Си велам
Доаѓа жешка зима
Ерол Ризаов
Изгледа и власта и опозицијата се задоволни да нема избори пред време
Ќе нема предвремени парламентарни избори. Така одлучија коалиционите партнери на власт. ВМРО-ДПМНЕ ја потсети јавноста и опозицијата дека редовниот термин за парламентарни избори е пролет 2012 година, кога завршува шестгодишниот мандат на премиерот Никола Груевски и неговите влади. Тоа е легитимно право на власта. Само парламентарното мнозинство може да го распушти парламентот. Така е според Уставот. Но, како е според политичкиот прагматизам: имало-немало вонредни избори, Македонија ја очекува жешка зима иако сите прогнози навестуваа големи студови и снегови. Илјадагодишната зима, се чини, ќе се стопи од високата политичка температура. Не е на арно високи температури среде зима. Тогаш најмногу се шират заразни заболувања. Велат, нема ништо позаразно од политиката.
Наредните денови ќе бидеме бомбардирани со анализи, информации шпекулации и манипулации кој се плаши и кој бега од соочување со народот, а кој блефира и сака да дојде на власт по недемократски пат. Погодувате, поддржувачите на власта и медиумските трабанти ќе ни сервираат секој ден докази за високите рејтинзи и големите успеси на власта. Ќе не' убедуваат дека власта не сака сега мерење на силите оти има многу поважни работи за државата. Да сака веднаш, ќе ја прегази опозицијата, бидејќи водела на анкетите два спрема еден. Критичарите на Владата и опозицијата, пак, ќе ни покажат каков уплав добила власта од митинзите и маршевите за демократија и колкава кукавица е Никола Груевски кога бега од мегдан со Бранко Црвенковски. Опозицијата ќе презентира секој ден докази дека народот се буди и бара промени.
Ваквата дебата би можело да биде и здрава за македонската демократија, бидејќи нема ништо понормално во политичкиот плурализам опозицијата да бара предвремени избори, а власта со мнозинство во парламент да одлучува кога и дали ќе оди на вонредни или редовни парламентарни избори. Тоа е политичка класика во земјите со етаблирана демократија. Кај нас битката за власт ја претвора ниската политичка култура во фактор на дестабилизација на земјата. Се заоструваат и се радикализираат меѓупартиските и меѓуетничките односи. Јазикот на омраза, покрај провладините медиуми, почнуваат да го користат и политичарите од високите ешалони. Партизацијата добива се' подраматични димензии, што се' заедно создава напрегнат амбиент во државата.
Лично мислам дека и власта и опозицијата се задоволни од одлуката да нема предвремени парламентарни избори. Опозицијата добива нови крила дека власта стравува од одмерување на силите. Бранко Црвенковски не блефирал кога барал предвремени избори. Митинзите и нивната посетеност покажаа дека власта не е сама во државата и дека преземањето во владеење на сите институции на системот со поддршката само од една петтина на граѓаните раѓа се' поголемо незадоволство. Владата јавно покажува дека не сака контрола на својата работа, што е основен предуслов за работа на одговорна, транспарентна, демократска и компетентна влада. Од друга страна, со неприфаќање предвремени избори, Владата со своите коалициони партнери добива уште една и пол година да потроши покрај два буџета од три-четири милијарди евра, дополнително уште цела милијарда евра нови задолжувања на државата за да ги оствари своите партиски програми и ветувања. Тешко е да се верува дека ММФ ќе дадеше толкав заем на влада која оди на избори. Можеби тука се крие една од причините што власта процени дека не и' оди во прилог да прифати предвремени избори. Како и да е, фактурата до народот да ја плати сметката властите мора да ја испорачаат најдоцна до март 2012 година кога граѓаните ќе можат да проценат, ако не го направиле тоа порано, дали паметно се потрошени нивните милијарди евра и задолж��вањето во нивно име и дали го добиле тоа што го очекуваа од оваа власт. Што дотогаш, до пролет 2012 година. Дали ќе се остварат некои македонски приоритети.
Убеден сум дека најголемите изненадувања и најважната работа во државата не се ниту редовните ниту предвремените избори. Најголемите очекувања на граѓаните се губат во наездата на примитивизмот. Провинционализмот и балканскиот простаклук во гарнир со комплексите на малите нации ни носат секој ден непријатни изненадувања. Не бадијала народот рекол. Од она што паметниот се срами, будалиот се гордее. Се' подалеку сме од Европа и од Европејците, а се' поблиску до Хималаите и до Хунзите. Не можеме да преговараме со Европа, ама можеме да склучиме сојуз со нашите заеднички предци. Тешко градиме европско општество, ама лесно градиме кралска палата со нашите сонародници и блиски роднини, составени во наследство од Алаксандар Македонски, некаде во северен Пакистан под покривот на светот. Во Паљурци кај Гевгелија ќе никне царскиот дворец на новата Александрова династија сочинета од еминентни преставници на антички Македонци и антички Хунзи зачувани во изворна ендемска форма низ сите овие илјадалетија на континуитет. Во бунарот на св. Павле во Паљурци, од каде што почнало да се шири христијанството низ светот, според најновото евангелие кое го пишуваат нашите световни и црковни великодостоинственици, ќе се удрат темелите на новата македонска историја во кралството на Македонците и Хунзите, двата братски народа со исти корен, посадени лично од Филип Втори македонски.
Само пред неколку години некој да напишал ваква хумористична, сатирична драма, или трагедија, немала да биде толку смешна и тажна како денес кога хоророт станува јаве и наше секојдневје. На зародувањето со Хунзите, преку Александар Македонски, ни се смее светот. Поради тоа имаме се' помалку пријатели и поддржувачи во наметнатиот спор од Грција за името на државата, што е клуч за нашите евроатлантски интеграции. Ваквите непромислености и политички стимулираната и скапа антиквизација од која нема никаква корист, а поради која се задолжуваме дома и во странство ја уриваат оваа Влада многу повеќе отколку митинзите и маршевите на опозицијата.
Не знам кој го советувал премиерот да даде интервју за белградското популарно радио Б-92, ама многу згрешил. Тие безобразни белосветски новинари го доведуваат премиерот Груевски во многу деликатна ситуација да не знае што да каже кога поставуваат однапред недоговорени и непријатни прашања, за антиквизацијата, архитектурата, спомениците, стадионите, еленизацијата... притоа, замислете, изнесуваат и лични впечатоци. Затоа нашиот премиер треба да остане на релација МРТВ, Сител, Канал 5... таму брилира, нема изненадувања и непријатни прашања. Таму си е свој на своето. |