, спектакуларно е уапсен еден политички опонент на власта, а на друг му се нападнати домот и семејството. Каков знак е тоа? Дали се ова добри знаци? Каков почеток е ова на еден нов мандат за партијата, која веќе пет години е на власт? И ако почетокот е ваков, што ли можеме да очекуваме по сево ова?
Замислете, демонстрацијата на силата е првиот знак на старо-новата власт. А, сега, замислете да беше испратена една поинаква симболика, некаков знак на помирување, некакви потези на благост и на олабавување на притисокот. Но, не, помирувањето и благоста се против логиката на овој систем, тие се косат со принципите на владиниот антисистем.
Можеме да негираме колку сакаме, но власта е во добивка и кога се случуваат вакви грозоморни нешта. Таа е во добивка бидејќи ни порачува дека е опасна, сурова и насилна, дека нема граници за нејзината бесчувствителност. Таквото однесување беше постојано манифестирано, беше пакувано во мали и редовни дози за полесно да го прифатиме. Но, никогаш не се случило во еден ден да дојдат до израз толку насилни и наводно неповрзани нешта. Многумина коментираа и дека апсењето на Љубе е само дел од сценариото за прикривање на убиството. Не верувам! Се' било испланирано, насилството по природа на нештата, се поклопува, се поврзува, тоа не може да постои засебно или независно, тоа секогаш пронаоѓа врски со друго насилство. И тоа е нормално кога креаторот на насилството е еден ист, додека само извршителите се различни.
Оваа ескалација се случува затоа што на власта не и' се допадна што граѓаните во последната година покажаа дека не и' се плашат повеќе. Тоа се потврди и на самите избори каде што повеќе од 370.000 граѓани и' се спротивставија. Убеден сум дека повеќе од некаква радост од победата, насилниците од ДПМНЕ се' уште си ја маваат главата од ѕид и не можат да разберат зошто толку многу луѓе не ги сакаат. А историјата покажала дека кога вмровец нешто не разбира, а особено кога станува збор за овие од ДПМНЕ, тогаш решението е насилство и сеење страв. Сега, основната работа е да не паднеме во нивната игра, повторно да почнеме да се плашиме, затоа што тоа е единственото нешто што го посакува власта.
Покрај насилството на власта, се покажа и сета нејзина гебелсовштина. Се обидоа да го прикријат убиството, се обидоа да го уплашат и семејството на убиениот. Владините медиуми покажаа сервилност и непочитување спрема граѓаните и спрема сопствената професија, што не се опишува со зборови. Власта се обиде да го спаси убиецот, а сега се обидува да ги спаси неговите соучесници. На крај, ќе мора да ги пушти сите низ вода за да се спаси самата себеси. Но, фотографиите и зборовите ја разоружуваат и најбедната пропаганда и секое бегање од одговорноста. Фотографиите покажаа дека убиецот неколку часа пред грозоморниот чин, бил на само два метра од премиерот. Зборовите на мајката на убиеното момче ја кажуваат неоспорливата вистина: државата го уби нејзиниот син. А државата значи системот, а системот значи власта, а тоа, пак, значи партијата на власт.
Многу се лесни за разбирање логиката и системот на оваа власт. Логиката е проста: луѓето мора да се свесни дека сме опасни, можеби поединецот ќе настрада, но затоа ќе владее стравот. Убиства од страна на полицаец се случувале и се случуваат насекаде во светот. Некогаш поради грешка, некогаш поради непромисленост. Но, кај нас убиството е изблик на владиниот антисистем. Добивме антисистем каде што владее преторијанската свест. Кај нас, блиските до власта, нивното обезбедување, одбраните полицајци, партиските војници, се чувствуваат како преторијанци. Мислат дека можат да прават што сакаат само затоа што се блиски и затоа што го чуваат царот. Работат за пари и само со пари се купува нивната лојалност, само така императорот може да биде сигурен во нив. Сите се плашат од преторијанецот. Преторијанецот е толку моќен што ако во некој момент почувствува дека царот греши, тој може и него да го убие. Кај нас ништо не е случајно, постои систем во постојаното создавање страв. Затоа, кај нас убиството од страна на полицаецот не е чин на еден луд или невнимателен полицаец, туку е резултат на еден луд систем.
Македонија, со сета своја ограниченост, покажа отпор кон овој антисистем, не дозволи неправдата да пројде незабележано. Сакам да ја пофалам доблеста на сите оние што излегоа на улиците затоа што излегле за вистинско нешто. Излегле поради голема неправда, а младиот човек има неверојатно чувство да детектира неправди. Но, кога ќе погледнеме малку подалеку од тоа чисто и нерасипано чувство, стануваме свесни како недостасува чувството за тоа што потоа.
Протестот успеа преку социјалните мрежи и со првата вечер на улица ја исполни својата функција. Оттогаш натаму протестите немаат ниту постигнато ниту променето нешто суштинско. Може да се лажеме дека протестот е постигнување сам по себе, но не е. Македонија покажа дека има твитераши и неуморни активисти на социјалните мрежи, но и дека нема граѓанство што е способно да го артикулира својот протест. Од тој аспект и натаму сме „селска држава“, една длабоко провинцијална средина.
Многумина од оние што протестираат и некои од нив што се замислуваат за морални лидери или организатори на протестот немаат никаква врска со граѓанството, со толеранцијата, со солидарноста. Граѓанинот, како прво, не е маргиналец, не е некој што има тенденција спрема гетоизација и самоизолација. Граѓанинот, конечно, нема цел да се декларира единствено како независен и насочен сам против сите. Граѓанинот не е Дон Кихот, сам против ветерниците. Граѓанинот е целина, тој треба да претставува една колективна свест, која во постигнување на својот протест, во подигањето на општата свест, има потреба и цел да се обрати на што поголем број луѓе, да развие соработка со сите оние што ја поддржуваат неговата кауза или се борат за истата кауза. Само кај нас граѓанството се меша со помодарство. Само кај нас некои од оние што се сметаат за граѓани мислат дека постои монопол и дека самите тие треба да креираат некаква хегемонија над таа општествена состојба, обврска и функција. Произлегува дека за нив граѓанството е работна задача, корпорација отворена само за одбрана група луѓе, кои себично и свесно се штитат од конкуренцијата. Конечно, не е никаков граѓанин оној што си дозволува да осуди друг човек дека поради својата работа, своите убедувања, различните или партиските заложби, нема право да ја изразува својата граѓанска свест.
Затоа ми се смешни сите оние што се повикуваат на некаква независност или, пак, ја покануваат политиката да се држи подалеку од протестите. Па, што се протестите ако не политика, ако не се насочени против некаква политика? Против што протестираме, против нешто што треба само од себе да се смени или против нешто што сакаме да го промениме? Некои велат: сакаме да се дистанцираме од политиката, сакаме помалку политика, доста ни е од политиката! Не разбираат дека на Македонија и' е потребно повеќе политика, не помалку политика. Тоа не значи дека ни се потребни повеќе политички партии и политичари, туку повеќе здрави и артикулирани политички ставови и поголемо обединување околу нив.
Кога човек протестира против ваква неправда, против неправда создадена од системот на државата, од партијата што владее, тогаш тој мора да го разбере контекстот во кој се наоѓа. За да не се повтори ова, потребно е да се смени системот и не е доволно само да изгледаме храбри, независни или емотивни. Ако не го смениме ова што ни се случува, тогаш се' е безвредно, тогаш овие протести немаат ама баш никакво значење.
Оние дечки што и натаму живеат со некакви заблуди за нерасипана, чиста, апсолутна независност и аполитичност, а притоа демонстрираат центрипетални тенденции и се самоисклучуваат, тие не го плашат антисистемот на власта и тие нема ништо да променат.
На оваа власт и' одговара ваквата кадифена младина.
(Авторот е аналитичар) |