Кошарка
Херојска победа над Израел
Од нашиот известувач Наум Котевски
Македонската кошаркарска репрезентација по дебаклот од Грција успеа да слави во вториот меч од групата и широко да си ја отвори вратата од втората фаза на ЕП во Полска
"Македонија, Македонија, Македонија", долго одекнуваше од 500. грла во салата во Познањ. И не залудно навивачите и репрезентативците на Јовица Арсиќ излегоа од својата сопствена кожа, славејќи ја големата победа во вториот меч од групата А на ЕП во Познањ против стариот должник Израел (82:79), со која широко ни се отвора вратата за историски пласман во втората фаза на европската смотра.
Околу 1500 гледачи во Арена имаа страшен тест на своите нерви. Непланирано беа живи сведоци на хичкоковската завршница слична на онаа од ЕП пред 10 години, но овој пат со среќна завршница за Македонија. Ако тогаш херојот беше Одет Каташ, кој не елиминираше од фазата по групи со кош во последната секунда, сега херој беше Дарко Соколов, кој на 9,8 секунди до крајот пресече топка во ситуација кога Израел изведуваше аут, па по направениот фаул врз него реализираше едно слободно фрлање. На крајот се покажа дека тоа е последен кош во мечот, кој секогаш ќе остане врежан длабоко во меморијата на македонската јавност.
"Хрватска, Хрватска, Хрватска", го побараа уште веднаш македонските навивачи нашиот утрешен последен противник во групата. Сега сме добитна ситуација, па ако не се случи нешто непредвидено Македонија и со пораз како трета во групата ќе се пласира меѓу 12. најсилни репрезентации на Стариот континент.
Вечерва нема славење, Арсиќ најави среќна ноќ, но во кревет, иако него��ите кошаркари според она што го покажаа на паркетот заслужија награда. Умешно го премостија психолошкиот товар по дебаклот од Грција и заиграа онака како што се бараше од нив. Тоа го најавија од стартот, кога одлично отворивме со со двете тројки на Антиќ, а потоа и на Ристе Стефанов за водство од 9:3. Играта со два центра во која ротираа Антиќ, Самарџиски, Гечевски и Мејси одлично функционираше. Сите добро го отвораа рекетот, па и на Врбица Стефанов му беше полесно да ги проигрува своите соиграчи. Антиќ во првиот дел беше најефикасен со 11 коша, а Самарџиски, пак, беше тој кој со своите скокови и во одбраната и во нападот ги нервираше Тамир, Грин и Елијаху. Токму тој беше кошаркарот кој во втората четвртина, по НБА додавањето на Врбица Стефанов, ефектно ја заби топката во кошот на Израел продуцирајќи го најатрактивниот момент на натпреварот. Севкупно играта беше сосема различна од онаа против Грција. За само 20 минути имавме дури 20 скока (против јужниот сосед во цел натпревар имавме 23 скока) и тоа девет офанзивни, наспроти едниот на Израел. На крајот завршиме со 38 скока, од кои 14 офанзивни. И во вториот дел сликата на теренот беше идентична. Во тој период поголема минутажа добија Мејси, Антиќ и Гечевски, кој беше расположен и за шут за три поени. Токму неговата тројка, по која следеше и онаа на Стојановски за највисокото наше водство од 66:57, на седум минути преде крајот, го најавија големиот триумф.
Бродот на Израелците на површина на водата во текот на целиот натпревар, во кој центрите беа неутрализирани, вклучувајќи го и најдобриот, стрелецот на 31 кош против Грција Елијаху, го одржуваа бекот на Олимпијакос Халперин и на Макаби Тел Авив Бурнштајн. Првиот постигна 20 коша, а вториот 25. Но тоа не беше доволно по трет пат Израел да биде кобен за Македонија.
Македонија - Израел 82:79 (полувреме 40:39)
Сала: Арена во Познањ, гледачи:1500, судии:Илија Белошевиќ (Србија), Даниел Хирезуело (Шпанија), Матеј Болтаузер (Словенија)
Македонија: В.Стефанов, Мираковски, Соколов, Р.Стефанов, В.Стојановски, Блажевски, Тасовски, Гечевски, Антиќ, Стојановски, Мејси, Самарџиски
Израел: Рот, Наими, Мекел, Лимонад, Пнини, Халперин, Бурнштајн, Елијаху, Мизрахи, Козикаро, Грин, Тамир.
|