Станишев се подбиваше со Македонците во Бугарија

Лидерите на ОМО „Илинден“-ПИРИН не сакале партијата да се регистрира, тврдеше бугарскиот премиер

Тамара Грнчароска

Македонскиот премиер Никола Груевски остана безгласен за прашањето на правата на македонското малцинство во Бугарија и за регистрацијата на нивната политичка партија ОМО „Илинден“-ПИРИН откако бугарскиот премиер Сергеј Станишев вчера во Скопје изјави дека Бугарија ги исполнила одлуките на Судот во Стразбур околу ова прашање и дека „таа и да се регистрира, на изборите ќе добие многу малку гласови“. Скандалозна беше изјавата на Станишев дека лидерите на ОМО „Илинден“-ПИРИН, всушност, не сакаат да се регистрира партијата, „бидејќи тогаш нема веќе да бидат интересни“.

„Лидерите на таа организација не сакаат да ги исполнат условите за регистрација за да бидат во центарот на вниманието, инаку нема да бидат интересни“, рече бугарскиот премиер. Станишев го повтори својот став дека не постои политичко влијание врз регистрацијата ОМО „Илинден“-ПИРИН и дека регистрацијата е во рацете на бугарските судови. „Ако мислите дека некој политички е загрижен од регистрацијата од ОМО ’Илинден‘-ПИРИН, во заблуда сте“, изјави бугарскиот премиер..

Груевски, кој додека Станишев одговараше на новинарско прашање за ОМО „Илинден“-ПИРИН, само кимаше со главата, не даде никаква изјава поврзано со положбата на Македонците во Бугарија, но го премолчи и прашањето за пробугарската партија „Радко“ во Македонија, чија регистрација се' уште се наоѓа пред македонските судови.

Македонскиот премиер не одговори ниту на нападот на бугарските новинари и на својот бугарски колега врз македонските медиуми дека тие шират омраза спрема Бугарија и, како што рече Станишев, дека „некогаш пишувањето во медиумите влева отров во односите меѓу двете земји“. „Во двете земји постојат медиуми и политички сили кои го бараат она што не' дели, а не она што не' поврзува. Верувам дека добриот однос од Бугарија се' повеќе ќе има реципроцитет од другата страна“, рече Станишев. Груевски изјави дека Владата не поддржува никаква кампања на ниту еден медиум во однос на Бугарија. „Медиумите се независни и не можеме да влијаеме врз нив. Треба да се внимава на кажаниот збор“, изјави Груевски.

Груевски и Станишев, меѓу другото, вчера ја потенцираа добрата соработка меѓу двете земји и на економски и на политички план, во заедничките изјави за медиумите кои започнаа 20 минути пред закажаниот термин, во отсуство на речиси сите македонски медиуми, но во присуство на бугарските новинари. Притоа, тие ја пофалија постојаната нагорна линија на економската соработка, за што вчера беше потпишана и Спогодба за економска соработка меѓу двете земји од страна на министрите за економија на Македонија и на Бугарија. Груевски за економската соработка рече дека од 1999 година досега има зголемување на економската размената меѓу двете земји за 15 пати. „Се надеваме дека ќе постигнеме размена од една милијарда долари“, изјави Груевски.

Во делот на економската соработка, Станишев ја потенцираше бројката од 36 милиони евра директни бугарски инвестиции во Македонија, но и проектите во рамки на Коридорот 8, особено изградбата на патната и на железничката инфраструктура кон Бугарија и кон Албанија.

Прашан за вклучување на Македонија во проектот за нуклеарката „Белене“ во Бугарија, Груевски рече дека се прават анализи и се разгледува дали на нашата земји ќе и' одговараат условите или не.

Политичката соработка беше оценета како добра од двајцата премиери, при што Груевски изјави дека е задоволен од развојот на меѓусебните односи. Станишев изјави дека Бугарија на Самитот на НАТО во Букурешт инсистирала по решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција, да нема потреба од нов самит за Македонија да биде примена во Алијансата. „Уверен сум дека од инт��рес на Македонија е спорот поскоро да биде решен“, рече Станишев.

На прашањето за обнова на гробиштата на бугарските војници, Груевски рече дека Македонија ги почитува меѓународните правила за уредување странски гробишта, но нагласи дека нашата земја смета на реципроцитет околу тоа прашање.

Станишев вчера имаше средба и со македонскиот претседател Бранко Црвенковски, на која заеднички оценија дека меѓусебните односи се добри иако постои простор за интензивирање на соработката. Црвенковски му пренел на Станишев дека Македонија „и натаму очекува јасна и недвосмислена поддршка за нашите евроатлантски интеграции“ од Бугарија. Бугарскиот премиер вчера се сретна и со спикерот на македонското Собрание, Трајко Велјановски.

Коинциденција или смислено, еден ден пред посетата на Станишев на Македонија, неговиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивајло Калфин, во интервју за софиско „Ехо“, изјави дека „постои потреба од паметно лидерство за Македонија да го реши спорот со името со Грција“. Според него, Македонија ја пропушти шансата да се вклучи во европските и НАТО-интеграции. „Мислам дека проблемот со името беше решлив и дека по Самитот на НАТО беше возможно да се направат одредени позитивни чекори во следните неколку месеци“, изјави Калфин, според кого, наместо подобрување на ситуацијата, таа „дополнително се влоши кога Македонија излезе со нови барања“. „Тоа не и' помага многу на земјата, но тоа е избор на Македонија“, смета Калфин.

Тој верува дека е возможно да се најде прифатлив компромис околу името, „но имаме, настрана од спорот со името, барања околу идентитетот, јазикот, барање од страна на Македонија во врска со малцинство во Грција итн., сите овие дополнителни прашања што се изнесени на маса оваа година од страна на Македонија не се од помош“.