Фељтон
Македонско-бугарски историски контроверзии (11)
Културната автономија ликвидирана од Живков
На пленумот на бугарските комунисти во 1963 година бил донесен декрет дека македонската нација не постои, за што немале никаква поддршка, ниту од Советскиот сојуз и социјалистичките држави
Виктор Цветаноски
„Откако го зазедов местото прв секретар на партијата и особено претседател на владата, се зафатив да го расчистам тоа трагично наследство. Се враќам со мислите назад и со многу тага за бесповратно изминатите години, се сеќавам дека тогаш го посетив пиринскиот крај... Ја презедов таа обиколка за да видам како и од каде да ја започнам подготовката за референдум. За да покажам јасно какво население живее во тој крај. За мене беше определено јасно дека треба да отидам на референдум и да ја ликвидираме наложената ’културна автономија‘“. Ова го пишува бившиот претседател на социјалистичка Бугарија, Тодор Живков, во мемоарите објавени непосредно пред неговата смрт.
Тој вели дека населението го пресретнало исклучително радосно. Притоа како единствен аргумент за тоа нуди еден настан што се случил во една кафеана во Гоце Делчев, каде што во негова чест имало поставено голема трпеза. Сите станале на нозе и аплаудирале. „Викаа возбудено. Тоа продолжи неколку минути. Бев задоволен, зашто тоа беше сериозен израз на патриотизам на населението од пиринскиот крај. Израз на бугарското сознание на тоа население. Така помина посетата во останатите региони“, раскажува Живков.
Меѓутоа, само таа посета не му била доволно да го „убеди“ населението дека не се Македонци, туку Бугари. Напомош повикал десетина историчари на кои им поставил задача да ги иследуваат малцинските прашања. „Сакав да дадат одговор: дали во Бугарија има различни национални малцинства? Дали Бугарија е многунационална држава или не? Стигнаа до категоричниот заклучок дека слична теза е политичко-идеолошка измислица. Во дел тоа се однесуваше и за таканаречената ’македонска‘ нација“, заклучува Живков.
Итриот Живков се послужил и со други методи. Во тоа време пиринскиот крај бил економски мошне заостанат и, како што нагласува, тие луѓе биле заборавени дури и од Господ. „И Сандански, и Гоце Делчев, и самиот Благоевград беа заборавени и заостанати. Ги видев во очајна положба. Потоа фрливме многу средства, многу сили за да се обноват и да се претворат во убави центри на бугарштината“.
Тој ја раскажува својата верзија за тоа како дошло до културната автономија на Македонците во пиринскиот крај, се разбира, повторувајќи ја познатата теза што со години ја протежираат и ја докажуваат бугарските историчари. „Со српски емисари, со закани и притисок на Сталин, бугарско партиско ’праволиништво‘, административни мерки, уцени и дури и насилства беше извршено нешто апсурдно“, раскажува бугарскиот комунистички диктатор, кој е и највиновен за укинување на придобивките што ги стекнаа Македонците во Бугарија во годините по војната. „Сите материјали сврзани со националноослободителната борба во пиринскиот крај му беа предадени на Скопје. Националниот нихилизам, претворен во државна политика, посегна дури на останките на Гоце Делчев, кој беше пренесен во Скопје“, пишува тој во мемоарите.
Натаму, Живков објаснува дека барањето на Сталин да и' се даде културна автономија на Пиринска Македонија во рамките на Бугарија како прва стапка за присоединување кон Македонија, била прифатена на Десеттиот пленум на ЦК на БРП(к) во 1946 година, а во 1947 година бил�� содржана во договорите што ги потпишале Георги Димитров и Тито на Блед. „Се признаваше македонска држава во која живееја, главно, Македонци. Пиринскиот крај требаше да биде посебен како ’културна автономија‘. т.е. беше направен чекор кон разработената концепција за присоединување на тој крај кон Југославија. Таму се изведуваше настава на ’македонски‘ јазик. Беа дојдени емисари од Скопје и од Белград за да го обработуваат населението“, ја кажува својата верзија бившиот бугарски претседател. Притоа тој нагласува дека луѓе со „исконско бугарско сознание“ биле насилно принудувани да се самоопределуваат како Македонци.
Како што подвлекува во спомените, „востанувањето на историската правда“ било долг не само кон националните интереси туку и долг кон бугарската земја, кон бугарштината на многу познати и непознати доблесни учесници во Илинденското востание, на јунаците што ги положиле животите во ослободителните војни од Турците. И според Живков, во Република Македонија живеле „чистокрвни Бугари, на кои вештачки им е натурано и влијаено дека се одделна македонска нација. Нација што се создаде ин витро по рецептите на Сталин и Тито“.
Тодор Живков натаму ги објаснува напорите што ги презел преку партијата и државата за побугарчување на Македонците од Пиринска Македонија и за докажување дека не постои македонска нација. Притоа нагласува дека за нивната политика кон македонското прашање воопшто не добивале никаква поддршка од светот, посебно од СССР. „Поддршка немаше ниту од советската држава, ниту лично од Хрушчов. Напротив, при посетата на Белград тој ја декларира целината и независноста на републиките во Југославија“, признава тогашниот бугарски лидер. Поради тоа, според него, се наложила потреба да се дејствува надвор од политиката на Советскиот сојуз, да се подготви пленум без знаење и одобрување на Хрушчов и се разбира да се донесат партиски заклучоци во врска со македонското прашање. „До тоа дојде во 1963 година. На тој пленум се потцрта: македонска нација нема“, пишува Живков, нагласувајќи дека се' друго околу постоењето на македонската нација и Македонија биле шпекулации на просрпските националности и титоисти лансирани со поткрепа на Москва.
Тој објаснува дека со посебна возбуда очекувал што ќе покаже референдумот што бил спроведен во Пиринска Македонија. Според него, резултатите ја потврдиле неговата политика во однос на македонското прашање. „Гласачите го изразија своето бугарско национално сознание. Само-два три процента се самоопределија како Македонци. Повеќето од нив, од инает, затоа што пред тоа ги терале насила да се ’помакедончуваат’“, го објаснува Живков тој процес на побугарчување на населението од тој крај, без да каже ниту збор за тоа каде исчезнаа околу 200.000 бугарски граѓани кои за време на двата повоени пописи во Бугарија се декларираа како Македонци.
По пленумот на кој било решено дека нема македонска нација, Живков настојувал да не ги влошува односите со Титова Југославија. „Не престанав да мислам како да ги подобриме нашите врски. Но каде и да отидевме, при секоја посета во одделни југословенски републики првото, дежурно прашање, што се поставуваше беше т.н. ’македонско прашање‘“, додава Живков, нагласувајќи дека независно од сите сложености родени од бугарската „принципиелна позиција“ по тоа прашање, односите со Југославија постепено се нормализирале.
„Молчешкум ги прифатив состојбите дека ниту решенијата на пленумот, ниту резултатите од референдумот не добија надворешна поддршка. Никаква поддршка. Ниту од Советскиот сојуз и социјалистичките држави, ниту од неврзаните, ниту од капиталистичките“, признава Живков по 35 години од неговата акција за укинување на културната автономија во Пиринска Македонија со партиски декрет. Тој е посебно разочаран од тоа што, наспроти неговата политика и политиката на неговата партија, во Советскиот Сојуз, во Академијата на науките, се создала македонска научна секција, одделение за врски со македонската држава, катедра за македонски јазик. Слични структури биле создадени и во некои други држави-членки на Варшавскиот договор, на пример, во Чехословачка.
„Хрушчов не сакаше да расправа со мене поради тој пленум, и покрај тоа што не исклучував таква реакција. Бев готов да ја прифатам. Тогаш не само што не не' поткрепија туку направија и нешто повеќе. Десетина години се вршеа страотни манипулации, притисок, пропаганда, обработка на општественото мнение, не само во Југославија и во социјалистичките заедници, но и по светот. Ги насочуваа сите против Бугарија...Сите стоеја зад советската теза сврзана со Република Македонија - има македонска нација, историја, култура, јазик. По таканареченото ’македонско прашање‘ бевме во целосна изолација”, ги раскажува во мемоарите маките што тој и неговиот државен апарат ги имале за да му „докажат“ на светот дека не постои македонската нацијата.
Живков во посета на Југославија бил на неколкупати, а последниот пат на погребот на Тито. „Бевме двајца - јас и министерот за надворешни работи. Не' прими тогашниот претседател на Претседателството на СФРЈ. Штом влеговме, тој го започна разговорот за ’македонското прашање‘. И покрај тоа што надвор имаше редица, чекаа и други официјални делегации, тој го продолжи разговорот повеќе од предвиденото време со протоколот и темата нормално беше Македонија. Излеговме надвор. Не' примија двајца други од раководството. И пак дежурната тема –македонскиот проблем“, пишува Живков во своите мемоари. |