18.10.2012, 12:52

Мистериозно исчезнување на првата дама на Северна Кореја

Едни веруваат дека и' се замерила на закоравената гарда на раководството на Северна Кореја, додека другите сметаат дека не се појавува во јавноста зашто е бремена

Мистериозното исчезнување од јавноста на Ри Сол Џу, младата сопруга на севернокорејскиот диктатор Ким Јон Ун, која досега упадливо често беше присутна во медиумите и се истакнуваше со модерниот стил, предизвика низа претпоставки. Едни веруваат дека и' се замерила на закоравената гарда на раководството на Северна Кореја, додека другите сметаат дека не се појавува во јавноста зашто е бремена.

Првата дама на Северна Кореја веќе 40 дена не е видена во јавноста, а со оглед на нејзините поранешни зачестени појавувања, тоа е многу долго. Ри Сол Џу, бивша пејачка на севернокорејскиот бенд „Пончонбо електроник ансамбл“, од јули годинава и официјално важи за сопруга на „младиот генерал“, но пред тоа била забележана како негова придружничка при официјалните церемонии.

Нејзината елегантна облека и чанти на познатите креатори драстично отскокнуваат од вообичаената слика на севернокорејска жена - во здолништа и торбести костуми од кафена и маслинеста боја, со задолжителната значка со ликот на Ким ил Сунг на реверот.

Новиот стил добро се вклопува во настојувањата на нејзиниот сопруг да ја модернизира земјата, но има и такви кои веруваат дека тоа и' донело непријатности, односно дека отишла предалеку кога значката на реверот, симбол на приврзаност на владејачкото семејство Ким, го заменила со цветен брош.