И во Австралија раскажуваат за пропаднатиот пат Битола - Ресен
Наши иселеници се чудат на (не) ажурноста на државата, која седум месеци не успеа да го санира лизгањето на магистралниот пат
БИТОЛА - Нервоза, револт, пцости, вулгарни коментари и невкусни шеги на сметка на Владата. Вакво расположение на возачите им предизвикува патешествието што го преживуваат по стариот пат Битола – Ресен, кој изминатата зима во еден дел пропадна од влага. За проблемите на патот ќе се раскажува дури во Австралија. Наши иселеници и' се чудат на (не) ажурноста на државата, која седум месеци не успеа да го санира лизгањето на магистралниот пат, кој од Битола води за Охрид. Уште повеќе што станува збор за пат што ја поврзува половина држава со најголемите туристички центри Охрид и Преспа.
На преслапот Ѓавато само пеш може да се преминат препреките на блокираната магистрала за да се види до каде е дојдено со реконструкцијата. На местото каде што има големото лизгање на земјиштето интензивно работат. Таму има прав и голема бучава од багерите што прават цемент. Шеесетметарската дупка се пополнува. Армирани кафези ќе се полнат со камења, а потоа како блокови ќе го зацврстуваат патот. Подземните води што беа причина за лизгањето на патот се дренирани. Водата тече и преку долот завршува во блиската река. Оперативците на „Бетон“ со задоволство пијат од изворчето уверени дека водата под патот е чиста. Ако послужи времето, за три недели патот ќе биде готов, прогнозираат градежниците. Само дождовите можат да го прекинат темпото, па оваа магистрала да остане затворена и во ноември.
„Од 8 август почнавме со работа. Ископавме десет илјади кубици земја. Се спуштивме десет метри под земја. Поставивме 28 слоеви насип, а планирани се 35 слоеви. Потоа следуваат асфалтирање, обележување и последна дренажа. Тоа значи дека до 10 октомври патот би требало да биде пуштен во промет“, објаснува Раско Ивановски, раководител во градежната фирма „Бетон“ од Скопје.
Изведувачот на работите смета дека успешно е изведена и дренажата на водата. „Со дренажата направивме добра работа. Водата, место да се задржува на патот, преку канали ќе истекува во долот. Од водата што се исцедува сега за две минути полниме шише од еден и пол литар“, вели Ивановски.
Додека дваесетина градежници го реконструираат новиот пат, возачите се престројуваат во колони. Само така можат да го минат стариот пат за Ресен. Нервозите почнуваат уште од преслапот Ѓавато. Возачите веќе знаат дека во поминувањето на петте километри преку стариот пат се губи половина час, а можеби и повеќе ако на чело на колоната има камион.
„Стариот пат преку Макази е катастрофа. Јас управувам возило тешко 40 тони, а само цементот што го превезувам тежи 25 тони. Се движам како мравка по дупките и во свијоците. И самиот си велам, тешко тој што е зад мене. Го сожалувам. А замислете, на овој пат поминувам секој ден. Цемент товарам од Прилеп и преку Ќафасан го носам за Албанија. Најкусиот пат е да минам тука. Три пати повеќе пат имам ако вртам од Тетово. Ова е невидено. Цела година мина, а патот не е направен“, реагира младиот Дејан Јолески, превозник од Прилеп.
Иселениците не можат да се изначудат на бавноста на надлежните во реконструкцијата на пат што води до Охрид и до Преспа.
„Многу време им трае поправката. Стариот пат е за никаде. Јас сум битолчанец, живеам во Австралија, а таму вакви патишта навистина не сум видел. Пред да дојдеме тука, слушавме и видовме на сателитските телевизии дека патот Битола - Ресен пропаднал од влагата. Си рековме февруари е, до лето ќе го направат. Еве летото мина, есен дојде, а патот се' уште не е готов“, се чуди Петар Јовановски, поранешен професор од Битола, кој долги години живее и работи во Мелбурн.
Сепак, крајно лошата сообраќајна поврзаност меѓу Битола - Ресен најтешко им паѓа на оние што секој ден ја минуваат оваа делница за да дојдат на работа. Се жалат дека патот мож�� да ги остави и без работа.
„Состојбата на стариот патот е очајна, големи кривини, коцка, нерамнини, дупки како кратери што постојано се шират на секое поминување на тешки камиони. Верувам дека ако вака продолжи, не само што ќе ги искршиме автомобилите, туку ќе останеме и без работа. Постојано доцниме каде и да одиме. Особено е тешко овие денови, кога колони камиони носат грозје од Кавадарци за Охрид. Доволно е да застанат по два- три камиони и цел ден да се остане на пат. А замислете како ќе биде по еден месец. Колони камиони со јаболка од Преспа ќе треба да заминат за другите делови на Македонија преку Битола или во странство“, се жали Гоце Митревски, универзитетски професор по англиски јазик на Битолскиот универзитет, кој живее во Ресен. (А.Б.) |