Опсада на банките од пензионери, зошто не картичка?
Не помислувајте да влезете во банка во деновите кога се подигнуваат пензии, ќе се изначекате со саати
Соња Маџовска
Опсада од пензионери - во изминатите два дена не се влегуваше во банка. И не помислувајте да влезете во банка кога се подигнуваат пензии. Таму владее општ хаос, турканици и се чека со саати. Се прелева чашата на какво било трпение. Помислата дека треба да одите во банка за да платите сметки или рата за кредит, да подигнете пари или да завршите некоја работа, граѓаните ги вади од кожа.
Од двете најголеми банки во земјава, кои имаат и најмногу клиенти, но и најмногу се чека, велат дека прават се' за да се намалат редиците и времето на чекање, ама факт е дека засега нема позначајни резултати. „Вчера додека чекав во банка да уплатам пари на картичка, забележав како банкарските службеници одеа од пензионер до пензионер и ги прашуваа дали имаат картички за да им помогнат да извадат пари на банкомат или доколку немаат, им нудеа веднаш на самото место да им издадат, без никакви надоместоци, само да не чекаат. Но, бадијала, најголем дел од пензионерите не сакаа ни да слушнат, ’јас ќе си ги земам парите од тековна сметка‘, велеа тие. Мал беше бројот на оние што прифаќаа помош“, вели наш новинар, кој вчера се затекол во банка.
Не дека им замеруваме на пензионерите, и тие не се криви, дел од нив не гледаат или се плашат дека банкоматот ќе им ја лапне картичката. Но, има и такви на кои подигнувањето пензија им е како празник, па сакаат да се дотераат, да си направат муабет додека чекаат во банка или да се искараат, на пример, со обезбедувањето што се обидува да направи ред или со банкарските службеници. А откако ќе се подигне пензијата, најчесто во целиот износ, некои од нив се договараат со пријателите да се почестат во кафеана.
Но, има и такви пензионери што го почувствувале благодатот на картичката, па не чекаат со саати секој месец во банка. „Додека можеше, пензијата ја земав дома, односно ми ја носеше поштар. Сега, откако го укинаа тој начин на достава, на совет на мои роднини, извадив картичка. Во почетокот бев скептична дека ќе можам лесно да се снајдам, но сега сум раат. Веќе не морам со часови да чекам во редици во банките, тоа е многу напорно за нас, постарите луѓе, посебно кога е студено времето или е ако е жешко. Не разбирам зошто и натаму голем број пензионери упорно се малтретираат и стојат со часови во банките наместо да си извадат картичка и да си ја земаат пензијата од банкомат во секое време“, вели една пензионерка од Скопје, која е корисник на дебитна картичка.
И додека секој пензионер ќе ви даде свој изговор за тоа дали има или не сака да слушне за картичка, граѓаните, особено вработените, остро реагираат. Секој има што да каже кога ќе се отвори темата за чекање во банка. Сите се жалат дека редовно во банките чекаат по најмалку 40 минути. И сите си го поставуваат истото прашање, зошто не работат повеќе шалтери, не само деновите кога се земаат пензии туку и во другите.
Објаснувањето на банкарите е дека вината не лежи само кај нив.
„Бројот на Интернет-корисници континуирано се зголемува, но и на Интернет банкарството, како и сите современи трендови, бараат време за нивно помасовно прифаќање. Поради тоа, не секогаш треба вината за каналите на дистрибуција да се бара во банките, туку и во менталитетот на жителите во регионот, бидејки ситуацијата е слична и во банките во соседните држави“, велат од Комерцијална банка.
И од Стопанска банка велат дека овој проблем го коментирале повеќе пати во јавноста и дека на располагање на клиентите им стојат повеќе алтернативни решенија со кои ќе го избегнат чекањето пред шалтерите. Од оваа банка посочуваат дека тие им се достапни на клиентите не само преку филијалите, туку 24 часа преку Интернетот, телефонот и банкоматите.
За разлика од кај нас и во соседните земји, во европските држави н�� постојат редици во банка, таму се' е автоматизирано, па така 24 часа може да се уплаќаат сметки, да се подигнуваат и да се трансферираат пари. На Европејците фактички воопшто не им се потребни банкарските службеници. Иако најголемиот број од домашните банки имаат странски газди, кои многу поразлично работат во земјите од каде што доаѓаат, очигледно, кај нас го прифаќаат или, пак, едноставно не можат да го променат македонскиот менталитет. |