Паниката стивна, но исчезнатите деца ги нема

Веќе стотина дена нема глас за двете деца од Куманово и за момчето од скопско Коњаре

Горан Адамовски


Пет и полгодишната Мирсада Хелдовиќ од Куманово, нејзиниот сограѓанин Дане Мемеди, кој во декември треба да наполни пет години и Митат Ибраими, роден на први октомври 2002 година од скопско Средно Коњаре. Ова се трите дечиња што исчезнаа пролетва во близина на своите домови. И стотина дена подоцна - од нив нема ни трага ни глас. Нивните семејства секојдневно чекаат да ја слушнат долгоочекуваната вест: го пронајдовме вашето дете живо и здраво. Но, полициската истрага тапка в место.

Имињата, нивните фотографии и опис во што биле облечени децата кога биле видени последен пат, стојат и во графата исчезнати на официјалната страница на Министерството за внатрешни работи (www.mvr.gov.mk). Полицијата бара помош од граѓаните.

„Нема нови моменти во истрагата. Продолжуваме со потрагата“, велат од МВР.

Петгодишната Мирсада исчезна на 12 април во близина на својот дом во кумановската населба Средорек. Кога исчезнала, била облечена во црвена блуза, сини фармерки и црни патики. Нејзината сестра-близначка Сенада, тригодишното братче Решат, мајката Бајрамша и таткото Насер, со нетрпение ја чекаат Мирсада. Блиските не можат да се сетат кога последен пат била видена.

„Некои викаат дека си играла со две девојчиња, други дека била со сестричката, некои дека била сама“, се јадосуваше вујкото Мерџан. Роднините, соседите и пријателите ја пребараа секоја педа во сиромашната кумановска населба во која живее ромско население. Ја поминале и реката Кумановка, која тече среде населбата, но Мирсада ја нема. Само мал дел од речното корито е заградено со бетонски ѕидови. Брзата река речиси се спојува со дворот од куќата на Драган Мемеди, чиј син Дане исчезна петнаесетина дена претходно. Тој си играл со количката од својата болна баба. Кога последен пат бил виден, бил облечен во бели сомотски панталони и шарен дуксер.

Дане и Мирсада живеат петстотини метри еден од друг. Токму поради тоа, жителите на Средорек се убедени дека децата биле грабнати.

„Еден комшија богато заработува во Италија, продавајќи деца. Тој ги носи децата со себе во Италија, таму питачат, се проституираат, крадат или дилаат за него“, бесно зборуваа тогаш.

Неофицијално, според извори од истрагата што ја води Секторот за трговија со луѓе при МВР, се проверуваат сомневањата дека Мирсада е изнесена преку граница и дека е жртва на трговија со деца.

„Тогаш се јавуваа десетина граѓани дека виделе црн џип. Имавме случаи во еден ден да добиеме неколку јавувања дека џипот е виден на различни места, а во исто време. Едноставно, се создаде голема паника меѓу граѓаните. Сега фамата стивна, но, за жал, децата ги нема“, велат нашите извори од истрагата.

Митат Ибраими исчезна на 19 март во близина на семејната куќа во Средно Коњаре. Малиот Митат последен пат бил виден попладнето кога се вратил од училиште. Бил облечен во горна зелена тренерка, сини фармерки и кафеави чизми. Го оставил ранецот дома и излегол да си игра, но оттогаш му се губи трагата. Сомневањата одат во правец дека Митат се удавил во Пчиња, во чија близина работеле неговите родители на нива. Неговите блиски се сомневаа дека момчето било грабнато.

За сите три случаи е информиран и Интерпол, но ни резултатите од истрагата преку границата не дадоа одговор на прашањето: каде се трите деца?


#