Црвенковски ја губи политичката база пред претседателските избори
Изборите значително го изменија политичкиот амбиент на штета на актуелниот шеф на државата
Соња Крамарска
Триумфот на десничарската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори на другата страна остави растурена и дезориентирана социјалдемократска опозиција и најавена оставка од страна на лидерката Радмила Шекеринска. СДСМ во парламентот ќе биде застапен со најмал број пратеници во досегашната историја на партијата (18), што претставува своевиден парадокс на повеќепартизмот и ќе ја исправи земјата пред опасноста од авторитарна власт.
Малкумина сега мислат на претстојните претседателски избори и на локалните избори в година за кои сите прогнози се дека десничарите ќе ги искористат за натамошно зацврстување на власта преку освојување и на највисоката политичка функција претседател на државата. Следното одмерување на силите, овој пат преку локалните и преку претседателските избори, ќе дојде во првите четири месеци од идната година.
Претседателот Бранко Црвенковски барем досега не се има изјаснето за тоа дали ќе се кандидира и за втор мандат. До изборите остануваат уште десет месеци, но не се забележуваат никакви политички активности на тој план. Мандатот на претседателот Бранко Црвенковски истекува на 28 мај 2009 година, а Уставот пропишува дека „изборот на претседател се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател“. Тоа значи дека во април следната година треба да се одржат изборите, што, пак, укажува дека кампањата на кандидатите за претседател официјално би се одржувала во февруари или во март следната година.
Минатонеделните вонредни парламентарни избори значително го изменија политичкиот амбиент на штета на актуелниот шеф на државата. Иако Црвенковски во последниве неколку месеци, кога ескалираше прашањето на спорот со Грција за името и процесите за зачленување во НАТО и во ЕУ, ја засили својата улога на претседател и татко на нацијата, неговите шанси за повторен мандат изгледаат послаби отколку претходно.
Анализите што се базираат на изборниот резултат од 1 јуни покажуваат дека потенцијалната кандидатура на Црвенковски за втор мандат има најмалку три структурни проблеми.
Првиот проблем е албанската партија ДУИ, чие членство важи за поддржувач на Црвенковски, а која сега би можела да влезе во владата на Груевски како коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Во таква ситуација, Црвенковски не може да очекува поддршка од ДУИ, а уште помалку од ДПА, дури и да е во опозиција, бидејќи Тачи и преостанатото раководство го обвинуваат за гостиварските настани од 1997 година. Доколку, пак, ДПА влезе во владата, ДУИ може да се претвори во дестабилизирачки фактор кој нема многу да му биде од полза на Црвенковски.
Вториот структурен проблем за Црвенковски е неговата матична партија СДСМ, која се соочува со лидерска криза и е пред опасноста од маргинализирање на политичката сцена. Како што стојат работите сега, социјалдемократите својата годишна конференција за давање отчет за изборите ќе ја одржат во октомври. Евентуалниот нов лидер (ако не ја премислат Шекеринска) што ќе го изберат до крајот на годинава нема да има многу време до претседателските, а и до локалните избори, да ја подготви партијата за една таква операција.
И најпосле третиот проблем би можел да биде условот што го наметнува Уставот, а тоа е дека претседателска кандидатура треба да биде поткрепена од 30 пратеници во парламентот или од 10 илјади избирачи. СДСМ, најверојатно, ќе има 18 свои пратеници и десетина од другите коалициски партнери кои може, но не мора да се стават во функција на Црвенковски, особено затоа што тие се контролирани од Тито Петковски и од Стојан Андов, кои досега имаа претседателски амбиции.
Никола Поповски, еден од сдсмовските ветерани и поранешен министер за финансии во социјалдемократската влада на Владо Бучковски, вчера упати остра критика до раководството на СДСМ, нарекувајќи го „младо и неискусно“.
„Нема да биде ништо чудно ако на идните локални избори во март 2009 година се допре и самото дно. Тоа е знак за тревога од највисок ранг. Можно е СДСМ да остане без ниеден или со еден-двајца градоначалници и со десеткувани советнички групи. Сега малку вредат патетичните оставки на лидерката и најблиските околу неа. За жал, зад себе оставаат едно големо ништо и многу изгубено време“, напиша тој во колумна во „Дневник“.
По минатонеделните избори, јасно е дека времето на социјалдемократите им истекува. СДСМ во последните четири години откако замина Црвенковски не успеа да изгради нова модерна стратегија која ќе се базира на новата политичка реалност во Македонија, а тоа е Груевски и новата технологија на политичко дејствување што ја воведе. |