Сега им текна на зелениот картон
По две и пол години тактизирање, ВМРО-ДПМНЕ, пет дена пред изборите вети поевтинување од 30 отсто
Соња Маџовска
ВМРО-ДПМНЕ пушти срце. Вети дека доколку оваа партија формира нова влада, уште на првата седница ќе го намалела зелениот картон за 30 отсто. По две и пол години анализирање и тактизирање, на само пет дена пред изборите, министерот за финансии Зоран Ставрески вети дека по изборите, конечно, ќе се намали високата цена на зелениот картон. Ако се држат до ветеното и ако ја освојат власта, тоа значи дека картонот, кој за еден месец сега чини 2.450 денари, би требало да падне на 1.700 денари, а за една година наместо 9.840 денари, ќе се плаќаат 6.888 денари.
Оваа информација од Финансии доаѓа откако Србија завчера објави дека од 2012 година возачите од оваа земја ќе можат да патуваат во речиси сите европски држави, без да им биде потребен зелен картон. „Владата направи анализи на состојбите во осигурителните друштва. Имаме и завршни сметки за 2010 година, кои покажуваат дека има простор за намалување на цената на зелениот картон. Можам да најавам дека на првата седница на владата која ќе ја формираме, ќе донесеме одлука за намалување на цената на зелениот картон и очекувам тоа да не биде помало од 30 проценти и за транспортерите и за граѓаните“, изјави вчера Ставрески.
И вицепремиерот Владимир Пешевски, сега кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, не толку прецизно, но најави дека ова прашање ќе биде отворено по изборите. „По изборите ќе се разгледа моделот на осигурување. Повторно ќе кажам, немаат другите земји поевтин зелен картон, туку кај нив осигурувањето за штети во странство е вклучено кај сите осигуреници. Погрешно е да се кажува скап или евтин, туку треба посебно или заедничко осигурување за штети во земјата или странство. За оваа работа мораат и Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурувањата да имаат координиран став“, изјави Пешевски за „Утрински весник“.
Инаку, оваа Влада повеќе од две години размислуваше дали има простор да поевтини зелениот картон и до пред почетокот на изборната кампања немаше решение. Дали српскиот потег им даде идеја и ја натера и таа да даде ветување за намалување на цената на зелениот картон ? Така, на Србите ќе им треба зелен картон само за влез во Македонија и во Босна и Херцеговина, додека со Хрватска и со Црна Гора оваа држава има посебен билатерален договор.
Од СДСМ велат дека станува збор за матрица на однесување на ВМРО-ДПМНЕ во предизборниот период.
„ВМРО- ДПМНЕ, кога беше проблемот со стечајците, потпиша договори по минатите избори. Но, и до ден денес, дел од нив фрлаат со јајца по Владата поради неисполнување на барањата. Втор пример беше минималната плата, а ова со зелениот картон е третиот случај“, вели Зоран Јовановски од СДСМ. Од оваа партија ветуваат дека доколку тие ја освојат власта, централна работа со уредувањето на зелениот картон ќе биде тој да се обезбеди низ максимално ниска цена и да биде достапен на што поголем број граѓани. Тие велат дека ќе преземат прво мерки нерегистрираните возила да влезат во системот за да се зголеми и безбедноста.
Транспортерите го поздравуваат ветувањето на Ставрески, но сметаат дека можело многу порано да се реализира, а не да се чекаат изборите.
„Во секој случај, го поздравуваме ова ветување бидејќи на него работевме повеќе од две и пол години. Од тој пакет беше и либерализацијата на увозот на стари возила. Очигледно, сега по објавувањето на завршните сметки на осигурителните компании, се гледа дека нивната заработувачка е многу поголема. Во предизборен период доаѓа ветувањето, но нам ни е важно да се реализира, иако сметам дека можеше и многу порано тоа да се стори“, вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.
Инаку, големиот број нерегистрирани возила, чија бројка се движи од 30 до 50 отсто, и досега беше еден од главните аргументи з��што осигурителните компании не даваа да се измени начинот на плаќање на зелениот картон, односно тој да се плаќа при регистрација на возилата. „Сегашните пресметки за цената на зелениот картон се прават според вкупниот број на возила и бројот на регистрирани. Во земјава има околу 500.000 возила, а се регистрираат околу 300.000. Ние како АМСМ немаме улога во цената на зелениот картон, само сме овластени продавачи на осигурителните компании“, вели Зоран Бундалевски, оперативен директор на „Мобилити брокер“, како дел од АМСМ.
Македонија сега се' уште има најскап зелен картон. |