Девалвирање на парламентот - закон за 35 секунди!


Опозицијата го напушта парламентот

Владата не може да предложи толку закони колку што може да усвои Собранието

Билјана Јовановска

Сакавте брзо и ефикасно Собрание - е, па, го добивте! Законот уште не' ни „легнал“ на собраниските клупи, а веќе е усвоен. На ред стасал друг. Со невидено темпо и леснотија за 14 работни дена, парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги урна сите рекорди. Изгласаа дури 94 закони, што е веројатно рекорд и за Рипли. Многу од нив на корицата го имаа знаменцето на ЕУ. Тоа се факти за македонската реалност. Наспроти најелементарните правила, во Собранието на Република Македонија законите се носат на „диво“. Турбогласачката машина не само што не е никаква гаранција за нивниот квалитет, туку директно се коси со сите важечки закони и правила за функционирање на еден нормален парламент.

До неодамна во Собранието и надвор се прераскажуваше рекордот како за три работни седници, главно без никаква расправа, беа донесени 66 закони од кои 12 се европски. Сега кружи друг рекорд: како што измерила опозицијата, за донесување еден закон биле потребни само 35 секунди! Апсурдот да биде поголем, новиот состав на парламентот се' уште не стасал ниту да ги формира собраниските комисии, кои се неопходни за негово функционирање.

Едноставно, имаме ситуација во која Владата не може да предложи толку закони колку што Собранието може да усвои. Дали ваквата „ефикасност“ на законодавниот дом ќе биде забележана и во наредниот извештај на Европската унија, ќе видиме наскоро. Засега, Собранието не се осврнува на забелешките на опозицијата и на експертската јавност дека така не може и не смее да функционира ниту еден парламент. Новото парламентарно мнозинството, како што велат, нема намера да го менува ниту курсот, ниту темпото на работа.

Професорката Тања Каракамишева од скопскиот Правен факултет вели дека Собранието мора да работи согласно со Деловникот, а кога станува збор за донесување закони, доколку не се работи за закони, чие усвојување бара итна постапка, тие минуваат низ три задолжителни фази. Ако предлагач е Владата, појаснува Каракамишева, најнапред текстот го разгледува Законодавно-правната комисија, која мора да констатира дали се содржани сите услови за донесување на предлог-законот. „Дури откако ќе даде позитивно мислење, предлог-законот го доставува до соодветната собраниска комисија од областа за која се однесува законската регулатива. Доколку нема забелешки, новиот законски текст се доставува до претседателот на Собранието, кој го става на дневен ред на пленарна седница. Со тоа започнува втората фаза од донесување, додека третата подразбира дискусии, доставување и разгледување на предлог-амандманите и, конечно, изгласување на законот“, прецизира нашата соговорничка. Но, Каракамишева додава дека посебна прикаска е тоа што техничка Влада, каква што е постојната, не може да предлага закони.

Според Андреј Жерновски од ЛДП, денес во Македонија имаме Собрание кое работи спротивно на уставните одредби кои налагаат законодавната власт да ја контролира извршната власт. „Кај нас состојбата е обратна. Што е уште пострашно, Собранието функционира како владина агенција во која се верификуваат сите предлози од страна на Владата, без оглед на квалитетот. Изминатите денови бевме сведоци дека се носат закони за само 35 секунди! Спротивно на сите европски искуства, Владата му понуди на парламентот закони и документи кои не требаше и не смееше да се најдат на дневен ред. Се носат закони кои, спротивно на Деловникот, воопшто не знаеме колку ќе чинат, бидејќи такво нешто не е посочено“, објаснува пратеникот на опозиционата ЛДП. Тој го посочува владиниот предлог за отворање на новото министерство за информатичко општество, за кое никој не знае колку ќе ја чини државата. Во истиот куп незаконитости спаѓа и изгласувањето на ребалансот на Буџетот, кој не е донесен во согласност со Законот за буџети. „Ова е типично силување на демократијата, бидејќи кога се носи Буџетот, неопходно е да поминат барем десет дена за пратениците да имаат време темелно да ја разгледаат неговата содржина. Ребалансот на Буџетот, на општо изненадување, во Собранието се задржал само два-три дена. Реагиравме, но мнозинството немаше слух за нашите аргументи и тоа е една од главните причини зошто ЛДП одлучи да ја бојкотира работата на Собранието“, вели Жерновски. Тој смета дека е нелогично да седат во таков парламент и со своето присуство да му даваат легитимитет на таквиот брутален режим, односно да соучествуваат во недемократската процедура.

Неофицијално, опозицијата ќе остане надвор од парламентот се' додека е претворен во обична гласачка машина. Или, поконкретно, ќе се вратат кога во Република Македонија ќе се врати демократијата.