05.10.2011, 12:35

Продолжуваме да го одиме патот на сонцето




„Музичкиот јазик на овој проект е всушност сублимат на сето мое досегашно искуство и знаење од областа на музиката“, вели етно- музичарот Драган Даутовски, кој во петок (7 октомври) во клуб- ресторанот МКЦ (21.30 ч.) премиерно ќе го претстави својот најнов проект „Њу проџект“

Катерина Шекеровска

Ќе може ли поконкретно да ни објасните за што станува збор и што всушност ќе може да слушне публиката в петок во МКЦ каде што премиерно ќе го претставите својот најнов проект?

- „New project“ е нова, пред се, инструментална формација во која покрај електричната тамбура која по сопствени идејни решенија и за мои потреби ја изработи Ристе Ивановски од Скопје, самата формација и актуелниот инструментариум подразбира и овозможува простор за старо- нов музички израз. Велам старо- нов затоа што музичкиот јазик на овој проект е всушност сублимат на сето мое досегашно искуство и знаење од областа на музиката воопшто, мислам на музичките жанрови и правци на денешницата, изградени и надополнети врз темелите на пред се, традиционалната македонска, но и балканска музика.

Кон крајот на минатата година одбележавте 10-годишен јубилеј со голем солистички концерт во МОБ. Зад себе имате многубројни настапи, учества на фестивали, разни манифестации... Какви се наредните планови на „Драган Даутовски квартет“?

- Драган Даутовски квартет е проект на моето зрело уметничко творештво и врв на мојата- нашата изведувачка- концертна активност, која како формација и музички израз продолжува и понатаму полнокрвно да ја претставува македонската музика ширум домашните и светски сцени. Пред две недели во рамките на „Марибор фестивал 2011“, Словенија го имавме, убеден сум, најдоброто или поточно речено, најзрелото концертно издание. Можеби тој впечаток го насам поради фактот што на неколку композиции на сцената не придружуваше Васко Атанасовски на саксофон и интернационален гудачки камерен состав за кои подготвив специјални аранжмани. Во секој случај „Драган Даутовски квартет“ минатата година ги отвори страниците на второто десетлетие. Со бога напред продолжуваме да го одиме патот на сонцето!

Колку често настапувате со неолитската топчеста флејта?

- Со неолитската флејта настапувам не многу често, но затоа квалитетно! Последните настапи беа во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, кон крајот на јуни и на „Марибор фестивал 2011“ пред две недели.

(Целосното интервју со Драган Даутовски ќе може да го прочитате во утрешното издание на „Утрински весник“)