07.12.2012, 18:13

Реплики

Коалицијата се врати

Соња Крамарска

Нема дилема дека вчерашното сензационално кафепиење во Владата е мал потсетник и до Брисел дека Македонија очекува датум за преговори

На јавноста и' олесни. Вчера во Владата се одржа самит на највисоко ниво. Учесници беа само двајца. Премиерот на Македонија Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Како и што доликува на толку висок самит, тој се одржа зад затворени врати. Што навистина си рекоа Груевски и Ахмети веројатно ќе остане подолго ако не и засекогаш во доменот на шпекулациите. Дали македонскиот премиер Груевски му го честитал на својот коалициски партнер едновековниот јубилеј од независноста на албанското знаме, исто така ќе остане тајна. Оваа јавна коалиција беше и остана заснована врз основа на тајни разговори.

Средбата Груевски – Ахмети покажа и дека двете партии без оглед на нивните огромни разлики се свесни за улогата што ја имаат и за нивната одговорност како лидери во владата. Тука пред се' мислам на меѓуетничките односи за кои вчера за првпат јавно искажаа дека се нивна обврска исто како и создавањето на клима во државата погодна за да можат да опстојуваат граѓани од сите националности. Слушано од устите на две партии на кои не им се туѓи радикалните ставови во глорифицирањето на сопствената националност, тоа изгледа безмалку како фатаморгана, но што да се прави – тука е Брисел и неговите будни очи и уши пред европскиот самит. И за тоа се свесни и Груевски и Ахмети.

Нема подетални информации за тоа што зборувале двајцата лидери но така е тоа во Македонија веќе дваесет години. Разговор зад затворени врати, малку насмевки или загрижени фаци во зависност од ситуацијата за фотографите и за тв камерите, и потоа следи соопштение за јавноста. Во кое се везат флоскули за посветеноста кон државните и кон граѓанските интереси, и по малку се раскажуваат партиските програми. Кои се патем исти со години наназад.

Изостана вчера формула за тоа како ќе се извлече парламентот од лавиринтот во кој го наведоа двете владејачки партии – едната со предлагање на законот за бранители за кој се знае дека е трн во око на другата, и петнаесетте илјади амандмани со кои одговори засегнатата страна, правејќи од тоа циркус во македонскиот законодавен дом. Оваа балканска политичка навигација, бесмислена политичка војна до истребување, нема дилеми дека не може да заврши со тричасовна средба во Владата и издавање на заедничко соопштение во кое не се споменува ниту еден од конкретните проблеми меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Дури не се слушна став ниту за се' погласното грчко противење кон напорите на Брисел Македонија да го добие заслужениот датум за преговори. Или став околу предлогот што го даде Нимиц на последната рунда разговори во Њујорк а кој се води како „топ сикрет“.

Заклучокот од четиригодишното искуство на коалицирање на двете партии е дека конзервативната десница претставена од ВМРО-ДПМНЕ во Македонија се' уште го смета за дискредитирачки фактот што управува влада каде што втора членка е некогаш милитантната воена организација ОНА трансформирана во политичка партија со име ДУИ. За нив ДУИ е несакано дете кое се родило во вонбрачна авантура и кое сега мора да се негува и одгледува. Но ниту ДУИ не негува поинакви чувства кон ВМРО-ДПМНЕ. За ДУИ македонската демохристијанска партија е само политички лепак кој цврсто ги држи во власта каде им е сосема удобно.

Затоа и се случуваат испади во системот да се изразиме со енергетскиот речник. Мал електричен спој како оној од пред две седмици кога Македонија се тресеше од громогласната прослава на албанската независност и - во цела држава снемува струја. На поправка на дефектот се чека подолго време.Во случајов цели две седмици беа потребни за двајцата лидери – првенци на Владата да испијат заедничко кафе и за да ги оживеат напукн��тите коалициски ѕидови врз кои се потпира владината конструкција.

Нема дилема дека вчерашното сензационално кафепиење во Владата е мал потсетник и до Брисел дека Македонија очекува датум за преговори. И дека Владата во Скопје е во полна кондиција да ги почне зададените задачи во рамки на процесот на преговорите. Потегот од „Илинденска“ и заедничкото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во таа насока. Да се реафирмираат целите на коалицијата и заедништвото меѓу двете партии во политиката за нивно остварување.

Но, можеби премиерот ќе изненади со владина реконструкција сега откако амбиентот е прочистен од меѓупартиските дофрлања и е дигнато пердето од националистичкиот поглед со кој Тирана ги прострели соседите заборавајќи дека и по прославата треба да продолжи животот. А богами и соживотот. И откако на Ахмети му се разотидоа гостите и тој е повторно дома со своите „домашни“. Груевски имаше доволно време за да ја оцени работата на сите министри во Владата, а ако само го помириса воздухот надвор од „Илинденска“ ќе му биде јасно кои од членовите на неговиот кабинет повеќе не се во форма. Тоа може да му биде и како добра увертира во пролетните локални избори и корисен политички потег во пресрет на мајскиот конгрес на СДСМ за кој се' погласно се шпекулира дека ќе резултира со нов партиски лидер.

Не знаеме со каков поздрав вчера се разделија Груевски и Ахмети. Дали си рекоа „довидување до Брисел“ или „довидување по Брисел“, или можеби „до новиот амандман“ или „до следниот празник“. Има многу варијации на оваа тема, треба човек само малку да употреби фантазија.

***

Цветанка Иванова од СДСМ нема намера да попушти додека шефот на парламентот Трајко Вељаноски не го даде на расправа законот за бранители. За одмазда, таа не ја свикува Комисијата за труд и социјална политика која треба да даде зелено светло за зголемување на пензиите. Има само два начини СДСМ да отстапи: едниот е да му напише писмо на ДУИ во кое ќе ги повика на заштита на државните и националните интереси и ќе ја изрази својата загриженост од 15-те илјади амандмани кои целосно ќе го блокираат парламентот. Вториот е да престане да биде кочница за зголемувањето на пензиите зашто така директно влегува во судир со пензионерите. А нивниот број (гласови) не е за политичко потценување.