Државата почна со нови вработувања
Првите решенија на неопределено време се поделени во МВР
Катица Чангова Светлана Унковска
Тргна трансформацијата на контингентот привремени вработувања.
Како што дознава „Утрински весник“, Министерството за внатрешни работи е првата државна институција што повлече нога и од 1 јули подели решенија за вработување на неопределено време.
Од МВР вчера вешто избегнаа да ја обелоденат бројката на удомени лица, ангажирани преку агенциите за привремени вработувања, кои во изминатите години кај нив примаа плата. Од овој владин ресор не објаснија по кој закон вработиле нови лица, дали распишале конкурс и како се одвивала постапката. Портпаролот на МВР, Иво Котевски, одговори дека може да ја даде само вкупната бројка на вработени, но не знае колку и дали од привремено вработените ќе добијат постојано вработување. „Барања за вработување во МВР кај нас не се пристигнати“, изјавија во Агенцијата за државни службеници. Притоа предочија дека во МВР се вработува по четири закони, освен според законите за работни односи и за државни службеници, по специјалните закони – за полиција и за внатрешни работи. Бидејќи барања не се пристигнати, од Агенцијата сметаат дека административците добиле работни места во МВР преку специјалните закони.
Во јавноста пред еден месец се пласираа неколку бројки за привремените, 5.000 вработувања како што тврди Владата, 30.000 е бројката на опозиционата партија СДСМ, а имаше и нешто трето, односно дека државниот апарат ќе се зголеми за уште 18.000 нововработени.
Од Владата уверуваат дека овие места во јавниот сектор ќе се освојат со знаење, стручност и со вештини, односно нема гаранција дека луѓето кои сега се таму ќе останат.
„Институциите зацртаа 5.000 позиции во своите систематизации каде што работат привремено вработени лица. Има позиции кои биле пополнети уште во времето на СДСМ. Ќе се даде согласност за распишување јавни конкурси и ќе се испочитуваат процедурите. Секој може да се пријави на објавен конкурс, а по проверките ќе се изберат најдобрите кандидати“, изјави портпаролот на Владата, Мартин Мартиновски.Тој нагласи дека ќе се направи трансфер на позиции, а не трансфер на вработени. Мартиновски тврди дека овие вработувања нема да предизвикаат дополнителни буџетски трошоци, туку дека ќе заштеделе пари во провизиите што сега им се исплатуваат на агенциите за ангажираност на привремено вработените. „Платите нема да бидат повисоки од надоместоците што месечно ги добиваат привремените. Почетник прима 15.000 денари“, објасни владиниот портпарол. Придонесите во бруто-платата, сепак, се многу поголеми од провизиите на агенциите за привремени вработувања.
За најавената трансформација на 5.000 работни места до 30 септември ќе бидат распишани јавни огласи, информираа од Министерството за финансии, кое потпишува одобренија. Од сите државни институции добиле барања за трансформација на вработувањата. „Досега сите институции каде што има привремено вработени лица доставиле барања и документација за трансформација на овие работни места на неопределено време. Од нив, девет институции имаат доставено комплетна документација, вклучувајќи и позитивно мислење од Агенцијата за државни службеници и за нив е издадена согласност од Министерството за финансии“, информираат од Финансии.
Министерството за одбрана веќе ја почнало постапката за трансформација на 202 решенија од привремени во трајни, од кои 137 се однесуваат на Министерството, а 65 на АРМ. „Откако ќе добиеме одобрување за вработување ќе биде објавен јавен конкурс на кој ќе може да се јават сите заинтересирани лица. Тенденција на Министерството за одбрана е да ги намалува привремените вработувања“, изјави портпаролот Сашко Димовски.
По ваквото големо цунами со вработувањата во државните јасли се отвора прашањето дали овој силен товар ќе го издржи слабиот буџет. Професорката на Правен факултет, Ана Павловска-Данева, забележува дека најголемиот проблем е во тоа што се прават ад хок решенија за вдомување на партиските војници, кое пред најавените предвремени избори ќе има голем ефект за владејачката партија.
„Постапката е нетранспарентна и нема поставено ниту критериуми, ниту има бројки колку луѓе се со времен договор. Тие податоци требаше да се достават до Европската комисија до февруари годинава, но тоа не е направено. Второ, треба да се каже врз основа на кои анализи за тоа каде и колку има потреба да се трансформираат овие вработувања. Што ќе прават со нив, дали сите ќе бидат вработени или не. На сето ова немаат одговор, ниту постојат некакви анализи. Ова е ад хок решение, кое треба да влезе во предизборна кампања за да се собираат гласови“, оценува Павловска-Данева.
Прашањето на администрацијата не се симнува од списокот на препораки од ЕУ. Проблематични беа и вработувањата со времен карактер, што за премиерот Груевски значеше дека Унијата налага да ги трансформираме во трајни вработувања. (К.Ч.-Св.У.) |