05.08.2012, 16:51

Соседите не дозволуваат реновирање на Саат кулата во Штип

Веќе три години за овој споменик на културата, бизнисменот Сашко Миладинов е спремен да донира 50.000 евра

Иван Бојаџиски

Штип-Штипската Саат кула, чие вистинско име, според историските документи е и Бегова кула, не може да се реновира бидејќи соседите не дозволуваат во нивните дворови да се постават скелиња за да може да се работи на кулата. За реновирање на овој споменик на културата, заштитен со закон, штипскиот бизнисмен Сашко Миладинов е подготвен да издвои 50.000 евра, пари доволни да се спречи нејзиното натамошно еродирање. Поминаа три години од моментот кога Миладинов даде согласност за својата донација, а до овој момент нема ништо од обновата.

„Јавно, јасно и гласно ја изразив намерата да вложам во заштита на овој вреден споменик на културата кој, во исто време, е и драгоцен украс на градот. Но, од надлежните бев информиран дека донацијата не можела да се реализира бидејќи Саат кулата е сместена помеѓу многу семејни куќи чии сопственици не дозволувале во нивните дворови да се постават скелиња. Кога надлежните ќе го решат овој проблем јас сум подготвен за донацијата“, ни изјави Миладинов, кој се пројави и како ктитор на новата црква „Покровите Богородица“ во Ново Село, која изминатиот викенд започна да се гради на местото на распадната црква.

Штипската Саат кула (под тоа име ја знаат штипјани) е споменик на културата кој датира од 17 век. Постои ракопис на еден од оние луѓе што ја одржувале кулата дека таа била изградена во 1650 година. За нејзиното настанување постојат две легенди. Според првата, кулата била изградена од турски бег кој во една таква сигурна градба сакал да си го заштити семејството во кризни времиња. Името на бегот не е запишано во ниту една историска книга за Штип и Македонија. На кулата имало балкон и пушкарници. Еден век подоцна, на неа бил поставен часовен механизам.

Легендата вели дека делот од кулата на кој бил часовникот бил урнат во 1934 година. Според некои записи, уривањето било стоено од безбедносни причини бидејќи се заканувала опасност тој дел да се сруши. Според друга легенда, уривањето го извршиле жителите од пошироката околина кои дење-ноќе немале мир од силното биење на часовникот.

Според втората легенда, анонимниот турски бег ја изградил кулата како резултат на својата преголема вљубеност во преубавата штипјанка Анка. Бегот постојано ја прогонувал Анка да му стане жена и со тоа да ја потурчи. Анка се опирала колку што можела и во еден миг, за да не го налути бегот, а во исто време да се спаси од неговата упорност да му стане жена, му дала според неа, невозможен предлог. Нека бегот изгради една кула со часовник на неа која ќе ја подари на градот, па таа ќе ја прифати неговата понуда. Вљубениот бег се согласил, ја изградил кулата, па Анка немал каде и му станала жена на бегот, менувајќи си ја верата.

Во поновата историја Саат кулата трпела помали заштитни зафати, но донацијата на бизнисменот Миладинов се јави како најдобрата можност од нејзина комплетна заштита. Дали историјата се повторува? Дали соседите се уплашија од ударите на часовникот кој долги години не е во функција, па се договорија да не даваат пристап до кулата? Одговор на ова прашање нема.