Фељтон

Колку УДБ-а беше нашата судба (10)

Богдановски починал разочаран и сам

Мртвото тело на најпознатиот македонски политички емигрант го пронашле во возот со кој патувал од Шведска за Германија

Виктор Цветаноски


Драган Богдановски беше еден од најпознатите македонски политички емигранти, кој беше најмногу следен од УДБ-а, а во 1977 година киднапиран од Франција и тајно доведен во Македонија. На судскиот процес зад затворени врати е осуден на 13-годишна робија.

Кој е, всушност, Богдановски? Дали навистина бил толку голем непријател на Титова Југославија за УДБ-а да преземе таква спектакуларна акција и да го доведе во Македонија за му му се суди?

Според луѓето што контактирале со него во странство, Богдановски се борел за остварување на македонските илинденски (Гоцеви) идеали за ослободување и обединување на сите делови на Македонија. Меѓутоа, и самиот тој лично не верувал дека таа цел може реално да се оствари.

„Богдановски јавно ми го призна тоа. За време на една средба ме праша во доверба: ’Војводо‘, тој секогаш така ми се обраќаше, ’сакам искрено да ми кажеш. Дали веруваш дека можеме да создадеме самостојна, обединета македонска држава. Му реков дека не верувам. ’И јас мислам така, ама ние се бориме за да оставиме за идните поколенија да знаат дека имало луѓе што многу ја сакале Македонија и се бореле за неа, за и тие да се борат и да ја сакаат’. Бевме свесни дека до обединување не може да дојде. Во тогашно време Југославија беше неврзана, Бугарија членуваше во Варшавскиот пакт, а Грција во НАТО. Ние гледавме на состојбите реално и не мислевме дека можеме да ги прекроиме границите што веќе ги создале големите сили. Тогаш дури и не верувавме дека ќе се распадне комунизмот и ќе се создаде самостојна македонска држава на еден дел на етничка Македонија. Меѓутоа, се случи и тоа“, раскажува Мане Јаковлески, тогаш познат македонски угостител во Германија, кој бил многу близок со Богдановски.

Според него, Богдановски првпат ќе биде оквалификуван како противник на Југославија по еден состанокот со Владо Дапчевиќ, најпознатиот информбировец, кој тогаш со поддршка на тогашен СССР во странство формирал нова партија - Нова КПЈ, со цел Југославија да ја приклучи кон Варшавскиот договор. Така, УДБ-а започнува постојано да го следи преку свои луѓе или, пак, преку гастарбајтери од кои барала да соработуваат со неа. Иван Бабановски, кој во тоа време работел во СДБ, признава дека покрај тоа што го следеле во странство, многу луѓе со кои имал контакт во Македонија, соработувале со службите. Според него, 95 отсто од луѓето што биле околу Богдановски и имале некакви врски со него ги информирале, некои од материјални причини, други поради привилегии, а некои од патриотски побуди.

Македонските тајни служби толку многу биле инволвирани меѓу нашата емиграцијата што дури успеале преку свои агенти да ги напишат текстовите за списанието „Македонска нација“ на ДООМ и да го отпечатат во Скопје.

„Еден нивни агент дојде кај нас во Берлин во 1975 година од Австралија. Ни се претстави како голем македонски патриот. Сиот беше накитен со македонски симболи и вооружан со пиштоли. Бевме среќни кога ќе дојдеше кај нас таков човек, а него го сметавме за голем Македонец и дури го зедовме кај нас дома, го прифативме како наше дете. Работеше на шанкот во нашиот ресторан ’Ново Скопје‘ и постојано зборуваше за Македонија. Со него се зближивме многу. Неколкупати од Австралија ни се јавуваа и не' предупредуваа да бидеме претпазливи со него. Тврдеа дека тој е уфрлен кај нас од УДБ-а. Но, ние не го прифаќавме тоа, мислејќи дека нивните процени се погрешни. Самиот тој ни раскажуваше дека бил во Австралија и дека таму им растурил некој антимакедонски собир на Грците. Многу ни помогна во 1976 година во Берлин да организираме на Илинден голема македонска прослава, без фотографии на Тито и југословенската химна. Незамисливо беше во тогашно време да се организира таква прослава. Дојдоа повеќе македонски емигранти и тогаш јасно покажавме кои сме“, раскажува Јаковлески за човекот што им го уфрлила УДБ-а.

Меѓутоа, кај нив се' почесто почнале да им се јавуваат од Австралија, а дознале дека и германските тајни служби го следат и сакале да го апсат. „Дури тогаш сфативме дека човекот кому најмногу му верувавме е човек на

УДБ-а. Тогаш украде еден автомобил и со него замина во Минхен каде што ги испокрши македонските букви во печатницата во кои се печатеше ’Македонска нација’. Додека беше кај нас, по негово инсистирање, два броја на списанието беа печатени во Скопје“, раскажува Јаковлески.

Како што тврдат неговите приврзаници, македонските тајни служби во прво време не ќе сакаат целосно да го елиминираат Драган Богдановски, бидејќи тој со своите активности бил голема брана против пробугарските и прогрчките пропаганди меѓу македонските печалбари.

„Имав можност да го читам неговото досие и досието на брат ми Гојко и од нив заклучив дека македонската УДБ-а имала поголема полза од активноста на ДООМ отколку штета, затоа што оваа организација беше против Ванчо Михајлов. Доколку не беше ДООМ, многумина македонски емигранти можеа лесно да потпаднат под влијание на Михајлов. Богдановски беше против МПО и во ’Македонска нација‘ често пишуваше против оваа пробугарска организација“, објаснува Јаковлески.

Според него, ДООМ не била многу голема организација. Македонците во странство се плашеле да се зачленуваат во неа, затоа што се изложувале на голема опасност. Оној гастарбајтер што ќе сакал да стане нејзин член, однапред ризикувал да биде цел живот следен од УДБ-а. Во ДООМ членувале македонски патриоти што ја сакале Македонија и што јавно кажувале дека се за нејзино осамостојување и обединување, но никогаш не презеле никакви конкретни активности против Југославија

Јаковлески кога говори за познатиот македонски политички емигрант ни открива и една тајна, која, како што вели, за првпат ја соопштува пред јавноста. Во 1991 година Богдановски, Стојче Наумов и човек на Љупчо Георгиевски заедно заминале во Софија за да се сретнат со тогашното бугарско раководство. Биле примени на највисоко ниво од бугарскиот претседател Жељу Желев и од премиерот Попов. Побарале Бугарија да ја признае Македонија и таму да се организираат протести за нејзина независност.

„Побаравме Бугарија да преземе нешто ако биде нападната Македонија од Југословенската армија. Тогаш Желев и Попов ни ветија дека ќе добиеме се' што ќе побара македонската влада. ’Ние ве разбираме и ве поддржуваме, но не можеме да ве признаеме ако не го побараат тоа официјално од Скопје. Ако македонската влада достави барање, ние истиот ден ќе ве признаеме. Ако бидете нападнати од Србија и ако македонската влада побара помош, и тоа ќе ви го дадеме’. Во тоа време во Бугарија се пријавуваа доброволци да се борат на страната на Хрватска против Србија. Ни го покажаа огромниот список со нивните имиња. ’А што мислите, колку доброволци ќе се јават ако Македонија биде нападната?’, не' запрашаа тие“, раскажува Јаковлески.

Драган Бодановски е роден во 1929 година во село Клечовце, Кумановско. Неговиот дедо бил комита во четата на Атанас Бабата. Студирал во Белград на Факултетот за земјоделство и шумарство. Бил иницијатор за формирање „Македонски студентски клуб“ за што бил казнет на 4 месеци затвор и бил исклучен од факултетот. Пролетта 1950 година со уште неколкумина студенти пребегал во Грција, а оттаму заминал во Аргентина и во Бразил каде што останал до 1954 година. Потоа се вратил во Европа и во Париз, на Сорбона се запишал на Факултетот за политички науки и новинарство. Во 1958 година се оженил со Норвежанката Брита, ќерка на тогашниот главен архитект на Осло, со која има двајца синови, а неговите активности меѓу македонската емиграција биле главната причина да се разведе од неа. Неговите приврзаници велат дека таа пред да се разведе, му рекла: „Ти си венчан за Македонија, а не за мене“. Додека бил в затвор, синовите дошле во Скопје да го видат, но не им било дозволено.

Ве емиграција издавал неколку весници и бил иницијатор за формирање политички организации. Во 1963 година бил формиран Ослободителниот комитет на Македонија, кој десетина години подоцна се трансформирал во ДООМ -Движење за ослободување и обединување на Македонија.

Богдановски по излегувањето од затвор во 1989 година, извесно време живеел во Скопје, а по добивањето патна исправа, заминал во Шведска. Во 1990 година во Минхен заедно со Љупчо Георгиевски, Гојко Јаковлевски Владо Транталовски и Борис Змејковски ја формирале ВМРО-ДПМНЕ. На првиот конгрес одржан во Прилеп во 1991 година е избран за почесен претседател на партијата. По две години, ја напуштил ВМРО-ДПМНЕ разочаран од нејзиното раководство и повторно се вратил во Шведска. Починал на 31 мај 1998 година. Неговото мртво тело било пронајдено во возот со кој патувал за Германија. За смртта на Богдановски не се знаат многу детали. Шест месеци пред тоа со него се видел Гојко Јаковлески, кој го посетил во Шведска и заедно ја прославиле Нова година. Погребан е во Куманово два месеца подоцна.



(Продолжува)




#