Не се живее веќе ни на кредит

Отплатата на стари долгови кон банките ја намали потрошувачката на инвестициски кредити

Соња Маџовска


Граѓаните бегаат од нови кредити, земаат ако мораат, но само за да ги вратат старите, а бараат да им се одложи плаќањето на повеќе години за ратата да им биде помала. Кај граѓаните нема ни оптимизам дека во догледно време ќе паѓаат каматите. Растот на инфлацијата не дава надеж дека ќе поевтинат кредитите, напротив, очекувањата се дека тие ќе поскапат.

„Заглавив во повеќе банки со кредитни картички. Имав и автомобил земено на лизинг, но веќе го немам. Ми го одзедоа поради тоа што не можев да ги плаќам ратите повеќе од три месеци. Во една од банките побарав да ми ги соберат сите побарувања и да ми дадат еден кредит за да ги вратам сите долгови. Не побарав ни денар повеќе за нешто да ми остане. Ги покрив минусните салда на четири картички што ги имав во неколку банки и сега ги отплаќам како еден кредит во една банка на пет години. За нов заем не сакам ни да помислам бидејќи толку многу заглавив што не би знаел што да правам ако повтоирно се најдам во слична ситуација“, вели Горан Стојановски од Скопје.

Нашиот соговорник е принуден на земање кредити и картички затоа што само тој е вработен и има една просечна плата со која не може да го издржува четиричленото семејство, меѓу кои се и двете деца, кои одат на училиште, и плус да ги намири сите месечни трошоци за храна и за стан.

Оваа тенденција ја потврдуваат и банкарите. Од НЛБ Тутунска банка велат дека кај нив расте кредитирањето, но вкупниот раст е мал токму поради тоа што со новите заеми се покриваат старите кредити.

„Луѓето најчесто бараат потрошувачки и хипотекарни кредити за рефинансирање на старите долгови. Ако, на пример, долгот му изнесувал 5.000 евра, ��ој бара кредит од 6 до 7 илјади евра за да ги затвори старите и да му останат 1.000 евра. Затоа растот на кредитирањето е мал. И нов станбен кредити се бара за рефинансирање на стариот поради пониска камата, и се продолжуваат ратите“, вели Антонио Аргир од НЛБ Тутунска банка.

Нема веќе интерес ниту за автомобилски кредити, кои своевремено беа хит меѓу граѓаните. Намалена е и продажбата на нови возила, а половните автомобили повторно се враќаат во игра, па дури се случува клиентите да бараат кредити токму за таква намена.

И во Стопанска банка велат дека клиентите за време на економската криза, но и по нејзиното завршување, се повнимателни и подигнуваат кредити за поголеми набавки и потреби.

„Гледано од годишна перспектива, потрошувачките кредити и кредитните картички се најактуелни во периодот мај – септември. Токму затоа Стопанска банка почна со промотивна понуда за апликации за нови „мастеркард“ кредитни картички, со годишна каматна стапка од само 6,9 отсто за сите трансакции до крајот на годината. Веќе следната недела ќе биде промовиран и нов потрошувачки кредит со нови и подобрени услови, со што очекуваме максимално да го искористиме сезонскиот пораст во кредитирањето“, велат од Стопанска банка.

Во овој период Стопанска банка промовира неколку понуди за хипотекарните и станбените кредити, без административни трошоци. „По барање на клиентите, понудата за станбени кредити е продолжена и за јуни. Така, банката кај станбените кредити прифаќа и предимотен лист како документ врз кој може да се направи залог за хипотека“, објаснуваат од оваа банка. Од кредитните производи на банките најактивни се кредитните картички што се користат за купување на рати без камата.

Последните податоци од централната банка велат дека во април вкупните кредити на банките кај приватниот сектор забележале зголемување од 1,665 милиони денари, или само 0,9 на месечна основа, што преставува забавување во однос на месечниот раст во претходниот месец, изнесуваше 1,4 проценти. Овој тренд придонесе да дојде до умерено забавување на годишната стапка на раст на вкупните кредити до ниво од 7,8 отсто. Вкупното кредитно портфолио на банките во земјава изнесува 3,2 милијарди евра. (С.М.)


#