18.09.2012, 12:00 Сити по круната на „кралевите“
Реал Мадрид вечерва на „Бернабеу“ стартува во Лигата на шампионите разнишан од саботниот пораз во Севилја
Дерби на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите: вечерва во Мадрид ќе се сретнат Реал и Манчестер Сити, прваци на Шпанија и на Англија, двете најсилни лиги во моментов. И „кралевите“ и „граѓаните“ знаат да играат ефикасно, но и со одлична тактика да му пристапат на секој меч. Тактизирањето нема да изостане, бидејќи на двете страни стојат двајца стручњаци што биле на клупата на клубови кои негувале дефанзивна тактика. Жозе Мурињо во минатото успевал да стигне до добри резултати против Сити додека го водеше Челзи, но тој тим од Манчестер и овој сега се сосема различни.
„Реал Мадрид е екипа со голема традиција, има девет титули во Лигата на шампионите, но за да дојдеме до десеттиот трофеј, едноставно, ќе мораме да бидеме на далеку повисоко ниво од тоа на мечевите што ги одигравме во Примера. Знаеме дека не е лесно, но ние немаме избор и мораме да тргнеме со сите сили на овој меч. Веројатно, ќе има одредени измени во тимот со кој игравме досега, но тоа ќе се знае дури пред почетокот на средбата. Наше е да го поправиме впечатокот што го оставивме досега сезонава. Очекувам да бидеме на повисоко ниво“, вели тренерот на мадриѓаните.
Ривалството со неговиот колега Роберто Манчини е големо, па се очекува и сега да се види одличен фудбал на теренот. Италијанецот сака да се надигрува со големи тимови, но и да докаже дека неговиот состав има квалитет.
„Нашата цел е да стигнеме до победа. Сигурни сме во нашите квалитети, но во Мадрид ќе ни биде максимално тешко. Играме против еден од најсилните тимови во светот во моментов и немаме простор за опуштање. Возбуден сум пред овој меч и очекувам добар резултат. Знам дека момците ќе имаат мотив и се надевам дека на теренот ќе го покажат сиот квалитет“, вели тренерот на Сити.
Манчини ја има формулата за успех, но вели дека би му било драго ако Кристијано Роналдо вечерва не биде во тимот на Реал Мадрид. Тој исто како Мурињо знае како треба против англиските екипи, па затоа денеска се очекува да има многу надигрување.
„Ако Роналдо остане на клупата, тоа ќе биде добро за нас. Тој и Лионел Меси се најтешките играчи за чување и се фудбалери кои во секој момент можат да му направат проблеми на секој тим. Даваат голови на речиси секој натпревар, па затоа ќе мораме да бидеме на врвно ниво за да успееме да стигнеме до добар резултат“, вели Манчини.
На денешната средба меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити не се очекува преголема посетеност на трибините. Вчерашните информации говореа дека се останати дури 12.000 влезници, така што вечерва би можело да има и многу празни места на „Бернабеу“. Цената на влезниците е од 50 до 195 евра, а ова може да биде шанса гостинските фанови да дојдат во што поголем број.
Двојки за првото коло, денеска од 20,45 ч.:
Група А: Динамо Загреб - Порто, ПСЖ - Динамо Киев. Група Б: Олимпијакос - Шалке, Монпелје - Арсенал. Група Ц: Милан - Андерлехт, Малага - Зенит. Група Д: Борусија Дортмунд - Ајакс, Реал Мадрид - Манчестер Сити.
|
|