Kич-митологии

Дерида и балканското мезе

Венко Андоновски

Законите на Европа од нас не бараат само да престанеме да пушиме, тие ќе предизвикаат трајна промена, па дури и бришење на балканскиот идентитет

Еден умен колумнист пред неколку години предупредувачки напиша: допрва ќе видиме што значи влезот во ЕУ. Влезот во Европа ќе донесе многу повеќе „не смеам“ одошто „смеам“. Европските „права“ не се „слободи“ (во балканската смисла – „ќе правам што сакам“), туку правата се – закони, а законите, главно, кажуваат што не смееш да правиш. Дефиницијата на културата е тоа: цивилизиран е оној што ги контролира своите нагони (нагонот за уживање), па се подложува на систем од РЕСТРИКЦИИ. За тоа пишуваше Фројд во „Нелагодност во културата“.

Во понеделникот, кога отидов на чорба во „Букет“, на сите маси во објектот беше поставен знакот „забрането пушење“. Келнерите потврдија: „Од денес нема пушење во ниедна кафана“. Си заминав. На излегување ми рекоа: не губи време, секаде е исто. И, беа во право: во една обично преполна кафеана немаше ниту еден гостин и ниту еден пепелник на масите. Кафеанџијата се жалеше: сите излегувале од кафеаната. Еден му рекол: „Јас од дома бегам за да пушам во кафеана, а сега – кај да одам?“ За да го утешам, му реков дека и во Словенија е така. Сркни една голтка ракија и излези на една цигара, па врати се во кафеаната, па јади, па пак излези на една цигара. А Словенија е веќе Европа. На тоа кафеанаџијата рече (цитирам од збор до збор): „Ако е тоа Европа, не ми ни треба.“



Традиционалното „кафе со цигара“ (а има ли кај нас кафе без цигара?) – отпаѓа. Традиционалната народна мудрост ракија без цигара е како жена без...“ – отпаѓа. Но, отпаѓа и балканското мезе.

Што е тоа мезе? Тоа е цела филозофија, а ла Дерида. Откако знам за себе, со странците сме имале проблем со сфаќањето на поимот „мезе“. Не можеш да им објасниш дека мезето не е ни ручек ни вечера, туку посебен балкански ЖАНР, кој обединува најмалку четири традиционални антрополошки карактеристики: чашка алкохол (демек - лек), дланка храна (малку посна храна е лек), еден чад од цигара/луле (отровите во мали дози се фармакон, уште од Платон наваму) и една чашка муабет (и муабетот е лек во таа филозофија на мезето). Значи, мезето е, пред се', интелектуална и психотераптевтска, а не нутриционистичка појава. Тоа е нирвана, а не јадење на нужни и општествено пожелни калории. Се мезети на чардак, во кафеана-биртија, во крчма, дома, ама не и во елитен европски ресторан. Во елитен ресторан се – јаде, и тоа во вистинската, гастро-смисла на зборот: се полни желудникот затоа што тоа е потреба – и толку. Така прават цивилизираните народи. Имаат пауза за ручек и тие ручаат, а не мудруваат за економија, политика, спорт, филозофија.

Тоа значи дека мезето не е ниту во храната, ниту во пијалакот, ниту во цигарата, па ниту во муабетот посебно, како што и соленоста на солта не е ниту во натриумот, ниту во хлорот, туку во нивната заемна врска. Но, мезето оди и понатаму: тоа не е ниту САМО во заемната врска на храната, алкохолот, чадот и муабетот, туку и во оној, деридијански кажано – ОСТАТОК и ВИШОК на значење зад сите тие четири нешта: свеста дека се прави „трошок“ на скапоценото европско време - за муабет, за откривање на душата. Најблизок, иако не и најточниот збор за да се опише тој вишок смисла на мезето е - КОНТЕМПЛАЦИЈАТА. Таа е, деридијански кажано, „суплемент“ за мезето (како што се, во славните филозофски примери - „писмото за говорот“ или „мастурбацијата за сексуалниот живот“).

Европските закони, кои ние слепо ги калемиме на нашиот балкански менталитет се целосно КУЛТУРНО некомпатибилни со Балканот. Значи, од понеделникот не се мртви само цигарите: умреа и психосемиотичките ритуали како што е мезето. Јас лично ќе пресечам: веќе нема резон да влегувам во крчма. Ќе морам да се откажам, покрај од цигарите и од „чашката муабет“ наречена мезе. Така ќе се европеизирам и ќе се дистанцирам од балканскиот менталитет. Ќе престанам да муабетам со луѓе во кафеана. Се' ќе договарам преку Интернет, без да ги видам драгите фаци. Може да ми се чини бесмислено, но така налага Европа.



Но, слушнав (и не знам дали е вистина) дека можеш да пушиш само во кафулињата. Законскиот услов да пушиш бил: во локалот да нема храна?! Ако е вистина тоа – каква смисла има тој закон? Европа ме принудува да пијам и да пушам на гладно СРЦЕ?! Тоа значи: во кафулињата ќе се стимулираат болести. Од друга страна, во кафеаните и рестораните само ќе се јаде и ќе пукаме од здравје. Устата ќе се претвори во дупка која голта храна – и крај. Европската логика е: балканската крчма прераснува во ЕУ ресторан. Нема мезе, има ручек. Нема муабет, има само мласкање и џвакање. Ако е така, тогаш нека пуштат инспектори и во ноќен бар: нека ги казнат и оние кои имаат ерекција додека гледаат гола танчарка на шипка. Во балканскиот код, во кафеана се одеше да пиеш и да пушиш (она што не смееш дома). Како што во јавна куќа се одеше по секс, а не од високоестетски причини (да видиш естетски обликувана силиконска дојка, на пример).

Уште еден доказ дека ако е европско – не значи дека е добро и за нас!

Како „капак“ на тоа: во Шуто Оризари е прогласена епидемија на мали сипаници. Значи, одиме во Европа со една, за цивилизираните земји изумрена болест: морбили. И тоа е последица на нашата „европеизација“. ЕВН им ја исклучи струјата на тие луѓе, оти не плаќале („А од каде да плаќаме, кога сме невработени“ - ќе рече еден сега сипаничав кандидат за ЕУ). Па нормално: кој не се тушира, ќе добие сипаници. ЕВН беше европски АКУРАТЕН: нема струја за неплаќачите. Тоа е економска, европска логика. Нема милосрдие.



Да бидеме на чисто: јас ќе се европеизирам. Во рестораните само ќе јадам, без да пушам. Да ни е јасно: тоа е нашата иднина – раскин со Балканот, зачините, наргилето, метафизиката, фантазијата, пазарите што мирисаат на тутуни, цимет, маслинки, тутун и алкохоли. Но, ако се европеизирам, тогаш ќе барам и европски хонорар за моите книги. Наместо 50.000 денари хонорар за најдобра книга на Балканот, ќе барам 50.000 евра. Се', па и европеизацијата си има своја цена. Ќе ја платам јас, но ќе ја плаќа, богами и државата.

(Авторот е професор на Филолошки факултет)