04.10.2011, 22:54
„Епл“ го претстави најновиот iPhone 4S





Иако со идентичен изглед како iPhone 4, новиот модел поседува дуал-кор А5 процесор како кај iPad 2, со што е два пати побрз од претходникот и со дури седум пати подобра графика.

Ист на изглед како iPhone 4, но одвнатре сосема нов, вака „Епл“ го претстави најновиот модел на најпопуларниот светски смартфон iPhone 4S. Новиот модел поседува дуал-кор А5 процесор како кај iPad 2, два пати побрз од претходникот и со дури седум пати подобра графика од iPhone 4. iPhone 4S има камера со резолуција од 8 мегапиксели (3264x2448 пиксели) и снима видео во 1080p HD резолуција.

Камерата има и хибриден IR филтер, сензор за препознавање на лица, подобар "white balance" и супер брзо фотографирање. Според информациите, за првата фотографија ќе биде потребна само 1.1 секунда. Ова се значајни подобрувања на камерата кои сите корисници ги очекуваа со нетрпение.

Батеријата ќе има траење од осум часа разговор или десет часа прегледување снимени видеа. Освен тоа, подобрените перформанси треба да овозможат и побрзо даунлоадирање на апликациите наменети за моделите на „Епл“.

„Епл“ исто така објави дека e поправен и проблемот со антената на новиот iPhone. Претставен беше и новиот гласовен асистент - Siri (еден вид на понапредна верзија на гласовните команди) со кој буквално телефонот можете да го управувате преку гласовни команди.

Веријата од 16GB - ќе чини 199 долари, 32GB - 299 долари, 64GB - 399 долари. iPhone 4S ќе биде достапен во црна и бела боја, а Apple ќе почне да прима нарачки од 7. октомври. Уредот ќе се најде во продажба од 14. октомври. iPhone 4S ќе се испорачува со новата верзија на оперативниот систем iOS 5, како и со бесплатниот интернет сервис iCloud.

Конференцијата на „Епл“ во кампусот во калифорнискиот град Купертино за прв пат ја предводеше новиот извршен директор Тим Кук, кој на сцената беше дочекан без овации и кој пред присутните на почетокот изјави дека го сака „Епл“.