Си велам
Пат-позиција
Ерол Ризаов
Малкумина веруваат дека е можен разумен компромис
Дали постои прифатливо решение за двете страни во наметнатиот спор за уставното име на Република Македонија? Малкумина веруваат во тоа, иако и грчките и македонските политичари се' почесто ги употребуваат термините прифатливо решение за двете страни и разумен компромис. Грчката страна го воздигна својот компромис на ниво на ултиматум: географска додавка за сите употреби, ерга омнес, и крај. Тоа е грчката црвена линија. Македонската страна нема црвени линии. А нема ни зелени линии. Употребата на терминот „решение прифатливо од двете страни“ засега подразбира строга заштита на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и слободната употреба на термините „македонски“ и „Македонија“ на сите писма и јазици.
Владата на Никола Груевски по се' изгледа е подготвена да одработи референдум за името на државата ако има добра понуда пред себе, која може да ја аргументира пред јавноста и да ги повика граѓаните да се изјаснат позитивно гарантирајќи дека тоа е добро решение за Македонија и дека можеме да влеземе во ЕУ и во НАТО достоинствено без да го проблематизираме својот идентитет и јазик. Значи, новината е во тоа што референдум за името на Македонија ќе има само во случај да биде договорено прифатливо решение што нема да ги навредува чувствата на Македонците и на граѓаните што живеат во Македонија. А доколку биде наметнато такво решение под каков било притисок, власта нема да го поддржи таквиот предлог доколку би отишол на референдум.
Во овој момент македонската страна не гледа прифатливо решение што може да се одработи со позитивна кампања во поволен амбиент за да биде прифатено од мнозинството граѓани. Попрецизно кажано, се' уште нема решение што содржи какви било промени на уставното име зад кое можат да застанат организаторите на референдумот ниту, пак, мнозинството граѓани. Во таков случај, прифаќањето референдумско изјаснување би значело мнозинството граѓани на Македонија да не прифатат каква било, дури и најмала, промена на името. Тоа им ги врзува рацете на политичарите на подолг рок за барање каков било компромис.
Главниот проблем е во тоа што и Грција не е подготвена за никаква отстапка, а својот ултиматум го смета за компромисно решение. Нејзината црвена линија, доколку светот и натаму ја толерира, гласи дека Македонија уште долго ќе остане надвор од евроатлантските интеграции што, од друга страна, отвора други големи проблеми во натамошниот развој на македонското општество, нејзината стабилност и стабилноста на целиот регион. Големите сили, кои пресудно можат да влијаат за донесување на праведно и прифатливо решение, немаат силен интерес да го решат ова прашање или, пак, посилно да се конфронтираат со Грција.
Америка со новата администрација на Обама ни оддалеку не е иста со онаа на Буш, која ни беше понаклонета. Притисокот на Америка сега е далеку посилен кон Македонија отколку кон Грција. Едноставно, грчко-македонскиот спор не е приоритетно прашање на Стејт департментот и на политиката на Обама. Сепак, Америка останува единствената голема сила која покажува малку поголем интерес за решавање на спорот што го наметна Грција, кој на стартот се нарекуваше ирационален, а сега се' повеќе има грчки поддржувачи.
Германската десничарска влада е речиси целосно резервирана околу грчкиот притисок врз Македонија најмногу поради непопуларноста на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и воопшто какво било проширување на ЕУ. Франција, како и секогаш, цврсто стои зад Грција колку и да не е во право. Французите и' даваат на Грција отворена поддршка што сака да прави во односите со Македонија. Претседателот Саркози го има кажано тоа повеќепати.
Што и' преостанува на Македонија во ваква ситуација ако навистина нема друга алтернатива освен Европа, како што тврдат сите македонски политичари и релевантни политички партии и во власта и во опозицијата.
Прво, Македонија мора да му покаже на светот колку Грција не е искрена кога вели дека е подготвена за заеднички прифатливо решение. Целото досегашно дваесетгодишно искуство во односите со Грција јасно покажува дека Грција секогаш кога е на повидок прифатливо решение како, на пример, „Република Македонија (Скопје)“ веднаш поставува нови неприфатливи барања проблематизирајќи ги националниот идентитет и јазикот. Ова изнесување на Грција на чистина е од пресудно значење пред меѓународната заедница каде што Македонија во последниве години ја губи поддршката. Доколку светот открие дека Грција пак лаже, што често и' се случува на оваа земја со ЕУ, со НАТО, со Америка и со некои нејзини соседи, можно е да се очекува посилен притисок врз Грција со реални шанси да се дојде до разумен компромис.
Второ, доколку Македонија и нејзината актуелна власт и натаму повеќе внимаваат на својот рејтинг и на политичката превласт дома за сметка на името на државата, нема решение на проблемот. Вината за стагнацијата во евроатлантските интеграции ќе се префрли целосно врз македонската страна. Големите сили ќе отрпнат од грчко-македонското вечно надмудрување и ќе се дистанцираат од учеството на решавање на спорот. Во тој случај, Македонија е единствениот губитник. Тоа ќе значи натамошна ескалација во односите меѓу власта и опозицијата кој е повиновен што доцниме во евроатлантските интеграции. Но, исто така, можни се посилни судири и тензии во меѓуетничките односи ако ова прашање се пролонгира во недоглед.
Она што на Македонија може да и' донесе пресврт е нејзината активна улога во предлагање прифатливи решенија преку ОН или директно на меѓудржавните преговори на највисоко ниво притоа запознавајќи ги големите сили за својата кооперативност. Грчката дефанзива во тој случај и поставувањето нови барања, што е извесно кога станува збор за Грците, може да донесе поместување од мртвата точка во која се наоѓаме во моментот иако Грција постојано успева да создаде привид пред светот дека прашањето само што не е решено. Грчката страна постојано ги информира големите сили дека преговорите одат во добра насока и само прашање е на денот кога двете страни ќе понудат конечно решение. Притоа, Грција се прикажува како конструктивна и кооперативна што, се разбира, во суштина не е така, туку се работи за добропознатата тактика на одолжување па жешкиот костен со Македонија да го вади некоја друга грчка влада. И двете страни знаат дека секој неуспех на ова прашање со името значи губење на изборите и крах во политиката на подолг период.
Можеби она што е најважно во моментот е Македонија да побара извесна промена на условите доколку навистина се оди на разумен компромис околу името. А тоа е секоја отстапка што ќе ја направи Македонија да не биде услов за започнување на преговорите со ЕУ, туку услов кој ќе важи по завршување на преговорите и по конечниот прием на Македонија во ЕУ и во НАТО. Сегашната отстапка за почеток на преговори може да биде со краток здив, бидејќи Грција може повторно да постави нови услови пред ратификацијата на приемот на Македонија во Европа во грчкиот парламент. Такви искуства со Грција има Турција во врска со кипарското прашање. Грција е тежок преговарач познат во светската политика со својата неискреност. Затоа секоја отстапка од наша страна треба да биде условена со прифаќање на целосниот пакет за Македонија. |