Груевски како Ѓукановиќ
Во Подгорица и во Скопје се води слична дебата: како е можно граѓаните толку да веруваат во власта и покрај лошата економска состојба
Не се знае што си кажаа премиерите на Македонија и на Црна Гора, Никола Груевски и Мило Ѓукановиќ кога во петокот се видоа во Скопје, зад светлата на камерите. Но, во последно време впечаток е дека лидерите на двете поранешни југословенски републики би можеле да имаат повеќе заеднички теми за муабет, надвор од вообичаените разговори за соработката меѓу нивните држави.
Навистина политичката траекторија на црногорскиот премиер полесно би можела да се спореди со патот што во изминатите две децении го одеше социјалдемократот Бранко Црвенковски, поради нивната генерациска блискост, тајмингот во кој ја почнаа политичката кариера, преминувањата од едната на другата функција во извршната власт (премиерската и претседателската), припадноста на исто политичко семејство. Исто така, во последно време се' погласно се лицитира со можноста Ѓукановиќ да ја напушти политиката, како што се шпекулира и за Црвенковски. Пред извесно време, Црвенковски беше во Црна Гора кај Ѓукановиќ, со кого се сретнаа како лидери на две сестрински партии - СДСМ и ДПС.
Во петокот Ѓукановиќ дојде во Скопје да се види со Груевски.
Неколку дена пред неговата посета на нашата земја, медиумите во Подгорица објавија анкета на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ), според која 57 отсто од граѓаните на Црна Гора се задоволни од досегашниот успех на Владата, а премиерот Ѓукановиќ, иако не е прворангиран, се' уште е политичар со мошне висок рејтинг.
Ваквите резултати отворија дебата слична како таа што пред неколку седмици се водеше во македонската јавност, по анкетите на ИРИ и на "Дневник, кои покажаа дека премиерот Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ и натаму водат на листите на популарноста, и покрај влошувањето на клучните параметри за државата.
" Како е можно граѓаните толку да веруваат во Владата и институциите и покрај лошата економска состојба", е прашањето на кое се обидоа да најдат одговор црногорските медиуми. Аналитичарот на ЦЕДЕМ, Милош Бешиќ изјавил дека довербата во институциите расте во екстремни кризи, бидејќи граѓаните се плашат дека можат да изгубат се'. Според него, граѓаните се покритични кога живеат добро.
"Кога земјата тргнува на подобро, граѓаните се послободни. Колку е повисок економскиот стандард, толку тие се покритични и обратно. Економскиот развој го зголемува степенот на критика за сите, па и за овие прашања".
Аналитичарот посочил и дека за големата доверба во Владата заслужна е големата поделеност во земјата и екстремниот антирежимски став во некои кругови, бидејќи поддршка од граѓаните не може да се добие само со критики на Владата, туку и со нудење на аргументи и решенија. "Луѓе кои немаат свој став и живеат некој свој живот, кога ќе видат радикални изјави се плашат од тоа и бегаат кон институциите на системот...".
Да не се знаеше дека ваквите "дијагнози" ги дал црногорски аналитичар и дека тие се однесуваат на состојбите во неговата земја, многумина, можеби, ќе помислеа дека ова е уште една од многуте експертски анализи за состојбите во нашата држава.
Груевски, на пример, во септември, кога даваше отчет за сработеното во изминатите четири години, го подели своето владеење на два периода - пред и по глобалната економска криза. При тоа, тој посочи дека вториот период, откако рецесијата почнала да се чувствува и овде, му бил еден од најтешките во кариерата. Ако тоа требаше да биде аргумент за релативизирање на економските неуспеси на власта, премиерот, очигледно, ја постигнал целта. Бидејќи, анкетите покажувааат дека, и покрај се', тој се' уште е најпопуларен политичар во државава. (А.М.М.)
|