05.10.2011, 16:46

Глобалист

Европската левица се буди

Љупчо Поповски

Изборите за францускиот Сенат, триумфот на социјалдемократите во Данска и редицата порази на демохристијаните во Германија покажуваат дека нешто се менува во Европа

Кога на изборите за Сенатот пред десет дена француската левица за прв пат го освои мнозинството од 1958 година кога е формирана Петтата република, лондонски „Гардијан“ напиша дека тоа е „l’aperitif“ за драматичните промени што ќе следат во Франција со претседателските избори следниот мај.

Неколку дена порано, во Данска победи централно-левичарската коалиција наречена „Црвен блок“ и по 10 години ја исфрли од власта конзервативната коалиција.

Најспектакуларната промена на политичкиот бран се случуваше целата оваа година на покраинските избори во Германија, каде што владејачките демохристијани и либерали беа дури и срамно беа поразувани од социјалдемократите и зелените.

Дали Европа се подготвува да го менува политичкиот курс откако десничарските влади владеат речиси насекаде целата оваа деценија? Тоа би бил пребрзан заклучок, но настаните кои изгледаа неверојатни покажуваат дека доаѓа време за вистинска политичка битка меѓу левицата и десницата на стариот континент.

Неколку работи помогнаа европската левица да се разбуди од нејзиниот кошмар. Економската криза како никогаш во последниве 30 години го стави на испит европското лидерство. Во времето кога се потребни визии, реформи, одлучност и солидарност, француските и германските лидери (се' до последното гласање во Берлин за европскиот пакет за помош) покажаа колебливост која се граничеше со исплашеност. Во Европскиот совет и во Европската комисија доминира десницата и нејзината ортодоксна политика за штедење доведе до очај десетици милиони Европејци кои не можат да се сместат во графата „имашни“. Како што обично бидува кога такви мерки воведуваат конзервативците, најстрашните маки во штедењето треба да ги поднесат посиромашните. Богатите елити остануваат главно недопрени. Тоа е, веројатно, најважниот поттик за овој неочекуван подем на левицата.

Трите случаи се различни меѓу себе, но покажуваат колку исти вредности делат Европејците. Победата на опозицијата во битката за францускиот Сенат (во неа се социјалистите, комунистите, зелените и други левичарски политичари) на прв поглед изгледа како спектакл, но таа веќе беше најавена од серијата драматични успеси целата оваа година на изборите во француските региони. Сенаторите во Франција ги избира тело што го нарекуваат „големи електори“ од 71.890 лица, а него го избираат 150.000 функционери од цела држава. Кога десницата ги загуби регионалните избори, се чекаше битката за Сенатот. Никола Саркози драматично ја губи популарноста поради економската неизвесност, невработеноста, буџетскиот дефицит и корупциските скандали на некои од неговите помошници. Саркози ја предводеше меѓународната заедница во војната во Либија, отвори нова блискоисточна политика, но го загуби срцето на Франција. Напролет може многу лесно да ги изгуби претседателските избори, ако не ги најде одговорите на прашањето зошто доби ваква жешка изборна шлаканица.

Но, победата во битката за Сенатот во прекрасната палата во Луксембуршкиот парк (каде што, според клишето, се изданоците на старата буржоазија и најдобриот ресторан на светот) може да биде предвесник на поразот за левицата, ако таа, како што напиша познатиот француски колумнист Марк Коен, „почне да ги блокира мерките што ги предлага владата за излез од кризата. Во ова кризно време левицата не може да биде системски опструктор“. Тоа се добри поуки што не важат само за Франција.

Ако во еден револуционерен изборен ден Французите идниот мај му подарат пораз на Саркози, тоа ќе биде голем сигнал да порасне до небо самодовербата на социјалдемократите и на зелените во ��ерманија пред изборниот мегдан со партијата на Ангела Меркел во 2013 година. Германските конзервативни партии долго време се спротивставуваат на целосна економска унија во ЕУ. Иако Германија е основниот мотор во ЕУ, тие покажуваат зачудувачки протекционизам што излегува од линијата што ја зацрта уште Конрад Аденауер во 1949 година. Слободните демократи (помалиот коалициски партнер) се во слободно изборно паѓање и на последните осум покраински избори на пет не успеаја да го надминат неопходниот петпроцентен праг за влез во парламентите. Кога на последните избори во Берлин се обидоа со трик-кампања, заснована на нагласен евроскептицизам, да го запрат тркалото и да ги вратат гласовите беа изборно столчени.

Германските и француските социјалисти имаат поинаков пристап кон европската идеја – тие се огнени поддржувачи на одржлив раст на заедничко европско ниво, за поголема политичка интеграција и дистанцирање од неолебирелната идеологија која доминира последниве десет години со европската политика. Сегашната конфузија во главните европски престолнини околу иднината на ЕУ ним им помогна бидејќи нудат идеја за заедништво наместо поделби.

Скандинавскиот случај е приказна со многу поуки. Кога налудничавиот Норвежанец го направи оној бесмислен масакр во Осло, многумина претпоставуваа дека стравот од терористички напади на изборите што следеа една недела подоцна во Данска ќе биде ветер во едра за конзервативните и на популистичките партии. Се случи спротивното.

Хеле Торнинг-Шмит, снаа на поранешниот лидер на британските лабуристи, Нил Кинок, ја испиша историјата станувајќи прв жена-премиер во историјата на Данска. Тоа беше неверојатно тешка работа за лидерката на социјалдемократите, која ја нарекуваат со прекарот „Гучи Хеле“ поради нејзината екстравагантна мода. Пред четири години беше тесно поразена од досегашниот премиер Ларс Локе Расмусен, но партијата ја задржа вербата во нејзиното лидерство, а таа вербата во победа. Изборите ги доби тесно, со неколку пратеници повеќе на нејзината широка коалиција.

Нејзиното економско кредо во кампањата беше – поголеми даноци за данските банки и за најбогатите граѓани за да може да се одржува и да се прошири плаќањето за училиштата и за болниците за уште 4 милијарди долари во најдарежливиот социјален систем во Европа. Идејата што, на некој начин, ги освои Данците беше штедењето да се направи со тоа што секој вработен ќе има поголем работен ден за 12 минути. Тоа е еден час плус во неделата.

Гласачите ги казнија оние што заговараа тврда политика кон имигрантите, конзервативците (кои беа коалиционен партнер на либералите на премиерот Расмусен) и популистичката Данска народна партија. Лидерот на популистите, Пиа Кјерсгард, успеа да ја натера владата да востанови гранични контроли во шенгенската зона и да ја оттуѓи Данска од нејзините соседи. Владата воведе и драматични ограничувања за имиграцијата, особено за муслиманите. Нив ги има 200.000 во Данска или 4 проценти од вкупната популација.

Но, рецептот за популизам не е долговечен во здравите општества. Вака тоа го опиша во својот редакциски коментар водечкиот дневен весник „Јиландс-Постен“: „Има широк консензус, кој навлегува длабоко во данските конзервативни кругови, дека соработката на конзервативните либерали и конзервативците во владата со десните популисти ја урниса политичката култура на земјата. Време е за нова влада. Заврши една ера во данската политика“.