Американска шлаканица за изборите

Амбасадорката на САД остро ги критикуваше изборите, на кои, според неа, десетици илјади гласа се украдени

Жаклина Хаџи-Зафирова

„Десетици илјади гласа беа украдени од граѓаните на изборите на 1 јуни кои не ги исполнија меѓународните стандарди. На прегласувањето за две недели не смее да има никакви заплашувања, насилства или измами“. Ова е пораката која вчера ја испрати американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ, изнесувајќи остри критики за изборните насилства и инциденти што се случија во неделата.

„Изборите на 1 јуни не ги исполнија меѓународните стандарди, бидејќи беа регистрирани изборни измами и насилства. Со тоа гласовите на десетици илјади граѓани беа украдени. Во голем дел го знаеме тоа поради храброста на ’Мост‘. Сега е моментот да се започне со обнова на имиџот на земјата и, што е поважно, да се обнови вербата на граѓаните“, порача Миловановиќ на презентацијата на постигнатите резултати во првите три години од Проектот за зајакнување на граѓанското општество на УСАИД.

Таа е децидна дека мора да има прегласување на голем број избирачки места и се надева дека со тоа ќе им се даде можност на сите граѓани, чиј глас бил одземен, да добијат уште една шанса слободно да ја изразат својата волја. „Овој пат кога ќе има прегласување, не смее да има никакви заплашувања, насилства или измами“, рече Миловановиќ.

За оцената на премиерот Никола Груевски дека вината за изборните нерегуларности треба да ја сносат партиите од албанскиот блок, амбасадорката Миловановиќ истакна дека принципиелно одговорноста за тоа изборите да бидат слободни, фер и сигурни е на институциите на Владата.

„Очигледно е дека лидерите на политичките партии имаат одговорност да ги контролираат и да ги насочат своите симпатизери, имаат одговорност да не ангажираат или на друг начин да вработуваат луѓе кои користат оружје за заплашување. Првото ниво на одговорност е кај властите, значи кај Владата, МВР, Обвинителството и ДИК“, оценува амбасадорката.

„Не велам дека Владата не се обиде. Многу добри работи има направено, но не се доволни на ова поле и тоа е она каде што треба да се заврши подобра работа. Тука не станува збор за етнички Македонци или етнички Албанци, туку за граѓани на Македонија. Ако треба да одржите или сакате да имате единствена држава, тогаш прашањето не е за кој ентитет станува збор или во кој дел од земјата, туку за граѓани кои не сакаат да им бидат украдени избори со употреба на сила. А тоа е задача на власта која треба да ги обезбеди“, смета Миловановиќ.

Во врска со критиките дека некои припадници на полицијата биле повеќе лојални на партијата отколку на службата, амбасадорката на САД порачува дека законот мора да се почитува и луѓето кои се обидуваат да ги уништат изборите, да ги украдат гласовите мора да бидат спречени и обесхрабрени во намерите.

„Тоа е начинот на кој можете да ја поправите ситуацијата. Верувам дека имате многу добри полицајци. Мислам дека голем број од нив добро си ја завршија работата за време на изборите, но, за жал, имаше и поинакви. Колку што разбрав, и министерката за внатрешни работи се зазеде да се реши овој проблем околу луѓето кои не се дел од полициските сили и оние кои не беа во можност да си ја завршат работата, а можеби и самите жалат за тоа. Тоа е нешто на што треба да му се стави крај“, вели амбасадорката.

Таа апелираше да се сопрат „паралелните вооружени индивидуалци“ кои се поврзани со политички партии, а партиските лидерите, според неа, имаат одговорност да им кажат на тие луѓе дека и' наштетуваат на партијата со тоа што излегуваат со оружје и ги заплашуваат луѓето. Затоа Миловановиќ предупредува дека овие лица не смеат да се појават на прегласувањето.

Миловановиќ најостро демантираше дека американ��ката амбасада побарала оставка од лидерите на ДУИ и на ДПА, Ахмети и Тачи. „Тоа е апсолутна невистина и никогаш не сме кажале или сугерирале нешто такво, или, пак, сме кажале дека треба да се случи“, додаде амбасадорката.

Прашана за проблемот со името, Миловановиќ рече дека американската Влада ќе продолжи да помага за олеснување на процесот во наоѓање решение за името меѓу Грција и Македонија. „Би сакале да се постигне тоа колку што е можно поскоро, отколку подоцна, бидејќи има многу причини поврзани со поканата во НАТО, но, исто така, и добрососедските односи и способноста да постигнете односи кои се добри за двете земји. Мислам дека е важно да се фокусирате на целта на овој договор, а целта е да се реши ова прашање со што ќе се ослободите од привременото име под кое Македонија е примена во ОН“, оцени амбасадорката.

Според неа, целта на договорот не е да се промени мислењето на сите во двете земји за тоа кој е во право, а кој не е. „Мислам дека е важно да се фокусирате на обидот да се постигне некој договор, кој секако нема да помогне во атмосферата една или друга страна да стапи во одредени активности што ќе предизвикаат нервоза кај другата страна“, коментираше Миловановиќ.

Еленовски не верува дека ќе го стигнеме 9 јули

Министерот за одбрана Лазар Еленовски, повторувајќи дека Македонија ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата, изјави дека „не можеме да го стигнеме рокот на 9 јули, кога почнуваат пристапните преговори со Албанија и Хрватска со НАТО, меѓутоа мислам дека тоа прашање може да се затвори за шест-седум месеци и на јубилејниот самит на НАТО во април идната година да влеземе заедно со нив“, појасни министерот Еленовски. (Д.Р.)