Не заборавајте да го гушнете своето дете
Чувството на љубов и потребата да се прима и да се дава е најсилното оружје за справување со сите тинејџерски предизвици Валентина Тодоровска
Како полесно да се расте, безболно да се влезе во светот на возрасните? Тинејџерството е незаобиколна фаза во животот што сите ја паметиме. Неретко младите луѓе имаат чувство дека ги мрази целиот свет, разбрани се од околината и домашните, „несреќно“ се вљубиваат во своите идоли... За тоа како растат довчерашните деца разговаравме со Елизабета Силјаноска, психолог и едуциран гешталт-психотерапевт во ОУ Мустафа „Кемал Ататурк“ во Гостивар.
Велат, детето е таткото на човекот, односно дека карактерот се формира во раното детство. Што се случува во нежните кадифени години на тинејџерство?
„Периодот посебно важен за формирањето на личноста е детството кое трае до 14-. година од животот“, вели Силјановска. Последната фаза е тинејџерската фаза и за неа поголем број автори го вклучуваат и претпубертетскиот период. Зборот адолесценција (или современ термин -тинејџерство) доаѓа од латинскиот збор APOLESCERE – што значи расте, созрева и почнува од 11. до 12. година и трае од 20. до 23. година. Во овој период кај децата се одвиваат значајни промени што се резултат на жлездите со внатрешно лачење, посебно половите жлезди. Промените се видливи и кај машките и кај девојчињата. Машките нагло растат, се јавува мутација на гласот, појава на влака, мозолчиња и сл. Девојчињата растат, им се развиваат градите, се појавува првиот циклус... Сите овие промени се одвиваат наеднаш и во многу краток временски период, кои кај некои почнува порано, а кај некои подоцна. По своето значење и од аспект на правилниот психички развој, многу се поважни психичките промени што настануваат како резултат на телесното созревање и социокултурните фактори.
Карактеристика на младите луѓе во тој период е вознемиреноста, незадоволство, тие постојано наоѓаат мани. Навистина, тешки години и за нив и за околината. Што да се прави во овие ситуации, како да минат полесно?
Тешко е и за едните и за другите. Во овој период младиот човек се' уште се однесува како дете, а бара да го сметаат за возрасен. Истовремено, се чувствува неподготвен за обврските што ги носи зрелоста. Често се чувствува немоќен, исплашен, загубен, осамен, а во потрага по сопствениот идентитет и слобода на младиот човек, му стојат на располагање два избора. Првиот води до позитивна слобода и му овозможува слободно изразување на сопствените емоции, способности креации, идеи. Тој носи радост, откривање, избор, креација, но и напор, болка и разорачување. Вториот избор е отстапување од слободата преку бегство и повлекување од нови непознати и засрамувачки ситуации: животот изгледа како закана, а опшеството како присила.... Момчињата во овој период се многу активни и вознемирени, а за нив околината не може да најде соодветно оправдување и објаснување. Оваа психичка вознемиреност може да се изрази преку незадоволство, несигурност, разочараност со зголемени и вознемирувачки желби. Овие желби се најчесто површни и без цврста подлога. Поради нив, младите се незадоволни од средината каде што живеат, од родителите, професорите и од другите лица со кои доаѓаат во контакт. Незадоволството не е исто кај сите момчиња. Тоа зависи од темпераментот, воспитанието и е упатено и кон другите и кон самите себеси. Во првиот случај, момчињата изгледаат вообразено, агресивни се и често навлекуваат гнев од другарите, посебно од постарите. Тие веруваат во себе, подобро знаат се' и сешто повеќе од другите, нивните погледи на светот се исправни, а другите се обични „незнајковци“. Обично не веруваат во никого, ги потценуваат другите и често доаѓаат во конфликт. Другиот случај е кога момчињата се незадоволни од себеси и се сомневаат на своите психички способностите, па дури и во сопственото здравје.
Тогаш се силно изразени параноите, фатални исходи од замислените болести, стравувања да не им се случи нешто страшно. Зошто?
Да, тинејџерите често пати кај себе пронаоѓаат знаци на разни болести и веруваат дека им останало малку од животот! Или ако читале или слушнале за некои душевни болести, изнаоѓаат траги и симтоми на неврзи и психози, поради што не можаат да го научат она што го учеле. Очајни се, губат верба во себе! За да се сватат правилно психичките промени, не заборавајте на телесните промени: растењето е нехармонично со тоа што најбрзо растат нозете и рацете, а градниот кош заостанува во својот развиток (останува тесен) а, како за белја - и носот се развива побрзо од другите делови.
Како да се однесуваме и во двата случаја - кога детето има преголема самодоверба и кога е сосема повлечено во себе?
Не треба на самоуверените да се гледа како на „дрски и непослушни” момчиња, туку да се сфати дека тоа доаѓа од нивната состојба на несталожени и неискристализирани желби кон нешто ново и напредно во животот. Треба да почекаме и да помогнеме овие желби да се сталожат, да се искристализираат во нешто корисно и напредно и во таквиот случај младиот човек ќе расте убаво и ќе биде прогресивен! Возрасните треба да ги избегнуваат вербалните судири, за да не се направи јаз меѓу генерациите, да ја смират топката... Младите не се во состојба објективно да ја проценат ситуацијата, возрасните треба да им помогнат.
Девојчињата се понежни, покревки, какви состојби се карактеристични за нив?
Доаѓа до развивање на чувствотото на мајчинска нежност, желба за допаѓање, наклоност кон другата личност од семејството. Желбата за допаѓање доаѓа до израз преку следење на трендови (гардероба, шминкање, фризура). Покрај тоа, девојчињата покажуваат сличност и потреба од нежности, која се изразува преку создавање женски пријателства. Многу се мечтае и се гради лик на измислена, најчесто нереална љубов. Сето тоа е се' уште неиздиференциран облик на мајчинска нежност и потреба од нежност кон спротивниот пол... Девојчињата по природа се пасивни и затоа поподложни на влијанијата. Ваква психичка состојба често се злоупотребува, па затоа родителите се должни со поголемо влијание да го следат душевниот живот на своето девојчете и да му икажат нежност, внимание, поддршка и заштита, за побезбедно да го минат овој период.
Дојдовме и до највашниот дел од растењето, семејството. Колку во овој период е важна поткрепата на најблиските, да се чувствуваат заштитени од дома?
Ќе кажам за отсуството на емотивна топлина и нарушените односи во семејството што оневозможуваат младиот човек да стекне љубов, а со тоа и сигурност и самопочитување. Тој е неподготвен за живот, исплашен, несигурен без адекватен систем на вредности. Му се чини дека е способен да се соочи со реалноста, сите избори му изгледаат заплашувачки и болни, тој не знае ниту каде е, ниту, пак, зошто е тука. Светот за него е предизвик, заплашување и опасност во системот на вредности кои се' уште не се изградени... Ваквата несреденост кај двата пола може да биде причина за појава на многу опасности и кризи.
Животот денес, динамичноста, техничката информираност го разликуваат воспитанието некогаш и сега?
Денес воспитувањето е многу потешко и посложено отпорано, бидејќи се прилично измешани поимите што е добро, а што е лошо, што се смее, а што не. Децата треба да разликуваат што е правилно од она што е неправилно и да создадат имунитет кон негативните влијанија. Многу е важно да се почитува личноста на детето, да се сослуша неговото мислење, да се сфати неговата желба, потреба и навистина да се прифати. Сето она што е позитивно во содржината на списанијата, филмот и видеоиграта, истакнете го! Но, не ограничувајте го да види и нешто спротивно за да умее да прави разлика.
Во современата настава во училиштата денес се практикува демократски пристап. Младиот човек сака да има непречена комуникација со професорот, кој пред се' треба да ја цени личноста на ученикот, да умее да го направи часот интересен, лежерен и смирен, да има пријателски однос, а сепак да умее да го ангажира ученикот и да го поттикне ученикот да ги совлада наставните содржини.
Со желба да се избегне се' што е болно, непознато, застрашувачко, а често и од љубопитство и желба да бидат поинакви, младите луѓе можат да посегнат по тутун, алкохол, дрога. Колку во такви случаеви се ефикасни казни и забрани?
Тешкотии во воспитувањето се јавуваат кога непослушноста добива широки размери, бидејќи во овој период се јавува инает како природна појава. И тогаш настануваат конфликти помеѓу родителите и децата. Тие судири се' повеќе се заоструваат, затоа што децата сакаат родителите да се однесуваат кон нив како да се возрасни. Имено, родителската грижа и понатаму е иста, но детето, индетификувајќи се со возрасните, го одбива приодот на родителите. Младите не сакаат да бидат наречени деца, а родителите тешко го поднесуваат тоа. Тие и жалат што детето почнува да се оттргнува од нив, жалат што не можат повеќе да го галат, да му заповедуваат, да му угодуваат, чувствуваат дека во голема мера се намалува нивната родителска улога. Во овој период родителите треба се свесни дека поврзаноста меѓу нив почнува да слабее, детето се врзува за други луѓе, особено за врсници, професори... И, знаејќи го ова, не треба да се повредени, ниту, пак, претерано строги. Тоа значи да не користат казни и забрани зашто тоа предизвикува уште поголем револт. Тие треба да го сослушаат детето, дури и тогаш кога не ги интересира што кажуват. Патем, родителот е тој што треба да му помогне на детето во правилната организација на времето, во исполнување на обврските, одговорностите, но и за користење на слободното време, почитувајќи ја неговата желба за поминување пред компјутер, слушаење музика, спортување, дружење со врсниците и слично. И, без оглед на тоа колку е големо вашето дете, без оглед како го поминало денот, колку сте уморни или нервозни, среќни или одморни: ПРЕГРНЕТЕ ГО вашето дете... Чуството на љубов и потребата да се прима и да дава љубов е најјако оружје за справување со сите предизвици и искушенија што ги носи животот во овој современ и премногу динамичен свет!
|