ЕДИТОРИЈАЛ
Немоќта на седмата сила
Светлана Унковска
Македонскиот новинарски простор е фрлен на колена. Канал 5, Сител, МТВ од една страна, и А1, „Време“ и „Шпиц“ од друга страна, деновиве се претвориja во арена на медиумското газдинство, но не во подигнување и збогатување на понудените содржини, туку во беспоштедна битка за економски интерес.
По цена на квалитетот на програмата, па дури не штедејќи го и самиот дигнитет на медиумот, се редеа понижувачки кавги и расправии за тоа кој во кое време бил повеќе близок до владејачката партија. Кој во кое време повеќе зграбил од рекламниот колач што им го дели власта како на послушни деца. Притоа, и не погледнувајќи дека објективноста, како едно од основните начела на новинарството, беспоштедно го прегазија. Кој колку затаил данок, кој не ги плаќа обврските кон државата, кој работи незаконско, кој... Е, ова некако се' повеќе личи на актуелната политичка сцена меѓу власта и опозицијата, кои меѓусебно се обвинуваат за тоа кој колку крадел, кој колку има направено криминали. Седмата сила ја сврте моќта против себе. Но, безмилосната борба меѓу нив се одвива во калта, каде што во последно време длабоко загазија.
Тоа што граѓаните беа принудени да го следат во ударните термини на вестите и на насловните страници на весниците, безмалку, може да се нарече професионален невкус, кој се спушти до граници на примитивно однесување. Премногу обвинувања и навреди го оцрнија медиумскиот простор, кој на моменти стана поцрн дури и од екранот со кој А1 Телевизија протестираше поради спроведувањето на законот.
И додека сега двете страни со голема жестина јавно се обвинуваат меѓу себе, самите тие континуирано со години го кршат Законот за радиодифузија. И повторно никому ништо. Иако се укажувало, но и натаму се укажува дека овој закон категорично забранува лидер на политичка партија да поседува медиум, иако можеби не формално, газдите на Канал 5 и на Сител, Борис Стојменов и Љубисав Иванов-Ѕинго, се првите луѓе на политички партии, и тоа коалиционери на власта. Тоа досега ниту се санкционирало ниту, пак, воопшто некој поведува постапка. Се премолчува и за нелојалната конкуренција, односно за кршењето на законот, со кој, повторно категорично се забранува еден сопственик да има неколку медиуми. Но, газдата на А1, Велија Рамковски, и покрај тоа што јавно признал дека „Време“ и „Шпиц“ се негови (по потреба демантира) и нему му се прогледува низ прсти ваквото кршење на законите.
Логично се поставува прашањето - кому му одговара ваквото беззаконие, зошто институциите не преземаат ништо да се стави крај на непочитувањето на законите? Веќе одамна е јасно дека сценариото со кое власта привилегира одредени медиуми за да ги има в раце за свои потреби и интереси, функционира добро. Уште повеќе ако им се даде добар дел од рекламните кампањи со значителни приходи од нив. Па оттука трката по квалитетно, професионално и објективно новинарство, премина во борба за што поголем профит од најголемиот рекламер. Од коректор на владините потези, медиумите блиски до власта полека станаа нејзин портпарол.
Поделбата меѓу медиумите стана огромна, а со тоа се намали и нивната моќ. Никој повеќе не се грижи за квалитетот на понуденото, за концепт што ќе привлече поголем аудиториум, поголемо читателство. Најбитен момент повеќе не е како на публиката да и' се понуди содржаен и издржан прилог, туку дали се има комерцијален интерес. Не дека профитот не е важен, но сепак, се отиде дотаму што бојата на парите го обезличи новинарството. А, ако порано политиката настојуваше што повеќе да ги замеша прстите во уредувачката политика, сега медиумите се трудат што повеќе да ја привлечат власта, иако после тоа им се враќа и им се удира од глава како бумеранг. И кога Фридом Хаус на следниот извештај за слободата на медиумите не' спушти уште некое скалило подолу, вината, секако, не би требало да ја бараме во власта. Бидејќи секоја сл��бода не се добива, туку таа се освојува. |