Владата стокмена, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ - 2:1
Во новиот кабинет ќе има повеќе Албанци. ДУИ добива посилни ресори: одбрана, правда и евроинтеграции
Оливера Војновска
Со изборот на Трајко Вељаноски практично се затворија и шпекулациите за политичкиот пазар на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу поделбата на местата во владиниот кабинет, чии контури веќе се наѕираат. Според ДУИ, лидерите на двете партии, Никола Груевски и Али Ахмети, веќе се договориле да ги поделат министерските места во сооднос 2:1. Тоа значи дека во новата Влада на Груевски ќе има повеќе министри Албанци и тие ќе раководат со посилни ресори.
Партиски извори велат дека партијата на Али Ахмети добива уште едно вицепремиерско место - Секторот за евроинтеграции, а за челната функција се спомнува пратеничката Ермира Мехмети-Деваја. ДУИ го задржува и местото вицепремиер за Рамковен договор, при што за таа позиција се спомнуваат Абдулаќим Адеми или Муса Џафери. Од другите ресори, се говори дека на ДУИ ќе и' припадне и Министерството за одбрана, за каде што се вртат имињата на Хазби Лика и на Аднан Јашари. Потоа Правда, а наводно, ќе ги задржи и Екологија и Економија каде што, најверојатно, останува Фатмир Бесими. ДУИ очекува да добие и четири заменички министерски места и пет државни секретари.
Портпаролката на ДУИ, пратеничката Мехмети, по завршувањето на конститутивната собраниска седница, во изјавата за медиумите кажа дека преговорите со ВМРО-ДПМНЕ се водат во коректна атмосфера.
„ДУИ направи сериозна анализа и процени дека е подобро за интересите на Македонија да земе поголемо учество во извршната власт. Демократската унија за интеграција во власта ќе биде застапена на квалитативна и квантитативна основа. Првичната поделба на позициите и на ресорите, односно на силите во новата власт ќе биде ни повеќе ни помалку туку 2:1“, рече Мехмети-Деваја.
Таа напомна дека начелно има договор за се', но и дека се' не е дефинитивно. „Сите отворени прашања се на маса и се води сериозна и конструктивна дебата“, рече Мехмети-Деваја, не сакајќи да открие дали е шпекулација дека едното вицепремиерско место ќе го добие таа. „Има еден начелен договор, меѓутоа ништо не е конечно. Поради тоа, не сакам повеќе да шпекулирам бидејќи сакам да ја поштедам јавноста од создавање перцепции каква што беше онаа за претседател на Собранието“, потенцираше Мехмети-Деваја.
За разлика од ДУИ, во владејачката ВМРО-ДПМНЕ има целосен молк околу поделбата на владиниот колач. Неофицијално се говори дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе има вицепремиер за економски прашања, а ги задржува и ресорите: финансии, надворешни, МВР, транспорт и врски, образование, земјоделство, информатичко општество и администрација, култура. Наводно, партијата на Груевски ќе го води и Министерството за здравство.
Со конституирањето на Собранието почнаа да течат уставните рокови за составување на Владата. Во наредните десет дена шефот на државата треба да го додели мандатот за формирање влада, по што мандатарот, во конкретниот случај, Груевски ќе има на располагање дваесет дена на Собранието да му ја достави програмата и предлог составот на идната Влада.
Собраниската седница за избор на новата Влада треба да биде свикана во рок од 15 дена и таа би требало да се случи најдоцна до 10 август. |