Се топат ли полека девизните резерви на државата?

Бруто-девизните резерви на 11 април годинава во однос на крајот на 2007 се помали за 22,2 милиона евра
Нина Нинеска-Фиданоска
Почнуваат ли полека да се топат девизните резерви на Македонија, ставајќи се во улога на одбрана на фиксниот девизен курс на денарот? Од почетокот на годинава, па заклучно со 11 април, девизните резерви на Македонија се намалиле за 22,2 милиона евра. Ова е последниот јавно објавен податок на веб-страницата на Народна банка на Македонија.
Поточно, во најновата месечна информација од монетарната власт прецизно стои: „На 11 април 2008 година, бруто-девизните резерви изнесуваа 1.509,2 милиона евра и во однос на крајот на претходната година забележаа намалување од 22,2 милиона евра. Намалувањето на бруто-девизните резерви е остварено во услови на намалување на девизните депозити на државата и реализирана нето-продажба на девизи на девизниот пазар од страна на НБМ“.
„Утрински весник“ уште завчера побара од гувернерот на НБМ, Петар Гошев, прецизна информација за тоа колку девизни резерви има потрошено монетарната власт за интервенции на девизниот пазар, кои се неопходни за одбрана на девизниот курс во услови на застрашувачки висока инфлација каква што владее во Македонија од почетокот на годинава. Нашата редакција се интересираше и колку изнесува нивото на девизните резерви моментно и за која сума тие се намалени во однос на почетокот на годинава. Имавме и прашање до гувернерот како успева НБМ да се бори против инфлацијата и да го брани девизниот курс, со оглед на тоа што во сите изминати месеци таа е целосно осамена во битката против високиот пораст на цените, бидејќи Владата остана само нем набљудувач на состојбите, тврдејќи дека нема потреба да презема дополнителни рестриктивни мерки. Но, се' досега не добивме одговор од гувернерот Гошев, па затоа се повикуваме само на јавно објавените информации од официјалната веб-страница на НБМ.
Дали Македонија има доволно ниво на девизни резерви е прашање што станува актуелно особено сега, во услови кога веќе два месеца едноподруго беснее двоцифрена инфлација во земјава. И мисијата на ММФ неодамна укажа на фактот дека мора да бидеме внимателни со девизните резерви.
Иако за Македонија се препорачува дека е најупатно нејзиното ниво на девизни резерви да изнесува 4-месечна покриеност на увозот, таа уште од поодамна веќе не може да ја обезбеди таа покриеност. Имено, бруто-девизните резерви на крајот на 2007 година покриваа 3,8-месечен увоз, а потоа се спуштија на 3,5-месечна покриеност. Поточно, девизните резерви на 21 март 2008 година изнесуваа 1,53 милијарди евра, покривајќи така 3,5 просечен месечен увоз од 2009 година. Гувернерот Гошев тогаш објасни дека тоа ниво речиси е непроменето во однос на крајот на 2007, но намалениот индикатор за покриеноста се должи на повисокиот проектиран увоз за 2009 во однос на 2008 година.
Ексминистерот за финансии Никола Поповски тогаш предупреди дека ова е сигурен сигнал дека треба да се запали црвено светло во водењето на економската политика. „Тоа значи дека Владата продолжува расипнички да се однесува кон девизните резерви и не го одржува на минимум потребното ниво, а тоа е 4-месечна покриеност. Намалувањето на резервите на долг рок може да доведе до сериозни проблеми“, изјави своевремено Поповски. Според него, оваа Влада наследи покриеност на девизните резерви од 4,3-месечен увоз.
Во услови кога се брани девизниот курс од инфлационите притисоци, како што е случај моментно во земјава, централната банка мора повеќе да продава девизи од државните резерви, со цел да ги стерилизира денарите во оптек. Експертите укажуваат дека девизните резерви служат за сигурност на една држава, односно за да го штитат девизниот курс од несакани поместувања на понудата и побарувачката на девизи. Девизните резерви на државата се полнат и преку дознаките од странство, односно трансферите од иселениците, а познато е дека тие во изминатиов период не се толку обемни како што беа претходно. |