„Името е име“ помина со аплаузи за премиерот

Во филмот недостасува опиплив приказ на основата на македонскиот идентитет

Тамара Грнчароска


Со аплаузи по говорењата на премиерот Никола Груевски и на Паско Кузман во документарецот „Името е име“ на Исланѓанецот Сигурјон Еинарсон, помина во Скопје европската промоција на роад-трип документарецот посветен на македонската страна од спорот за името. Следењето на документарецот во неколку наврати беше надополнувано со ракоплескање, особено по деловите во кои говори премиерот. На промоцијата присуствуваа и претседателот и премиерот на државата, нивни советници и членови на кабинети, пратеници од редовите на власта, градоначалници, претставници на дипломатскиот кор и новинари.

Најавуван како гласник на пораките од Македонците за нивната вистина и идентитет, документарецот, освен рибарот од Охридско, бабичката од Трпејца и овчарот од Беровско, не може да се пофали со друг „случаен“ момент и избор на соговорници. Без елементи на непосредност и на спонтаност, и многу политички речник и изјави, се карактеристиките на роуд-трип документарниот филм „Името е име“.

Со „Името е име“ во поголем дел се добиваат филмски спакувани политички изјави на премиерот Никола Груевски, г.г. Стефан, Борис Трајанов, Паско Кузман, па дури и на тројца скопски средношколци.

Збирот на изјави и тврдења за спорот го водат гледачот од античкото време до денес, при што елаборирањето на суштината на спорот се прави помалку хаотично. Кулминација беше тврдењето за револуционерно археолошко откритие на Кузман дека гробот на Александар Македонски е пронајден во Македонија, но се чекаат погодни услови да е открие тоа, презентирано како доказ за нашето античко потекло.

Во документарецот е впечатлива добрата нарација што ги води гледачите низ поновата македонска историја, македонските пејзажи и патишта, а, пред се', перцепцијата на режисерот на прашањето за името како странец, но и неговите дилеми и рационлани размислувања иницирани од согледувањето на нелогичноста на спорот. Низ него провејуваат добро поврзани нишки на слики, говор и одличната музика на Мортен Харкет, но со несфатливо инсертирање со сцени од филмот „Александар Македонски“ на Оливер Стоун.

Документарецот „Името е име“ можеби во своја основа ја задоволува немената да ја приближи македонската страна по прашањето за името, надвор од границите на земјава, но она што му недостасува е поопиплив приказ на основата на македонскиот идентитет - културата, традицијата и историјатата. Но, во недостиг од македонска продукција, која може подлабоко да навлезе во суштината на идентитетот, „Името е име“ е можеби врвот на она што може да се добие како странска продукција за ова прашање.


#