Бугарија крена раце од пријателството со Македонија
Николај Младенов изјави дека нема поента да го потпишува договорот откако ги видел барањата од Скопје
Слободанка Јовановска
Бугарија крева раце од договорот за пријателство со Македонија, што се обиде да го протурка во Европската унија и да го направи услов за добивање датум за преговори со нашата земја. Според изјавата на шефот на бугарската дипломатија, Николај Младенов, додека не се усогласат некои прашања меѓу Македонија и Бугарија, не гледа поента воопшто да стави потпис на документот. Софија сакаше да ја искористи препораката за преговори меѓу ЕУ и Македонија за да ќари нешто околу прашањата што неа ја засегаат, но со нашата Влада, на која не и' се брза со евроинтеграцијата, бугарските притисоци изгубија смисла.
„Разменивме нацрти на договорот и тие ни возвратија со предлози. Прилично се колебам да одам натаму и да го потпишам договорот пред да се усогласиме околу одреден број прашања што се во јавниот домен. Мислам дека ќе биде непродуктивно да потпишам нешто на хартија што по два дена ќе биде нападнато, бидејќи нема да смени ништо. Преферирам да најдеме начин да го намалиме нивото на анксиозност и нервоза на двете страни, како што се изјавите во медиумите и нештата што, генерално, не се во тон со добрососедските односи“, изјавил Младенов за софиско Ехо. Според него, односите меѓу Бугарија и Македонија не биле менаџирани добро изминатите години и од двете стани.
Договорот за пријателство и соработка го иницираше Бугарија и неговото потпишување го врза со посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов на Македонија. Освен една ургентна посета на премиерот Никола Груевски на Софија, односите меѓу македонската и бугарската влада речиси се замрзнати. Софија бараше со договорот да се регулира говорот на омраза во Македонија, да се најде решение за бугарските споменици и воени гробишта, да се утврди заедничко славење на историски настани, да се формира комисија за толкување на заедничката историја и други нешта, надвор од оние што беа спорни за нашата Влада.
Иако одговорот на нашето Министерство за надворешни работи јавно никогаш не беше презентиран, неофицијално се коментираше дека со толкуте споменици што ги бара Софија Македонија ќе се претвори во гробишта, дотолку повеќе што некои од војниците што се слават како бугарски така не се третираат во Македонија.
Навестено беше дека за повеќето од прашањата Македонија ќе бара реципроцитет и оти ќе инсистира во договорот да се најдат и правата на малцинствата. И пред да ги испратат одговорите во Софија, јасно беше дека тие нема да и' се допаднат на бугарската влада, но во тоа време постоеше илузија дека Македонија ќе се бори за препораката и ќе бара решение со Грција за спорот околу името, па ќе сака да ја тргне и оваа пречка од европерспективата.
Сега кога е јасно дека Македонија се оддалечува од преговорите со ЕУ место да се доближува, процената на Софија, веројатно, е дека е подобро и договорот да остане за други времиња.
Наспроти ваквиот став кон Македонија, Младенов преку Ехо порача дека колку и да е успешна Бугарија, тој успех ќе биде мултиплициран ако го следат и земјите од соседството што се' уште не се во Европската унија, па се заложи сите земји-членки од Балканот да направат силен случај од приемот на балканските земји во ЕУ. Во спротивно, постои ризик овие земји, следејќи ја кризата со еврото, да се поколебаат од потребата за прием во ЕУ.
„Постои ризик, исто така, од зголемување на силите и политичарите на Балканот што почнуваат да играат загрижувачка игра, односно дека некои од нив, ако не и сите, имаат друга алтернатива, различен пат од тој во Унијата“, изјавил Младенов заклучувајќи дека таквиот став ќе му нанесе долгорочна штета на регионот. |