Мисли ли некој на оставки?

Гордана Јанкулоска и гневот на јавноста: протестите не стивнуваат, министерката молчи

Жаклина Ѓорѓевиќ


Ќе има ли оставки од првите луѓе во Министерството за внатрешни работи по убиството на дваесет и двегодишниот Мартин Нешковски, чија смрт повлече бурни реакции и масовни протести во јавноста, кои со денови не престануваат, а со кои се бара одговорност и оставки за загубата на еден млад живот.

Згрозените лица од очај на родителите на Мартин ја смрзнаа крвта на сите оние што заковани го следеа погребот на ова младо момче на телевизиските екрани, но дали нивната болка и порака дека „државата им го убила синот“ ќе стаса до упатената адреса. Дали премиерот Груевски и неговата најблиска соработничка Гордана Јанкулоска ќе се соочат со гневот на јавноста и ќе го прифатат предизвикот за оставка, или формирањето нова влада ќе го искористат за ротирање на министерката во друг ресор или на друга функција.

Веќе шести ден протестите за младиот Мартин не престануваат, а од вчера младите преку социјалните мрежи се организираа и за потпишување петиција во која поставија конкретни барања, со кои, меѓу другото, се бараат оставки од министерката Гордана Јанкулоска и од нејзиниот помошник Иво Котевски, како и доживотна казна за „тигарот“, чии удари го усмртија момчето.

Но, освен протестите, во политичкиот живот ситуацијата е статус кво, иако експертите сметаат дека неминовна е оставка на министерката како морален чин. Таа дури три дена по настанот изрази сочувство до семејството за убиеното момче и порача дека случајот нема врска со политика, па оттаму и нема основа за политичка одговорност. Сочувство дури вчера, речиси цела недела по смртта на момчето, стигна и од младите на ВМРО-ДПМНЕ, чиј припадник бил инаку младиот Мартин.

Во јавноста се' погласно се зборува дека Јанкулоска е можно да не се најде во истата фотелја токму поради случајот со младиот Мартин, иако таа важи за една од луѓето од доверба на премиерот. Освен овој трагичен настан, дамка во нејзината политичка кариера како министер остави и инцидентот во Собранието кога вработен во полицијата ги снимаше сдсмовските пратеници за време на нивниот состанок со стечајците.

„Иако министерката нема конкретна одговорност, тоа се случило во нејзиниот ресор, и што е потрагично, се работи за човек што бил во непосредното обезбедување на премиерот, односно на високи личности во државата. Според мене, тука е неминовно морална одговорност да понесе првиот човек на Министерството“, смета професорот Јове Кекеновски. Случајот тој го спореди со оставката на поранешниот министер за сообраќај, Антонио Пешев, во 1993 година по паѓањето на двата авиона. Оставката, според Кекеновски, сепак, треба да ја одрази доблеста на министерот.

Но, кај нас оставките се вистинска реткост, за што барем моментално не размислуваат во владејачката партија ниту, пак, сакаат да коментираат на оваа тема, за што велат дека, сепак, одговорноста за овој случај треба да биде инвидивуална.

Вчера на „Фесјбук“ беа поставени конкретни барања во предлог-петицијата на неколку стотици млади луѓе, кои бараат целосно расчистување на случајот со младиот Мартин и одговорност на сите по хиерархиска линија во МВР. Оставки од министерката Јанкулоска и од помошник-министерот Иво Котевски се вклучени во барањата во петицијата. За Котевски дури и се бара да сноси кривична одговорност за „соучесништво во прикривање убиство“.

Дека одговорноста треба да оди на адреса на Министерството за внатрешни работи и на министерката, порачува и професорот по социологија од Штуловиот универзитет, Али Пајазити.

„Министерката за внатрешни работи да се соочи со одговорноста и да поднесе неотповиклива оставка затоа што еден полицаец се однесува на начин што не доликува, иако тој не бил во униформа и не бил на должност“, смета професорот. Без разлика дали се работи за припадник на една или на друга партија, одговорноста, според Пајазити, се лоцира во Министерството и во министерката бидејќи се работи за живи суштества, чии живот треба да ги заштитува токму полицијата.

ВМРО-ДПМНЕ и Груевски засега молчат, иако цената на политичките последици за Владата од овој случај секојдневно се зголемува

без оглед што претстои нејзино рекомпонирање. (Ж.Ѓ.)


#