03.11.2012, 20:56

Бугарија не ја поддржува по секоја цена Македонија кон НАТО и ЕУ



На гробиштата во струмичко Ново Село, на празникот задушница им беше оддадена почит на војниците во Првата светска војна кои се бореле во бугарската армија

Струмица - На празникот задушница, кој Бугарите го празнуваат како Архангелова задушница, на гробиштата во струмичко Ново Село со воени почести, полагање цвеќе, литургија на свештеници на МПЦ-ОА и со интонирање на химните на Македонија и Бугарија, им беше оддадена почит на војниците во Првата светска војна кои се бореле во бугарската армија. Во последните неколку години Бугарите им оддаваат почит на загинатите војници закопани на гробиштата во Ново Село, откако гробовите беа обновени од страна на бугарската држава.

На одбележувањето присустуваше и бугарскиот амбасадор, Иван Великов Петков, кој за актуелните односи меѓу двете држави, кога македонскиот и бугарскиот претседател се допишуваат за тоа кои историски датуми се погодни за заедничко одбележување, воздржано изјави дека има добра волја кај двете страни да се услогласат работите.



- Ние го поддржуваме патот на Македонија кон НАТО и ЕУ, но како што кажавме не по секоја цена, бидејќи има работи кои треба да ги објасниме, треба заеднички да ги определиме и да одиме напред. Значи, црвени линии нема. Има желба од наша страна ние заедно да ги одбележиме тие датуми кои не зближуваат, бидејќи знаете дека многу нешта во нашата историја, во нашата култура, во нашите народи, кои се многу блиски, најблиските би рекол,има нешта кои можат да не зближат. Ќе ги усогласиме работите кои ќе ги празнуваме, важно е да има желба, рече амбасадот Петков.

Покрај официјалните претставници на бугарската држава, почит на војниците им оддадоа и претставници на бугарски клубови и здруженија од Македонија. (С.Т.)