Несреќата на македонски студент ја разбуди хумана Америка

Мрежа на доброволци понудија сместување, пари, физичка помош, визи и молитви за студентот со скршен ’рбет и за неговото семејство од Македонија

Игор Петрески беше здрав 20-годишен студент од Македонија кога дојде во Остин, во мај, со програмата за работа и студирање. Тој беше само три дена во Остин кога се случи несреќата, која му го смени животот засекогаш. Додека се обучуваше за спасител, Петрески скокна во базенот на глава и го скрши вратот, поради што сега му е парализиран долниот дел од телото.

Она што овој млад човек, со многу тешка повреда и оддалечен од дома, не го знаеше кога се случи несреќата е дека серија коинциденции и извртувања на судбината ќе донесат двајца странци од Вестбанк, а преку нив и неверојатна поддршка до неговата постела.

Додека Петрески лежеше во бессознание во универзитетскиот медицински центар „Бракенриџ“, Логан Бенет и неговата идна сопруга Стефанија беа во посета на нејзиното семејство во Македонија, каде што планираа да направат венчавка.

Попат запреа во една мала пекарница и наидоа на лекарката Ели Карчевар, роднина на Стефанија. Кога го претставија кумот Клеј Ливингстон и споменаа дека тој е од Остин, лекарката извлече белешка од својот џеб на која пишуваше „Игор Петрески, болница ’Бракенриџ’, Остин, Тексас“.

Двојката застана во родниот крај на Петрески, Струмица. Кога дознаа што се случило со Игор, ги повикаа родителите на Логан Бенет, жителите на Вестбанк, Кајл и Кетрин Бенет. Кетрин Бенет е долгогодишен волонтер во „Бракенриџ“ и за десетина минути по повикот двајцата беа во автомобил и се упатија во болницата. „Едноставно беше природно да му се помогне“, вели Кетрин Бенет.

Родителите на Петрески допрва требаше да стигнат од Македонија, а семејството Бенет го помина попладнето крај неговата постела. Петрески, кој беше на респиратор, не можеше да зборува, а Бенетови не беа сигурни дека ги разбира што му зборуваат. Следниот ден тие требаше да отпатуваат за да им се приклучат на Логан и Стефанија Бенет во Македонија, па преку електронска порака го известија свештеникот Лин Бартон од Обединетата методистичка црква „Вестлејк“ и побараа да помогне. Бартон ги информираше по електронски пат Мери Лу и Боб Бетлан, долгогодишни пријатели на црквата, и како бранови во вода почна да се шири мрежата за поддршка за Петрески.

„Тоа можело да му се случи на кого било од нас“, вели Мери Лу. „Првпат кога дојдов да го посетам Игор, сакав само да зборувам со неговите родители и да им ја понудам мојата поддршка. Тој ја зграби мојата рака со таква сила што ми даде сила“, додава таа.

Кога семејството Бенет се вратило од Македонија, се запознале со родителите на Петрески, Соња и Ѕвонко. „Тоа беше моментално пријателство“, се сеќава Кајл Бенет. Петрески, кои го напуштија домот во Македонија и се откажаа од своите работи, живеат со семејството Бенет околу два месеца додека нивниот син е во болница, прво во „Бракенриџ“, а сега во Центарот за рехабилитација „Сент Дејвид“. „Тие ги прифатија, им обезбедија сместување и се грижеа за нив“, вели Игор, привлечен млад човек со големи темни очи. „Навистина е чудно бидејќи сме тотални странци, а секој сака да помогне“. „Некогаш, можеби, странци, но сега повеќе како семејство“, додава Кајл Бенет

„Многу ми е полесно да се сконцентрирам на моето закрепнување, да ми биде подобро, да зајакнам“, вели Петрески, знаејќи дека неговите родители се згрижени. „Во почетокот мислев дека тоа се лажни очекувања, но три месеци подоцна, тие се' уште се тука. Тоа не се лажни надежи“.

Кејти Стронг, исто така, жител на Вестбанк и член на Обединетата методистичка црква „Вестлејк“, дознала за Игор и понудила помош. Нејзината ќерка Лизи, која пред неколку години доживеала крвавење во мозокот, поминала некое време во центарот „Сент Дејвид“. „Целосно разбирам низ што поминуваат Соња и Ѕвонко, бидејќи го поминав тоа со Лизи“, вели Стронг. Кога таа и нејзината ќерка патувале во Калифорнија заради неколку хируршки зафати на мозокот, околу нив се формирала слична мрежа на поддршка од странци. „Ова е моја шанса да се оддолжам“, додава таа.

Откако бил раширен повикот, десетици луѓе се приклучиле во мрежата нудејќи пари, храна, молитви, користење автомобили и куќи, болнички посети и емотивна поддршка. Мрежата се проширила и надвор од Обединетата методистичка црква „Вестлејк“, во Темпл Бет Израел и Темпл Бет Шалом, кај други членови на заедницата Вестбанк, Балканската заедница на имигранти и странци кои ја дознале сторијата за Петрески од еден на друг пријател. Приврзаниците, кои често пати се собираат во болничката соба на Игор, признаваат дека серијата настани што ги соединила е поттикнувачка. „Нема ништо добро во оваа ситуација, но навистина е корисно да се биде дел од неа и да се види како сите се обединуваме“, вели Кајл Бенет.

Петрески е на пат да закрепне и со многу труд еден ден можеби повторно ќе прооди. Неговата решителност и позитивниот став се чудесни. Неговите лекари прекинаа да даваат прогнози, бидејќи Петрески продолжува да докажува дека грешат. Се очекува Петрески да биде пуштен од „Сент Дејвид“ за неколку дена, а доброволци подготвија стан за него и за неговите родители во близина на Универзитетот „Сент Едвардс“, каде што се надева дека наскоро ќе започне да оди на настава. Следните 18 месеци се клучни, велат луѓето околу Петрески. Иако минува низ интензивни рунди на физикална терапија, неговата мрежа работи за да организира финансиска поддршка, визи за него и за неговото семејство и да најде начин како да го продолжи образованието. „Тука имаме повеќе пријатели отколку во Македонија“, вели таткото на Игор Петрески.

„Кога Игор ќе ја напушти болницата, прво ќе ја посети Обединетата методистичка црква ’Вестлејк‘, бидејќи сака да го види местото кое им понудило толку голема поддршка на целото негово семејство. Потоа ќе правиме скара“, вели Ѕвонко Петрески. (Вестлејк Пикејин)


#