Ни Велија не знае од каде му „упаѓаат“ владини реклами
„На А1 оди само една кампања за етика, чиј нарачател е агенција што тврди дека парите се од Брисел, а не од Владата“, велат во телевизијата
Жаклина Ѓорѓевиќ Горан Адамовски
Неполни три недели од случувањата во А1 телевизија, кога Финансиската полиција ги чешлаше фирмите регистрирани на „Перо Наков“ б.б., иако срамежливо, на фреквенцијата на А1 пак почнаа да се вртат владини реклами. Конкретно, во ударниот термин пред вестите деновиве одеше реклама со слоганот „Да бидеме подобри“, а под неа стоеше дека нарачател е Владата на Република Македонија.
Злобниците веќе почнаа да се прашуваат дали по бурата што ја предизвикаа настаните во телевизијата, можеби сега пак доаѓа до постепено затоплување на односите на релација Влада - А1? Во меѓувреме, истрагата е во тек и од неа се' уште нема резултати.
Сопственикот на А1, Велија Рамковски, вчера ни изјави дека „не е во тек и не знае што се објавува на телевизијата“. За подетални информации, тој не' упати во Советот за радиодифузија. Во телевизијата објаснуваат дека не се работело за владина реклама, туку за емитување кампања за етика, чиј нарачател била маркетинг-агенција што не сакаат да ја обелоденат, а парите, наводно, доаѓале од Брисел.
Во меѓувреме, Обвинителството, Финансиска полиција и МВР се вклучени во одмотување на клопчето за тоа како работеле фирмите на „Перо Наков“ б.б., за кои Управата за јавни приходи посочи дека го оштетиле буџетот за 1,6 милиони евра. Државните институции инволвирани во случајот најавуваат конечна одлука за овие фирми до Нова година.
„Не сум во тек, не знам“, ни одговори Рамковски кога го побаравме да го прашаме како на неговата телевизија почнале да се вртат владини реклами, особено по неговите тврдења дека премиерот со буџетски пари му плаќал партиски реклами, за што се заинтересира и Обвинителството.
„Моментално оди само една кампања за етика, а нарачател е маркетинг-агенција, која тврди дека тие пари доаѓаат од Брисел и дека не се од Владата“, вели маркетинг-директорот на А1, Зоран Силјаноски. Кампањата, според него, не е нова, туку се емитува од пред еден месец и сега би требало да привршува. Но, затоа тој спореди колку Владата се огласува на другите медиуми. „Моментално Владата се огласува на другите телевизии, кај кои се емитува кампањата за откуп на дворно земјиште, а има и други две кампањи, за кои не знам од кого се финансирани, а тоа се за семејно насилство и за сиромаштија, кои повторно не одат кај нас“, објаснува Силјановски. Тој нагласува дека кај нив веќе една година не се огласува ни мобилниот оператор, кај кого со акции учествува и Владата. За тоа дали има разлика во огласувањата на Владата пред и по случувањата, Силјановски појаснува дека Владата и претходно не се огласувала кај нив за разлика од другите телевизии. „Се' е нормално. Клиентите се раководат исклучиво од рејтинзи, а не од политика“, ја коментира директорот сегашната позиција на А1 во однос на рекламите.
Во Советот за радиодифузија, каде што ги следат рекламите, велат дека не можат веднаш да излезат со анализа за тоа колку Владата се рекламирала во одредени медиуми, конкретно и на А1 телевизија. Само укажаа дека паѓа в очи тоа што Владата лани се рекламирала шест пати повеќе во споредба со 2008 година.
Моментално, истрагата за тврдењата на Рамковски околу тоа дека премиерот му исплаќал буџетски пари е во тек, не' информираше вчера скопскиот обвинител Марко Зврлевски. „Се проучуваат сите материјали и до крајот на годината очекуваме да имаме одлука“, ни рече тој. И првите резултати од контролите на спорните фирми на „Перо Наков“ б.б. се очекуваат за Нова година. Како што велат од Управата за јавни приходи, истрагата одела во добар правец. „Задоволни сме од квалитетот на пријавите, станува збор за многу фирми, но до крајот на декември ќе излеземе со детална информација“, изјави директорот на УЈП, Горан Трајковски.
И во Министерството за внатрешни работи велат дека „се работи на случајот“. Според нив, станува збор за обемен предмет и ќе треба време да се средат податоците. „Стручни тимови работат на истрагата по 24 часа дневно. Се координираат нивните активности и се враќаат дел од бришаните материјали на софтверот. Се проверуваат сите фирми, книговодствената евиденција“, велат од МВР.
Извори од истрагата велат дека не постои дел од работењето на фирмите што не е сомнителен, почнувајќи од самиот објект, до секоја запирка. Наводно, „таму не се знаело која фирма што работи, бидејќи биле регистрирани за една, а работеле сосема друга дејност“.
Акцијата на „Перо Наков“ б.б. беше реализирана пред 16 дена. Инспекторите од УЈП и Пазарната инспекција цела ноќ ја чешлаа документацијата на неколку од 40. фирми, колку што се регистрирани на истата адреса, на која е лоцирана и телевизијата А1.
Веќе утредента УЈП утврди дека спорните фирми не платиле ДДВ во висина од 1,6 милиони евра. Сомневањата за сомнителен одлив на 7,5 милиони евра во странски земји, што се сметаат за даночни рајови, се' уште се проверуваат. Директорот на УЈП, Горан Трајковски, објасни дека фирмите на „Перо Наков“ б.б. ги исфрлил самиот софтверски систем како ризични. Било необично тоа што мали фирми со по еден или двајца вработени преку ноќ правеле милионски трансакции. Истиот ден Министерството за внатрешни работи пронајде 104.000 евра во кеш во стан во населбата Чаир, сопственост на една од управителките на спорните фирми. Според полицијата, парите биле извадени од фирмите во текот на бурната четврточна ноќ. Но, кривична пријава се' уште нема.
По неколку дена, се огласи и Пазарната инспекција, чии вработени не успеале да извршат увид во неколку фирми. Против четири од нив беа поднесени прекршочни пријави, чија казна може да достигне и до 5.000 евра за секоја. Оттогаш натаму - истрагата е во тек. (Ж.Ѓ.-Г.А.)
Сефот од „Перо Наков“ под лупа
Документи, хартии и клучеви излегоа од сефот што го запленија инспекторите од фирмите во акцијата на „Перо Наков“ б.б. Финансиската полиција вчера околу 15 часот го отпечати сефот во присуство на адвокатите Лујза Стаиќ и Мирослав Вуиќ, овластени како полномоштеници од управителите на осумте спорни фирми, кои, пак, вчера не се појавија.
„Немаше потреба од нивно присуство, бидејќи јас и колешката Стаиќ ги имаме нивните полномоштва. Од друга страна, Финансиската полиција не' замоли да им пренесеме на управителите да дојдат во понеделник, бидејќи, веројатно, ќе треба да им помогнат на инспекторите“, изјави Вуиќ. Според него, сите осум управители биле македонски државјани и ниту еден од нив не бил надвор од земјава.
Пари во сефот, како што дознаваме, барем од прво око, не биле забележани, но инспекторите деновиве детално ќе испитуваат се' што пронашле, а наводно, во купот документи имало и пликови. Во Финансиската полиција трае и истрагата околу документите и десетиците компјутери што беа запленети во акцијата. Надлежните велат дека деноноќно работат да ги класифицираат предметите, но и да ги проверат „должничко-доверителските односни меѓу овие претпријатија, како и со другите фирми со кои соработувале“. (Г.А.)
|