ЕДИТОРИЈАЛ

Од главен адут до фијаско

Александрија Стевковска

Македонското земјоделство пука по сите шевови. Годинава е лоша за млекарите, лозарите, а богами и тутунарите не поминаа најдобро. Сите тие си го направија своето, работеа, инвестираа, произведоа за на крај да нема кој да им го откупи производот. Откупувачите ги уценуваат, им ја симнуваат цената, манипулираат со процените и сето тоа на грбот на земјоделците. Годинешново земјоделско незадоволство овој сектор, од адут на власта, го претвори во нејзино фијаско. Оваа област во која власта се крстеше се претвори во пропадната инвестиција во која подебелиот крај го извлекоа токму оние што се најмалку заслужува, луѓето кои со големи маки работат на отворено по нивите, во шталите. Тие, обидувајќи се чесно да си го заработат парчето леб, останаа ни на небо ни на земја, без пари, без иднина. Владата, пак, нешто како да сака да помогне, преговара, за нешто да договори, но во интерес на откупувачите. Земјоделците се' поддржуваат, но само декларативно.

А се' започна да оди надолу со пропаѓањето на „Сведмилк“. Сточарството беше десеткувано, кравите се продаваа, колеа. Сточарите, во потрага по парче леб, се зафатија со производство на тутун, кој лани добро помина. Но, годинава, како што тие ги нижеа листовите тутун, така ги нижеа и своите загуби. Државните субвенции за тутунот доцнеа, откупувачите ја намалија ланската откупна цена, класите ги проценуваа пониско од она што требаше за на крај тутунарите да влезат во чиста загуба. Протестите беа логична последица на незадоволството кое зовре до кулминација.

Власта, за да го амортизира тутунарскиот притисок, некако ги седна на една маса и производителите и откупувачите, падна договор откупот да тече според одредени правила и тензијата се намали. Сега останува само да се види дали договореното ќе се почитува, бидејќи во нашава Македонија ништо не се знае. Некогаш договореното е недоговорено, а решението не е решение, па многу е веројатно откупувачите да продолжат да си тераат по свое и да откупуваат, не според утврдени, туку според субјективни правила. Единствено што се знае во ситуацијава е дека в година многу семејства нема да се решат да произведуваат тутун. Можеби во 2011 година фаворит ќе биде градинарското производство, кое годинава единствено добро помина од сите земјоделски сектори, но токму тоа може да значи неуспех на овие култури, бидејќи кога сите ќе удрат на производство на она што лани добро поминало, нареденото производство го фрлаат во ѓубре.

Најдобар пример за тоа се лозарите. Зар лани тие не поминаа добро? Поминаа и тоа одлично! Но, токму затоа годинава тие, народски кажано, го обраа бостанот. Грозјето не им влезе во винарниците, скисна, а она што го дадоа, пак, не им е платено. Резултат на тоа се ископачени лозја, лозари кои не си ја обезбедија нормалната живејачка оваа зима, неизвесност што да се прави и што да се произведува наредната година.

Се' на се', црни денови за македонското земјоделство, а како што тргнало, ќе биде и полошо. Токму затоа државата е таа која треба да обезбеди барем фер услови за работење и егзистирање на земјоделците, кои не се само гласачка машинерија, туку луѓе со свои потреби и свои права, рамноправни граѓани на оваа држава.


#