18.12.2012, 17:04 Разочарани сме, но нашата политика останува европска
Претседателот Иванов во годишното обраќање ја пофали Владата за успешното справување со кризата, а упати сериозни критики до опозицијата
Слободанка Јовановска Татјана Поповска
Разочаран сум од исходот на бриселскиот самит, но се чини дека старите излитени балкански манири, балкански интереси, аспирации и поделби, се' уште опстојуваат и се наметнуваат на исходите на самитите на Европската унија. Наспроти се', не само што остануваме верни и определени на нашата темелна евроатлантска насоченост и интеграција туку и ќе ги уважуваме препораките и ќе ги интензивираме напорите. Ќе соработуваме блиску со Европската комисија и ќе продолжиме со нашите внатрешни реформи. Нашата политика била и ќе биде европска политика. Ова е една од главните пораки што вчера ги упати претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание. Тој ја пофали Владата за економските реформи, за успешното справување со кризата, а сериозни критики упати до опозицијата од која побара да биде конструктивна.
„Македонија не ја зафати фаталниот бран кој внесе сомнеж и несигурност во многу европски земји. Иако во првите два квартала влеговме во рецесија со раст од 0,2 отсто на БДП, во третиот квартал успеавме да излеземе од рецесијата. Имаме низок буџетски дефицит од 2,5 отсто од бруто домашниот производ и заклучно со ноември ниско ниво на инфлација од 3.2 отсто. Имаме стабилен банкарски систем. Македонија е меѓу четирите најнискозадолжени земји во Европа. Им честитам на Владата и на стопанството за постигнатите резултати. Особено силно ги поддржувам напорите на Владата за поттикнување на земјоделството преку инвестирање на 670 милиони евра во периодот од 2011 до 2015 година. Замислете ваква посветеност, наместо денес, да имавме отпорано! Досега ќе бевме регионална земјоделска сила“, укажа Иванов.
Тој нагласи дека наш приоритет треба да биде обезбедување на енергетската продукција, безбедност и стабилност, инфраструктурното и енергетското поврзување. Со пристапувањето кон „Јужен тек“, оцени шефот на државата, Македонија ја обезбедува својата енергетска, но и економска иднина.
Потсетувајќи на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, Иванов нагласи дека на најавторитетен и најјасен начин е потврдена исправноста на нашата политика, во врска со спорот со Грција, со што се' потешко е да најдат аргументи за да го блокираат во евроинтеграцискиот процес. Во врска со овој проблем и во очекување на средбите со медијаторот Метју Нимиц, Иванов потенцира: „До заемно прифатливо решение може да се дојде доколку не сме соочени со ултимативни барања на штета на нашите национални интереси и идентитет. Секој граѓанин на секоја земја од соседството нека се чувствува така како што сака, но е неприфатливо да се бара ние да се чувствуваме како друг што сака. Барам најодлучно да се почитува рамката во која се водат разговорите, а на кои се однесуваат резолуциите на Обединетите нации, на Привремената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата“.
Во однос на условот за добрососедски односи што ЕУ по барање на Бугарија и' го наметна на земјава, Иванов оцени дека Македонија нема никаков проблем со ниту еден сосед. Но, потсети на неодамнешните, како што ги нарече, „апсурдни или навредливи изјави на малкумина ’дежурни‘ политичари од соседството“, за нашите меѓуетнички и меѓусоседски односи, на кои Македонија не подлегна. Во тој контекст, Иванов порача дека не смееме никогаш да дозволиме да бидат доведени во прашање меѓуетничките односи, иако, како што рече, годинава бевме сведоци на повеќе инциденти, тензии и дури трагични случаи во кои беа вовлечени млади луѓе.
„Им се обраќам на сите кои поттикнуваат и извршуваат такви дела с��риозно да размислат за нивните последици и да бидат свесни дека правдата ќе ги стигне. Ако некој мисли дека може да ги потпали со збор или со дело чувствата или симболите кои се свети за нашите граѓани, навистина се лаже. Не може да се дозволи два милиона граѓани да бидат држени во страв од неколкумина кои не мислат добро никому и се инспирирани од нечесни мотиви“, нагласи претседателот на државата во своето обраќање кое го следеа пратениците, претставници на дипломатскиот кор, но и други важни државни функционери.
Поенти
Европска унија
Разочаран сум од исходот на бриселскиот самит. Се чини дека старите излитени балкански манири, интереси, аспирации и поделби се' уште опстојуваат и се наметнуваат на исходите на самитите на Европската унија. Мојата порака до сите оние што влијаеја на тие заклучоци е дека грешат.
Спорот со Грција
Секој граѓанин на секоја земја од соседството нека се чувствува така како што сака, но е неприфатливо да се бара ние да се чувствуваме како друг што сака. Тоа се работи за кои никој во овој свет не разговара и не сакаме и ние. Барам најодлучно да се почитува рамката во која се водат преговорите.
Бугарија и Грција
Добрососедските односи се двонасочна улица. Ние мора да си помагаме, а не да си попречуваме. Блокадите и попречувањата се на штета и на оние што блокираат, а најголема жртва е целиот регион.
За Сали Бериша
И оваа година кон Република Македонија се упатуваа апсурдни или навредливи изјави на малкумина „дежурни“ политичари од соседството, а за нашите меѓуетнички и меѓусоседски односи. Тие изјави за дневнополитичка употреба ниту можеле ниту ќе можат да ги нарушат вековните добрососедски односи на народите во регионот.
За Слупчане, знамињата
Бевме сведоци на инциденти, тензии и други трагични случаи. Во нив беа и се вовлечени многу млади луѓе. Сите што поттикнуваат и извршуваат такви дела сериозно да размислат за нивните последици. Не може два милиона граѓани да бидат држани во страв од неколкумина кои не мислат добро никому.
За Собранието
Во новата година граѓаните очекуваат повеќе решенија, а помалку проблеми. Деновиве во овој дом се води остра и непродуктивна дебата за усвојување на буџетот. Апелирам да се најде начин за итен излез од оваа ситуација. Не може целото општество да биде заложник на неодговорно однесување
За економијата
Зад нас оставивме една година на премрежиња и искушенија на глобален план. И покрај се', успеавме да се справиме во секој домен со резултати што се за почит. Имаме низок буџетски дефицит... трети сме најдобри реформатори во светот, подобри сме од многу земји во регионот, но и од земји-членки на ЕУ...
За приоритетите
Треба да се фокусираме на приоритети што ќе го одбележат нашиот 21 век. Тоа се водата, храната, енергетската безбедност и комуникациските технологии. Не можеме да ја отвориме новата врата, вратата на иднината, со стар клуч.
ПАРТИСКИ РЕАКЦИИ
Иванов го продлабочи јазот меѓу власта и опозицијата
Ако намерата на претседателот Ѓорге Иванов била со традиционалниот годишен говор во Собранието, во кој, меѓу другото, кажа дека е разочаран од односот на Европската унија и недобивањето датум за преговори, да се обиде да ја намали политичката тензија во државава, тоа на крајот, дефинитивно, се покажа како неуспешен обид.
Во говорот претседателот повеќе пати ја истакна, според него, добрата работа на Владата во економијата и спроведувањето на реформите, а ја нападна опозицијата за нејзиното владеење во минатото и денешното однесување, потенцирајќи дека во Собранието се води непродуктивна дебата за усвојување на буџетот.
Според социјалдемократите, кои сметаат дека Иванов уште еднаш не успеал да излезе од партиските стеги, цела среќа е што според Уставот претседателот има обврска еднаш годишно да се обрати пред парламентот.
„Бидејќи претседателот во својот говор ја нападна опозицијата и не се издигна на нивото на функцијата што ја има, туку настапи како верна сенка на премиерот Груевски, можеме да му порачаме дека најголемиот непродуктивен расход на буџетот е неговиот мандат“, изјави секретарот на партијата, Андреј Петров.
Од друга страна, пратениците од владејачките партии оценија дека Иванов имал вистински државнички говор.
„Во Собранието денеска имавме вистинско државничко обраќање на претседателот Ѓорге Иванов. Тој направи се' што може да ја промовира Македонија и да им помогне на граѓаните“, изјави Силвана Бон��ва од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот, според неа, многу јасно порачал дека треба повеќе решенија, а помалку проблеми да продуцира Собранието. Неговото државничко работење, смета таа, се гледа во 26 посети на странски држави и 86 средби со странски државници, со шефови на држави, преку кој лобираше за нашата татковина.
За Лилјана Поповска, пратеничка од ДОМ, говорот на претседателот беше многу чесен и реалистичен. „Од името на ДОМ, му давам целосна поддршка на претседателот за искрените пораки за добрососедство“.
Горан Мисовски од НСДП и Ивон Величковски од ЛП сметаат дека претседателот и натаму останува надвор од политичките текови. „Место да демонстрира авторитет и одличност, претседателот се однесува како портпарол на Владата, со премиерски амбиции“, изјави Мисовски.
Според Величковски, годинашното обраќање на Иванов покажало дека тој и натаму останува надвор од тековите на создавањето и водењето на политиката на државниот врв.Крајна разочараност од обраќањето на Иванов изрази пратеникот Ердоган Сарач. „Навреден сум од тоа што сметам дека не сум еден од оние што со сила го попречуваат донесувањето на буџетот. Со моите амандмани барам вода, образование, инфраструктура за Турците“, рече Сарач.
Годишното обраќање на претседателот не го следеа пратениците на НДП и на ДПА. Фљамуре Креци од НДП образложи дека таа и Изет Зеќири не присуствувале на седницата поради тоа што Иванов ниту еднаш не ги претставил потребите и интересите на Албанците. (Н.К.) |