Драма на крајот од мандатот на Керим

Реформата на Советот за безбедност за малку ќе предизвикаше голем раздор во ОН


Земјите-членки во последен момент постигнаа компромис за начинот на кој треба да се изврши реформата на Советот за безбедност

Сашо Кокаланов
Специјално за „Утрински весник“

Њујорк - Целодневна политичка драма со многу пресврти, но со среќен крај се случуваше вчера на крајот на 62. сесија од Генералното собрание на Обединетите нации. Наместо ударот со чеканот за крај на сесијата на претседателот Срѓан Керим да се случи околу пладне, како што беше првично предвидено, поради голема кавга и поделеност на земјите-членки за реформата на Советот за безбедност, тој се случи дури вечерта.

Закажаната прес-конференција за еден часот попладне повеќепати беше одложувана, на крајот и сосема откажана, откако голем дел од 191 членка на ОН се поделија во две поголеми групи - таканаречените Г-4 нации, предводени од Германија, Јапонија, Бразил и Индија, како поборници за брзо проширување на Советот за безбедност со постојани и непостојани членки, и „Обединети за консензус“, предводени од Италија, Аргентина, Канада, Колумбија и Пакистан, како најгласни претставници на поголема група земји што се залагаат за неменување на постојаниот состав од пет земји со право на вето.

Очекувањата дека, сепак, ќе биде најден заеднички јазик за насоката според која треба да се движат реформите во наредните сесии околу пладне полека почнаа да тонат во Ист Ривер, па Керим беше принуден да ја суспендира пленарната сесија и заедно со амбасадорите да се повлече во работна група за да се усогласат и да се избегне гласање. Како што се приближуваше вечерта, се' поверојатно стануваше оти ќе мора да се оди на гласање, а дел од неутралните делегации, меѓу кои и македонската, се најдоа во непријатна ситуација - да мора да избираат меѓу своите традиционални пријатели, како на пример Германија, од една страна, и Италија, но и САД, Канада, Кина, од друга страна.

Почнаа панични јавувања на претставниците во своите земји (во Скопје беше веќе поминат полноќ) во потрага по инструкција што да се прави.

Според информациите до кои успеавме да дојдеме, инструкцијата од македонската Влада била да се поддржи Германија, односно Г-4. Тоа ќе значеше гласање различно од нашите најголеми поддржувачи во меѓународната заедница САД, кои иако не се многу загреани за случувањата околу реформата на ОН, сепак, се дел од групата „Обединети за консензус“.

На задоволство на сите, а особено на неутралните, во последен момент беше избегнато гласањето и земјите најдоа компромис во текстот на резолуцијата што ја предложи Керим. По ударот со чеканот, тој доживеа стоечки овации во салата на Генералното собрание и честитки од сите за своето лидерство.

„Ова беше неверојатен последен ден. Никој не можеше да предвиди што ќе се случеше ако имаше гласање, но дефинитивно ќе загубеа ОН, зашто на тој начин ќе се формализираше поделбата на земјите и ќе се создадеше голем раздор. Таа поделба понатаму ќе се одразеше врз функционирањето на Светската организација на сите нивоа и тоа ќе беше катастрофа. Ќе беше многу лошо и за нашата земја која има пријатели и на едната и на другата страна и навистина голем успех направивме што најдовме компромис“, изјави од денеска веќе поранешниот претседател на ГС, Срѓан Керим, по сесијата.


На Срѓан Керим му беше доделена награда на ОН за посебни достигнувања во реализацијата на Милениумските развојни цели. Наградата му ја врачи актерот Дени Гловер

Неколку дипломати инволвирани во разговорите изјавија дека по неколкучасовни разговори, кои речиси пропаднале, Собранието во понеделникот едногласно усвоило резолуција со која се одобрува „меѓувладини преговори“ за проширување на Советот да започнат ��а 28 февруари 2009 година.

Неколку дипломати на ОН го опишаа напредокот како „историски“, истакнувајќи дека тоа значително ја зголемува веројатноста Советот да биде поголем и повеќе да го претставува светот на 21 век. Процесот на проширување на Советот започна во 1993 година, кога работна група на ОН доби задача да подготви план за проширување на 15-членото тело. Но, комитетот работеше врз основа на консензус, нешто што никогаш не можеше да се постигне поради несогласувања меѓу клучните членки, како Италија и Германија.

Дипломатски извори на ОН јавија дека нема да биде тешко да се добие двотретинска поддршка од земјите-членки на ОН, потребна за одобрување, доколку тие можат да се договорат уште колку места да се додадат. Еден неодамнешен предлог, за кој дипломатите на ОН изјавија дека имал широка поддршка кај земјите-членки, повикува да се додадат приближно седум нови членки во Советот.

Амбасадорот на Јапонија, Јукио Такасу, ја опиша одлуката на Собранието како „историска“. Јапонија е еден од главните кандидати за постојано место во проширениот Совет, заедно со Германија, Индија, Бразил и некоја африканска земја. Советот има пет постојани земји-членки со право на вето - Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД, кои се сметаа за победници во Втората светска војна. Десет непостојани членки се избираат за двегодишен мандат на регионална основа.

Главната причина за бавниот напредок во работната група, која е формирана во 1993 година, беше дека регионалните ривалства создадоа ќор-сокак што тешко се надминуваше. Италија е против аспирациите на Германија за постојано место, како што Пакистан е против Индија, а Аргентина против Бразил.

Дипломатските извори јавија дека претседателот на Генералното собрание во заминување, Срѓан Керим, одиграл клучна улога во убедувањето на работната група дека е време прашањето да се ослободи и да се дозволи владите да ја преземат должноста.

Во својот завршен говор, правејќи пресек на сработеното во изминатите дванаесет месеци, Керим уште еднаш апелираше за засилена заедничка борба против климатските промени, глобалниот тероризам и сиромаштијата како зла кои сериозно му се закануваат на опстанокот на човештвото.