„А сега уметност...! - мултимедијален настан на скопскиот плоштад

Филхармонијата ќе настапи со двајца диџеи од САД, Масин ќе слика, а на граѓаните ќе им бидат подарени и книги

„А сега уметност...!“ е насловот на мултимедијалниот спектакл кој во себе ги соединува музиката, сликарството и литературата и кој ќе се случи вечерта на 12 јуни на градскиот плоштад „Македонија“. Станува збор за заеднички проект на Културно-информативниот центар, Македонската филхармонија и книгоиздателството „Табернакул“.

На голема сцена, оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на Борјан Цанев ќе изведува музика од неколку култни светски, но и македонски филмови, меѓу кои и „Кум“, „Војна на ѕвездите“, „Балкан-кан“, „Големата вода“..., а во продолжение ќе се случи и несекојдневен спој на симфониска и електронска музика, кога Филхармонијата ќе настапи заедно со двајцата американски продуценти и ди-џеи Кристијан Смит и Џон Селвеј. Смит и Селвеј, кои се сметаат за едни од најреспектираните ди-џеи на американската сцена, и чија нумера „Тотал департр“ моментно е во врвот на светските топ-листи, својот ди-џејски сет на плоштадот „Македонија“ ќе го продолжат до доцните ноќни часови.

„Нашата идеја за овој настан беше да излезе Филхармонијата од својата вообичаена локација Домот на АРМ. Да им покажеме на сите оние кои сметаат дека класичната музика или симфониските оркестри се нешто недопирливо или здодевно, дека сепак тоа е мошне интересна музика, а особено кога станува збор за ваков необичен спој со електроника. Ќе се претставиме со програма различна од нашиот стандарден репертоар“, вели директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ. Оркестрациите за композициите на Смит и Селвеј кои ќе ги изведуваат заедно со Филхармонијата, ги направија музичарите Иван Бејков и Емин Џијан.

За време на концертот на Филхармонијата, македонскиот ликовен уметник Мирослав Масин ќе изведува ликовен перформанс на платно од десет метри, кое потоа ќе се подели на десет помали формати. Сликите ќе им бидат дадени на спонзори, а собраните средства ќе бидат наменети за Домот на доенчиња во Битола. „Досега сум соработувал со разни профили на уметници, но првпат ќе настапам со еден филхармониски оркестар што е моја дамнешна желба. На платното ќе сликам со спрејови, а за концептот не можам да зборувам зашто на крајот сите ќе видиме што ќе испадне“, вели Масин.

На плоштадот „Македонија“ ќе бидат поставени куќички од каде ќе бидат поделени 20 илјади бесплатни примероци од книгата „Канон Инверсо“. „Со овој проект се обидуваме да донесеме миг актуелизација, да понудиме отворена книга за народот, да насликаме слика не пред, туку во окото, да ги одзатнеме ушите за музика што обновува и облагородува“, истакна Цветан Враживирски од издавачката куќа „Табернакул“.

Мултимедијалниот перформанс ќе се одржи под мотото „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Директорот на КИЦ Златко Стевковски, смета дека ова ќе биде убав настан за граѓаните на Македонија, зашто вели, „убав е спојот на книгата т.е. на пишаниот збор, на сликата и четката и звукот“.

Покровител на настанот е Министерството за култура, а е поддржан од спонзори. (Т.И.)