Градоначалникот Роберт Ѓоргиев како конфликтна личност

Мите Митев, советник при Општина Свети Николе

Се поставува прашањето до Вас „Колку пати во денот поради некој направен гест, изјава или слично од некој кон вас, без разлика дали сте на работно место или на друго место, ви се случило да пламнете, да се изнервирате, да одмавнете со рака, да ги кренете рамениците или да си заминете?“

Одговорот е дека тоа ви се случува во текот на денот повеќе пати. Таквите реакции во секојдневјето се викаат конфликти.

Конфликти се природен дел од животот на секој од нас, па како такви се случуваат и меѓу граѓаните и градоначалникот на Општина Свети Николе, господинот Роберт Ѓоргиев. За појавата на конфликтите влијаат различни причини, како што се: финансиската положба на граѓаните, возраста, социјалната состојба, физичките и менталните способности и сл.

Најчести реакции од конфликтот се: појава на мобинг, омаловажување, деградација, различни начини на агресија и сл.

Затоа градоначалникот треба да знае и да биде вешт при решавањето на конфликтите, а не истите да ги продлабочува.

Кога ќе научиме сами да ги решаваме меѓусебните проблеми, тогаш атмосферата за секој граѓанин ќе биде попријатна. Во таква атмосфера градоначалникот на општината (координаторот на владејачката партија -ВМРО-ДПМНЕ) ќе има повеќе време за координирање и позитивни активности во Општината.

Во последно време тема на многу разговори во Свети Николе е однесувањето на градоначалникот, господинот Роберт Ѓоргиев. Примарна задача во сегашниот момент во Општината е да се актуализира однесувањето на споменатиот господин. Во животната средина не треба да владее штама и се да се држи под стаклено ѕвоно, туку треба да се зголеми транспарентноста, кооперативноста, толеранцијата и проблемите да се решаваат со вистинољубивоста и културата.

Имено, градоначалникот треба да ја отфрли агресивноста од секој вид, како начин за решавање на конфликтите. Градоначалникот треба да сфати дека не треба да се напаѓаат луѓето кои мислат поинаку, туку треба активно да учествуваат во решавање на проблемот, да се однесува толерантно, да се справува отворено со стравот и агресијата со што ќе стане покорисен за нашата општина.

По мое мислење истиот доаѓа во конфликт најчесто со луѓе кои не се од неговиот политички естаблишмент, односно со тие кои не гласале за него на локалните избори.

Како пример ќе го наведам мојот случај. Јас, Мите Митев, бев на листата на група избирачи и како таков бев избран за советник на општината Свети Николе на минатите локални избори. По локалните избори влијателни личности од кругот на градоначалникот вршеа агитација кај мене со цел да поминам во редовите на ВМРО-ДПМНЕ со закана дека доколку не го сторам тоа дека ќе страдаат моите деца. Јас не подлегнав на тие закани и почнав да дејствувам опозиционо во работата на Советот на општината.

Во меѓувреме, господинот Љубе Бошкоски ја формираше партијата Обединети за Македонија. Јас бев еден од основачите на оваа партија за Општина Свети Николе. Кога сакав јавно да се декларирам како советник на споменатата партија, дојдов во конфликт со градоначалникот. Најавените закани се остварија овие денови кога мојата ќерка Катерина Манева, наставник по одделенска настава со деветгодишно работно искуство, беше без образложение преместена од подрачното училиште во с. Горобинци во подрачното училиште во с. Немањици каде што условите за работа се многу потешки. Напоменувам дека Катерина Манева беше единствен наставник по одделенска настава со неодредено работно време. Преместување беше извршено по наредба на градоначалникот Роберт Ѓоргиев, што беше потврдено од в.д. директорот на училиштето „Гоце Делчев“ во Свети Николе во чиј состав се споменатите подрачни училишта.

Ова е типичен пример за мобинг, што е реакција на конфликтот меѓу мене, татко на Катерина Манева, и моќниците на ВМРО-ДПМНЕ. Вакви и слични примери на конфликтни ситуации има многу во досегашната работа на градоначалникот Роберт Ѓоргиев.

Градоначалникот треба да сфати дека постојат заеднички правила и норми на однесувањето и дека мислењето и егзистенцијата на граѓаните се исто толку значајни како и на него.

Тој сака да се самодокаже, предизвикувајќи вакви и слични конфликти. Тој влегувајќи во различни конфликти сака да го докаже својот идентитет и своите вредности и на тој начин да ја промовира својата личност, да го дооформи својот карактер и својата култура и своите вредности за средината во која живееме.

Градоначалникот Роберт Ѓоргиев ќе биде помудар и посилен, а со тоа и неговата партија, доколку изнајде различни начини за решавање на конфликтите, со што ќе се доближи до сите граѓани на општината, било да му се драги или не. Тој треба да има разбирање и почит спрема сите граѓани, да биде комуникативен со секој граѓанин и да се здобива со позитивни искуства од секоја конфликтна ситуација, а не обратно. Треба да го менува своето однесување во одделни ситуации.

Во времето што доаѓа ќе се соочуваме со се понепријатни ситуации при нашата работа во Советот на Општина Свети Николе. Поради тоа, треба да ги слушнеме сите предлози и мислења без манифестирање нетрпеливост, да имаме поголемо разбирање и заедничко решавање на сите конфликти, почитување на мислењето на другата страна без оглед на тоа за која и за каква страна станува збор.

Мислам дека само ако постапуваме на овој начин ќе излеземе од секоја конфликтна ситуација посилни, помудри и поединствени.


#