Прегласувањето ќе решава за најмалку десет пратенички места

Прераспределба на мандатите најмногу ќе има меѓу ДПА и ДУИ, а коалиција на ВМРО-ДПМНЕ може да загуби 1 место

Светлана Унковска

Прегласувањето што ќе биде спроведено в недела во Првата, Втората и во Шестата изборна единица на вкупно 193 гласачки места со запишани околу 170 илјади избирачи значително ќе влијае на мандатите на новиот пратенички состав. Комбинаториките за тоа колку повтореното гласање ќе влијае на бројките и на соодносот на партиите се многу, но со оглед на тоа што промената на мандатите зависи и од процентот на одѕивот на гласачите, теоретски бројката од 170 илјади гласачи може да влијае на избор на дури 20 пратенички места. Но, ако се земе предвид дека просечниот одѕив на гласачите изнесува од 50 до 60 отсто, најверојатно, ќе може да се очекува во прашање да бидат околу 10 пратенички мандати. Сепак, прераспределба на мандатите најмногу ќе има на изборните конта на двете албански најлути противници ДПА и ДУИ, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ може да изгуби едно пратеничко место. Дополнително ќе се знае и дали бројот на избирачките места каде што ќе се прегласува ќе биде поголем откако и Врховниот суд ќе одлучува по жалбите на партиите.

Засега е сигурно дека најмногу поместувања на мандатите ќе има во Шестата изборна единица, каде што, најверојатно, двете партии на Албанците ДПА и ДУИ видно ќе го изменат досегашниот резултат. Во тетовско-гостиварската изборна единица ќе се прегласува на 127 избирачки места, каде што има околу 110 илјади избирачи, што би можело да решаваат најмногу за десетина пратеници, а тоа значи дека во оваа изборна единица засега сигурни остануваат мандатот на исто толку пратеници, во кои не се очекува да има промена и на освоените пратенички места на коалициите од македонскиот блок партии, во која коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои три мандати, а „Сонце“ еден мандат.

Во албанскиот блок партии, каде што и најмногу се калкулираше кој е победник и кој има освоено најмногу пратеници, по пребројувањето на гласовите на 1 јуни неофицијалниот број на пратеници беше по 13 за ДУИ и за ДПА и уште еден пратеник за ПДП, но со повтореното гласање се очекува разликата на бројот на пратеници да отскокнува.

„По 15 јуни, очекуваме да стигнеме до 20 мандати, а бројот на пратениците на ДПА ќе се намали на осум, а најмногу може да стигнат до девет“, вели Абдулаким Адеми од ДУИ. Ваквата прогноза тој ја базира на тоа што на местата каде што ќе се прегласува на ДПА и' се поништени околу 58 илјади гласа, кои, како што вели Адеми, се добиени со полнење на кутиите, а не како израз на волјата на гласачите. ДУИ поднесе жалби до Врховниот суд за уште осум избирачки места, од кои седум се во Шестата изборна единица во Тетово и во уште едно избирачко место во „двојката“ во Љуботен.

И од ДПА тврдат дека по прегласувањето ќе бидат апсолутни победници, затоа што повтореното гласање се врши онаму каде што тие на 1 јуни освоиле најмногу гласови, а сега очекуваат граѓаните уште помасовно да гласаат за нив. Неофицијално, во партијата на Мендух Тачи се прогнозира дека по повтореното гласање, ќе освојат уште околу 60 илјади гласа, што заедно со гласовите кои ги имаат ќе освојат најмалку 15-16 места, додека за својот политички ривал ДУИ очекуваат да остане најмногу со 11 пратеници. Од ДПА велат и дека до Врховниот суд ќе ги обжалат сите оние избирачки места кои им се одбиени од ДИК. Извори од партијата истакнуваат и дека најавата за повлекување од прегласувањето се' уште останува како опција, но за тоа ќе реши откако ќе видат како одлучил Врховниот суд по нивните жалби.

И во Првата и Втората изборна единица ќе има извесно поместување на мандатите. Во Првата, скопска изборна единица, повторно ќе се гласа на 26 избирачки места со околу дваесетина илјади гласачи. Во теоретска можност од околу стопроцентен одѕив на гласачите, може да дојде до промена и на три мандати од првичната неофицијална бројка пратеници.

Во Втората изборна единица на повтореното гласање својот глас ќе имаат можност да го дадат околу 35 илјади гласачи, што може да го измени односот на околу пет пратенички места. Во оваа изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат на прегласувањето да изгубат еден мандат, кој би се прераспределил во албанските партии.

Анализите на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека освен во „двојката“, каде што од 12 ќе останат на 11 пратенички места, очекуваат да ги задржат другите мандати и тоа во „шестката‘ да им останат трите пратенички места и во „единицата“ со 11 мандати, со што изборното конто ќе биде 63 пратенички мандати. Од СДСМ очекуваат да го подобрат резултатот, и тоа во Шестата изборна единица, каде што сметаат дека е можно да освојат уште еден мандат и со тоа бројот на пратениците да го зголемат на два.