Грција и Бугарија ги здружуваат силите?

Половината грчка влада вчера се пресели во Софија на заедничка средба со бугарскиот кабинет

Миркица Поповиќ


Грчката и бугарската влада вчера заеднички заседаваа во рамките на најавите дека двете земји ќе градат специјална соработка и ќе ги усогласуваат ставовите за сите прашања. Официјална Атина вчера се пресели во Софија, па со грчкиот премиер Јоргос Папандреу отпатуваа речиси половина министри кои имаа средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со неговиот кабинет, како и со претседателот Георги Прванов.

Папандреу беше придружуван од заменик-министерот за надворешни работи, Димитрис Друцас, министерот за економија, Јоргос Папаконстантину, министерот за одбрана, Евагелос Венизелос, министрите за животна средина, за транспорт и врски, за труд и социјална заштита, за земјоделство, заштита на граѓаните, како и министрите за култура и туризам и заменик-министерот за економија и поморство.

Весникот „То вима“ го оценува целиот настан како надреален. „Надреално е владата на една земја, која е под меѓународен надзор, да им нуди совети на владите на соседните држави“, пишува весникот, критикувајќи го фактот дека половина грчка влада вчера се пресели во Софија. „Откако ги ’решија‘ сите домашни грчки проблеми, вклучително и оние со штрајкот на сопствениците на камиони и на цистерни“ заминуваат за Софија каде што, како што дознаваме, нивните бугарски колеги не биле ни подготвени за состанокот и неколку часа пред средбата договарале за кои теми ќе разговараат“, забележуваат од „Вима“.

Двете страни потпишаа голем број меморандуми за соработка во различни области. Сепак, една од најважните работи за кои се дискутирало, според грчките медиуми, е нафтоводот Бургас-Александрополис, кој е заеднички проект на Грција, Русија и на Бугарија. Пред неколку недели Бугарија најави повлекување од проектот, што сериозно ја загрижи Грција. Според пишувањата на грчките медиуми, овој настан е една од главните причини за посетата на Папандреу на Софија, со цел да го премисли Борисов од откажувањето од нафтоводот.

По средбата со Борисов и со министрите од бугарската влада, Папандреу изјави дека оваа средба за подобрување на економските и на политичките односи меѓу двете држави се одличен и горд пример за сите држави во регионот. „Во последните години имаше еден позитивен квантен скок во односите меѓу Грција и Бугарија. Верувам дека оваа средба и добрите односи меѓу нашите две држави се столб на стабилноста на Балканот и пошироко, би рекол и во Европа“, изјави грчкиот премиер. Папандреу потенцираше дека се разговарало и за важноста на стабилниот прогрес на Агендата 2014 и на поддршката од двете страни за европските амбиции и перспективи на државите од Западен Балкан.






#