Мислења
Матрица
Филип Петровски
Тргни на работа, помини низ истите улици, види ги истите луѓе, истите домашни миленичиња, на истото место, во исто време... Нели е тоа матрица?
Ќе го започнам овој текст со неколку редови за експериментот што се случи пред неколку дена во Швајцарија. Навистина намерата на експериментот, дебатите за и против, како и можноста од Армагедон, крај на се', ме замислија. И бидејќи многумина го нарекуваат најголем експеримент во историјата на човештвото, решив да го исцртам моето внатрешно доживување од моментите кога, според противниците на овој експеримент, бевме на прагот на самоуништување. На моја среќа, дента, половина час пред започнувањето на експериментот, добив линк од Интернет-телевизија што го пренесуваше случувањето во живо. Така можев директно да следам што се случува навистина и ако навистина дошол крајот, барем да го видам тоа во живо. Оцената на стручната јавност е дека ваков експеримент се случува еднаш во сто години.
Потрагата по божјите елементи, односно по честичката од која се настанало, навистина е „светиот грал“ на научниците. Амбициозно е да се трага по модел што може да го изимитира настанувањето на светот во лабораторија. Скептиците најавуваа дека таа потрага може да биде трагична, односно дека може патем да се создаде „црна дупка“ која ќе го проголта светот што го знаеме. Најавуваа дека, всушност, со експериментот можеме да претераме и да ја поминеме границата од која нема враќање. Еден од противниците на овој експеримент пред неколку години напишал, замислете овие вештачки создадени мали црни дупки да избегаат и патем да го изедат Чикаго? Колкави треба да бидат заинтересираноста и смелоста на човекот за да го прави овој експеримент? Што ли е тоа што толку силно не' гони да истражуваме?
Ги гледав преку мониторот многуте човечиња (научниците) растрчани таму-ваму низ подземниот ходник каде што се одвиваше експериментот. Си помислив за момент, што ако навистина е крај? Замислете дека пред вас е последниот половина час од постоењето на се'. Раздразнува мислата. Носи голема непријатност. А вие сте во можност да го проследите тоа во директен ТВ-пренос. При разговори со некои мои пријатели заинтересирани за експериментот со создавање на „божјите честички“ се потсетивме на создавањето на атомската бомба. Со проектот наречен „Менхетен“ раководел Опенхајмер. Но, пред да се употреби бомбата, требало да се изврши тестирање. Секако, за да се дознае, како и во случајот на денешниов експеримент, дали се валидни и реални математичките равенки, односно да се докаже корисноста на нуклеарната енергија. Тестирањето е извршено во Ново Мексико. Упростено, пред творецот на атомската бомба биле три можности што ќе се случи со тестот на атомската бомба. Сите три биле еднакво возможни.
Првата можност, да не се случи ништо, да не експлодира бомбата. Втората, да експлодира бомбата, но со неа да се уништи и целата атмосфера во континуирана верижна реакција. И третата, да може да се контролира експлозијата, така како што се случи во Хирошима и во Нагасаки. Можете ли да замислите колкава била тежината на одлуката што ја носел Опенхајмер и стравот да не се случи второто сценарио. Историјата вели дека му било наложено да го направи експериментот и покрај можните погубни последици...
Колку вреди се' околу нас, сосе нашите животи, сите наши надежи и очекувања? Интересно е што секојдневните обврски и оваа приземна живејачка многу не' одвојуваат од суштината на животот, од прашањето - која е нашата цел и колку чини тоа. Плаќаме голем цех за одвоеноста од нашата филозофска суштина. Зомбификацијата која е на дело од голем дел од човештвото прави само статистичка бројка, која го плаќа тоа со мака и страдање. Често се прашувам колку и самиот сум зомби, односно само бројка.
Потсетете се само на идејата на филмот „Матрикс“, според која сите ние навистина сме бројка, односно извор на енергија за тие што не' цицаат, во филмот претставени како роботи и вештачка интелигенција. Колку и да е далечен или фантастичен овој концепт, мала метафизичка промисла, со отворени мисловни порти, укажува на реалната можност сепак се' да е така. Колку пати сте си кажале - немам енергија денеска. Исцрпен сум. Можеби реализацијата на одземањето на животната енергија не е така сурова и не сме затворени и одвоени во некакви мембрани. Но, кој вели и со што може да потврди дека навистина не е така. Истовремено на размисла ја нудам и песната на „Пинк флојд“ – „Добредојдовте во машината“. Случајно ли пееле тие титани на рок-музиката за машината која ти кажува дури и што ќе сонуваш? Машината што ти ги програмира животот и твоите потреби. Провокацијата оди дотаму што противењето на ликот и неговата свесност ги слика како дополнителен дел на машината, односно на нејзините можности за создавање илузија и контрола. Ме инспирираше оваа песна во моментот, затоа подзастанав. Размислувам. Го отворив текстот на песната. Интернетот е чудесна работа (ако не е некаков глобален колектор на енергија!). Се' ми е при рака. Решив да направам пост. При рака ми е и мојот блог. За момент се префрлувам на блогот и правам пост со текстот и видеозаписот на „Добредојдовте во машината“. Нема полесна работа од тоа.
Можеби ви е полесно да си ја замислите машината, наместо како приказот на „Матрикс“, како секојдневната живејачка. Задолженоста на банковните картички која секојдневно расне и која е товар од кој не можете да се ослободите. Неможноста да ги решите егзистенцијалните проблеми ве тера да ја продавате слободата за малку пари. Додека се' повеќе работите, некој друг се' повеќе се богати. Во меѓувреме, минуваат години, аргатското темпо ви го уништува здравјето. Затоа се' повеќе сте принудени парите да ги враќате низ индустријата за лекови на истите газди кои, всушност, ве разболеле. Колку повеќе се лекувате толку повеќе се разболувате. Децата тргнале во училиште, нова чешма низ која истекуваат скапо платените пари со здравје. Колку повеќе раснат толку повеќе чинат.
Училиштата сега се ценат според начинот на рекламирање, а не според знаењето што го нудат. Како последица на тоа се јавува медиокритетство. А тоа неговите жртви, откако ќе ги сомеле машината, ги става во истиот бесконечен ред за трошење. Мислите дека трошите, а всушност ве трошат. Кога најмногу ви е потребно, дознавате дека сте добиле некакво наследство. Меѓутоа, додека да го поделите со роднините, минуваат дополнителни десет, дваесет години. Сумата што сте ја потрошиле дотогаш за адвокати многукратно ја надминува вредноста на тоа што треба да го добиете. Имате чувство дека се вртите во круг, дека некој ве гледа низ огледалото, дека нешто не е в ред, а не можете да преземете ништо. Тргни на работа, помини низ истите улици, види ги истите луѓе, истите домашни миленичиња, на истото место, во исто време... Нели е тоа матрица? Само не е толку холивудски филмувана. И е спуштена на ниво на секојдневната живејачка.
Всушност, сакав да пишувам за последните измени во Законот за надворешни работи. Има таму доста интересни новели податливи за коментирање. Ама бев пресретнат од овие слободни одгласи по повод експериментот кој можеше брутално да ни стави крај. Затоа барем во текстот си ја дозволив слободата, макар за кратко да излезам од матрицата, пред да изврти до крај.
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk |