06.10.2011, 15:23
„Аџибадем“ газда на половина од капиталот на „Систина“



Зделката е вредна 20 милиони евра, но управувачкиот пакет и натаму останува во рацете на „Орка холдинг“, сопственикот на „Систина“

Клиничката болница „Систина“ продаде половина од својот капитал на турската здравствена коорпорација „Аџибадем“. Менаџерите на овие две болници продажбата ја официјализираат вчера со потпишување на договор за партенрство. Зделката е вредна 20 милиони евра со што „Систина“ стана дел од мрежата на „Аџибадем“, водечка здравствена групација во Југоисточна Европа. Иако „Систина“ продаде 50 отсто од своите акции управувачкиот пакет и натаму останува во рацете на „Орка холдинг“, сопственикот на болницата. „Аџибадем“, како што стои во соопштението, е само акционер во „Систина“. На чело на болницата и натаму останува Јодран Камчев, а главен финансиски директор ќе биде назначен од „Аџибадем“.

Која е причината што оваа приватна болница во која, како што се зборува, се инвестирани над 100 милиони евра, по само две години отворање продаде половина од својот капитал, од раководството на „Систина“, засега не откриваат. Со продажбата не е опфатена „Систина офтамологија“, која како што ни објаснија од болницата, има друг пратнер.

Со новото партнерството „Систина“ влегува на меѓународниот здравствен пазар, а моделот на успешна приказна на „ Аџибадем - Систина“ ќе биде инспирација новата компанија да отвора исти болници во регионот.

За иднатата година „Аџибадем- Систина“ планира да отвори најсовремен центар за третман на рак, со ПЕТ скен центар, како и детска болница „Систина“. Ќе се инсталира и хипербарна комора за третман на аутистични деца, а во план е и нов ургентен центар по светски стандаради со медицински авион, за префрлање на пациентите во некоја од болниците на „Аџибадем“ ширум светот. За една година, од „Аџибадем- Систина“ веруваат дека ќе добијат сертификат за највисоки болнички стандарди од „Џоинт Комисион Интернационал“, светски водечка институција за акредитација на болниците.

Соработката меѓу овие две болници започна пред речиси една година, кога потпишаа договор за афилијација, со што „Систина“ се ребрендира во „Аџибадем - Систина“. Овој договор значеше размена на клинички и адмнистративни искустава, обука на вработените од „Систина“ во „Аџибадем“, а експерти од турската болница одржуваа и тренинзи на вработените во Скопје. (Ј.Ј.)