Обама ја доби битката против Хилари
Демократот Барак Обама и републиканецот Џон Мекејн тргнаа во предизборната трка за Белата куќа
ВАШИНГТОН - Барак Обама во вторникот ја обезбеди претседателската номинација од редовите на демократите, затворајќи го на тој начин брзиот подем од политичка анонимност до првиот Црнец кој ќе ја предводи најголемата американска партија во трката за Белата куќа. Бранот поддршка од неодлучните делегати му помогна на Обама да ги освои потребните 2.118 гласа за да ја обезбеди номинацијата и да ја порази ривалката Хилари Клинтон, поранешна прва дама, која влезе во трката како голем фаворит. Обама ќе биде инаугуриран за кандидат на демократите на конвенцијата во август и ќе ги одмери силите со републиканецот Џон Мекејн на ноемвриските избори на кои ќе се бира наследникот на претседателот Џорџ Буш.
Демократот Обама и републиканецот Џон Мекејн тргнаа во нивната предизборна трка за Белата куќа со сосема различни приоди кон политичките прашања што се трн во окото на гласачите, од Ирак и дипломатијата до даноците и здравствената заштита. Нивното досегашно соочување околу подготвеноста на Обама да разговара со лидери на непријателски земји без предуслови, беше загревање за она што го ветија дека ќе биде злобна петмесечна кампања за ноемвриските избори. „Тоа ќе биде јасен избор како што беше случај со генерации наназад“, изјави Даг Шоен, демократски консултант и поранешен советник на претседателот Бил Клинтон. „Имате пред вас два сосема различни става за светот презентирани во непријатно олеснување“.
Обама во вторникот ја обезбеди претседателската номинација од демократите над ривалот, сенаторката Хилари Клинтон од Њујорк, и веднаш го сврте своето внимание кон Мекејн со собирот во Сент Пол, Минесота, местото каде што републиканците во септември ќе ја одржат својата конвенција. Обама се прогласи за „демократски кандидат за претседател на САД“. Тој говореше пред насобраната толпа на последниот ден од сезоната на прелиминарни партиски избори, кога резултатите покажуваа дека тој освои доволно делегати за да ја обезбеди номинацијата. Од државите во кои последно се гласаше во Монтана победи Обама, а додека Јужна Дакота ја освои неговиот ривал, Хилари Клинтон, соопштија американските медиуми. Ако биде потврден како кандидат, Обама ќе биде првиот Црнец кој ќе ја претставува најголемата партија на претседателските избори.
Хилари Клинтон во вторникот одби да го признае поразот од Барак Обама во демократската трка за Белата куќа или, пак, да признае дека стигна до крајот на патот во нејзиниот обид да ја освои Белата куќа. Наместо да го признае поразот од Обама, сенаторката од Њујорк пред насобраните симпатизери изјави дека ќе се консултира со поддржувачите и партиските лидери за да донесе одлука за иднината на својата кампања. Клинтон го пофали Обама и му вети помош за обединување на партијата за поразување на републиканецот Џон Мекејн (71) на ноемвриските избори, меѓутоа, пркосно додаде: „Ова е долга кампања и вечерва нема да носам никакви одлуки“.
Разликите меѓу Мекејн (71), белец, поранешен пилот на морнарицата и заробеник во Виетнамската војна, и Обама (46), Црнец, дипломец од Харвард и поранешен организатор во заедница, одат далеку зад личноста. Нивниот идеолошки јаз е многу поочигледен околу две прашања, кои вообичаено во анкетите се рангираат како најголемите загрижености на американските гласачи како војната во Ирак и проблемите во економијата. „За двете значајни прашања тие не можат да имаат поспротивставени ставови“, изјави Ден Шнур, републикански консултант од Калифорнија и помошник на Мекејн за време на претседателската кампања во 2000 година.
Мекејн беше познат и жесток поддржувач на одлуката за инвазија врз Ирак и вети дека ќе ги задржи американските војници таму с��' додека не се добие војната. Тој неодамна рече дека 2013 година е разумен датум за постигнување на таа цел и окончување на инволвираноста на САД. Обама, сенатор од Илиноис, беше противник на војната кој вети враќање на американските борбени единици од Ирак за 16 месеци по преземањето на функцијата.
Разликите во мислењата се слични и во однос на даноците. Мекејн ги поддржува продолжените намалувања од претседателот Буш и намалувањата на корпоративните даночни стапки, додека Обама би дозволил намалувањата што ги воведе Буш да бидат укинати за богатите Американци, оние кои заработуваат повеќе од 250.000 долари годишно, и да се зголемат даночните стапки на капиталните добивки, што е уште една ставка која вообичаено има влијание главно на оние со повисоки примања. Мекејн, сенатор од Аризона, се противеше на намалувањата на Буш кога тие беа изгласани во 2001 и 2003 година, наведувајќи дека тие би го зголемиле буџетскиот дефицит и диспропорционално се во корист на богатите. Тој сега го поддржува нивното продолжување, наведувајќи дека тие ќе понудат помош за економијата која е во криза. Двајцата веќе ги вкрстија копјата околу противењето на Обама на идејата на Мекејн за неплаќање на сојузните даноци за гориво за време на летните месеци. Обама тоа го нарече политички трик што би обезбедил мала помош, додека пак Мекејн посочи дека идејата ќе даде мала поддршка за просечните семејства кои се обидуваат да соберат за одмор. Обама, одново ќе преговара за Договорот за слободна трговија со Северна Америка, кој од страна на некои демократи и синдикати се гледа како виновник за затворањето на голем број работни места во САД. Мекејн се противи на измени во договорот и посочува дека тој е корисен.
Двајцата кандидати имаат сериозни разлики и во однос на реформите во здравството, кое во националните анкети константно се рангира како второ најголемо домашно прашање по економијата. Мекејн ќе користи даночни кредити за да ја помогне промената од осигурување што ќе го покрива работодавецот во систем на отворен пазар каде што луѓето ќе може да избираат. Обама би го задржал постојниот систем врз основа на работните места и ќе го прошири инволвирањето на власта. Тој го поддржува универзалниот здравствен систем за 47 милиони Американци без осигурување, иако тој би барал покривање само на децата.
Мекејн во неколку наврати повторуваше дека Обама нема искуство во националната безбедност, и ја критикуваше неговата подготвеност да разговара со лидерите на непријателски земји без предуслови како знак на наивност. Обама го нападна економското лидерство на Мекејн и неговите врски со лобистите во Вашингтон, велејќи дека изборот на републиканскиот кандидат би значел трет мандат на Буш. Обама, кој изјави дека Мекејн би ја пролонгирал неуспешната дипломатска политика на Буш, ги прикажува изборите како избор меѓу иднината и минатото. (Ројтерс) |