19.04.2013, 18:41 Реплики
Не ни треба таква помош министре!
Соња Крамарска
Ајде да го видам Иво Ивановски кога ќе се врати во Америка и таму да им напише закон на „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, „Фокс“, „Вол стрит џурнал“, како да ги постават односите во редакциите
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски, најпосле ни' ја откри причината зошто напиша закон за медиуми во кој во десетина членови ги уредува внатрешните односи во весниците и телевизиите. Здружението на новинари на Македонија, поточно неговиот врв, му се жалеле од уредниците во редакциите каде што работат. Министер како министер, се сожалил и седнал и си составил закон во кој ја превртува наопаку целата хиерархиска поставеност во весниците и телевизиите. Нема веќе уредници и главни уредници, туку ќе има новинари и административни работници над нив кои за секоја измена во текстот или во телевизискиот прилог ќе мора да бараат согласност од своите новинари. Море ако дојде до спор, новинарот можел и да го тужи уредникот.Тоа триумфално го соопшти и самиот Ивановски при гостувањето на една телевизија.
Незнам дали министерот за информатичко општество некогаш во својот живот престојувал повеќе од еден час во новинска или телевизиска куќа. И тоа не кај уредникот туку во таканаречените newsrooms. Знам дека како американски ученик Ивановски ме разбира што сакам да кажам, особено со ова последното. Затоа што ако престојувал повеќе од еден час, и не само во провладините медиуми, и не се среќавал само со Јанко и Миленко, ќе знаеше дека ова што го предлага е грубо мешање во внатрешни работи на приватни компании. Во нивната стратегија како да прават подобар производ за пазарот.
Ајде да го видам младиот министер, кога ќе му заврши ангажманот во Македонија и кога ќе се врати во Америка од каде што дојде, таму да напише таков закон. Да им кажува на Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост, Фокс, Вол Стрит Џурнал, како да ги постават односите во редакциите. Да ги пожали малку и тамошните новинари, затоа што и на нив не им е лесно. А, министре? Ви предлагам да ја прочитате книгата од светската новинарска легенда Кристофер Хичинс „Господ не е голем“ во која тој меѓу другото кажува за една своја епизода од времето кога известувал за Њујорк Тајмс од Ирак. Вели дека кога ќе се врател во Њујорк не можел да си ги препознае текстовите што ги праќал од Ирак бидејќи урениците многу му ги измениле. Штета што човекот умре, па не може да му помогнете и нему, да им забраните на уредниците во Њујорк Тајмс да ги редактираат и уредуваат текстовите на своите репортери.
Знам дека македонскиот предлог на закон за медиуми е препишан од словенечкиот. Звучи импресивно кога се кажува тоа, затоа што Словенија е веќе ветеран во ЕУ за Балканот. Но, нашата Влада и предлагачите на овој закон или не се информирани за дното што го допре словенечкото новинарство или се прават дека не се информирани. Во Словенија новинарството веќе одамна не е тоа што треба да биде. Сега ќе го уредуваат и македонското новинарство според словенечкиот терк.
Туку, ако сака министерот за информатичко општество да им помогне на новинарите, му го предлагам следново. Прво, нека се заложи за потпишување на колективен договор за најниската плата во новинарството каде што ќе се регулираат и други меѓусебни права и обврски меѓу новинарите и работодавците. Второ, нека воведе регулатива околу осигурувањето на новинарите бидејќи работат ризична професија, често одат на службени патувања, изложени се на најразлични притисоци и опасности кога известуваат од митинзи, демонстрации и слично. Трето, министре, во многу држави новинарите имаат бенефициран стаж поради стресот што го носи оваа професија, но вие не се сетивте нешто да напишете за тоа во законот. Четврто, зошто не пропишете колкав треба да биде минималниот број на вработени за отворање на весник, или телевизија, минимален број на лектори, техничари, преведувачи и слично. Информиран ли сте дека до скоро во една редакција новинарите работеа за иста плата во три медиуми, и во дневниот и во неделниот и на портал? Знаете ли дека заради нискиот број на вработени новинари, некогаш вашите „заштитници“ вршат обем на работи што одговара за три работни места. Го знаете ли тоа министре?
Петто, министерот Ивановски може да се заложи за подобар пристап на новинарите до информациите од јавен карактер, за да ни ја олесни работата кога веќе се нафатил на таа благородна мисија. Ќе му бидеме благодарни до небо. Шесто, кога дискутира на Влада и на состаноци на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, нека каже збор два за потребата од објективно судство кога не' судат нас новинарите и уредниците. Како борец за новинарските права, министерот ќе биде шокиран кога ќе дознае низ каква правна голгота поминува еден новинар во битката со неговите колеги политичари. Можеби тој како министер никогаш не бил изложен на судски процес, но ете јавно му (у)кажувам јас, како паталец. Може да зборне и збор-два околу последното исфрлање на новинарите како партали од галеријата во Парламентот и да се заложи да бидат пронајдени оние што ја дале наредбата. Е тоа веќе ќе биде вистинска помош, министре.
И седмо, а всушност најважно, ве молам министре, немојте да ги третирате новинарите како земјоделците на кои Владата им дели субвенции, како пензионерите што ги носи на бања и ги вози бесплатно во автобуси или како анонимните скулптори кои благодарение на ангажманот од највисоко место преку ноќ стануваат ѕвезди. Понижувачка е оваа најнова политичка субвенција со предлог-законот во кој им давате подарок на новинарите со цел да замижат пред другите одредби од законот кои ќе имаат катастрофални последици врз новинарството, демократијата и врз развојот на државата. Незнам дали ја следевте дебатата за прописите што ги предлагаше судијата Левинсон во Велика Британија за регулација на медиумите. Тој беше на чело на комисијата што требаше да ги истражи прислушувањата од страна на медиумите на Руперт Мардок врз јавни личности. Премиерот Дејвид Камерон како попарен одби тие прописи да се преточат во закон бидејќи, како што рече, тоа ќе биде загрозување на 300 годишната слобода на печатот во Велика Британија. А тој, Камерон, за разлика од некои други овде во Македонија, не сака да му се припишува нему таков потфат.
Можеби, ако погледневте подалеку од Балканот, ќе наидевте на поинакви законски решенија за уредување на медиумскиот простор. Но, јас ве разбирам зошто тоа не се случи. Затоа што во многу развиени земји и со поголема демократска традиција од Словенија и Хрватска од каде сега препишувате, не постојат такви закони. Таму единствен закон е дека слободата на печатот е закон. Таму воведувањето на такви закони не е политичко прашање, туку е прашање на морал. Премиерот Дејвид Камерон, на пример, во идејата за законско уредување на медиумите виде политичка стапица од опозициските лабуристи. И сосема е во право. Тоа само како уште една илустрација каков проект држите во раце. |