Ставрески во невозможна мисија
Дојде време на безидејност, економијата дише на жабри, сенката на политиката ги прекри економските реформи
Соња Маџовска
Што е тоа што ги запре економските реформи во земјава?
Кризата или рејтингот се во прашање?
Нема нови идеи, економијата дише на жабри, а економските реформи паднаа во сенка на политиката. Според експертите, најактивен меѓу министрите во овој период на криза се покажал вицепермиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој изби во гро-план, иако до крајот на минатата година беше во илегала.
За разлика од него, министерот за финансии, Зоран Ставрески, од кого, пак, многу се очекуваше откако го замени поранешниот прв финансиер Трајко Славески, сега спроведува невозможна мисија, односно се обидува да менаџира со пари што ги нема. Во последнава година Владата ги замени економските реформи со крпење буџетски дупки.
„Ако некој прави нешто во сегашната Влада, тоа е вицепремиерот Владимир Пешевски, во поглед на промените што ги турка во делот на легислативата, а во насока на подобрување на бизнис-климата. А министерот за финансии Ставрески се обидува да ги менаџира парите што ги нема. Тој моментно гледа да го направи спроведливо она што не може. Од него и не се очекуваат предлози за крупни реформи, бидејќи толку може, а и ако почне нешто да прави ќе го сменат како поранешниот министер за финансии, Трајко Славески“, вели професорот Ванчо Узунов.
Според него, Владата во последнава година игра на картата само како да го одржи високиот рејтинг, па затоа ги нема економските реформи.
„Владата виде дека моделот на економски реформи кои таа го предложи не може да биде спроведен. Она што таа го ветуваше се покажа како нереално амбициозно. Многу од тие проекти не ни можеа да бидат изведени во реалноста. На пример 8-те милијарди инвестиции најавени пред две години, ветувањата дека ќе дојдат многу странски директни инвестиции, потоа очекувањата дека со купувањето компјутер за секое дете во училиштата ние ќе станеме развиено информатичко општество и веднаш ќе прескокнеме 20 години. Тоа се кажани ветувања за да се добијат избори. Но, откако се виде дека тие не можат да се спроведат, Владата се симна на земја и тие големи ветувања ги покрива со други проекти кои се исклучиво наменети за одржување на висок рејтинг. Затоа економските реформи се во втор план, бидејќи со нив не се добиваат големи поени кај гласачите. Затоа се игра на картата не го даваме името, бидејќи така најдобро го одржува рејтингот. Во економијата нема ништо, а уште и името ако го нема, со што ќе го брани рејтингот. За да не изгуби од рејтингот, го намали темпото и ги стави во втор план економските реформи, на сметка на проблемот со името“, смета Узунов.
И поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, вели дека Владата е фокусирана само на тековните проблеми. „Факт е дека системски и структурни реформи одамна се запрени, а тоа се всушност долготрајни реформи. Владата од нив целосно се повлече и го насочи својот фокус исклучиво кон тековните проблеми. Тоа е погрешна политика затоа што Македонија има голем број структурни економски проблеми кои не можат да се решат со мерките на тековната економска политика“.
Што е она што сега и' треба на Македонија? Поранешниот министер за финансии е јасен: тоа се структурни реформи во извозниот сектор, технолошката политика, потоа преструктурирање на јавните финансии, ифраструктурна обезбеденост, вистински длабок рез во здравството, судството. „Станува сосема јасно дека процесите на прструктурирање на јавните претпријатија се целосно запрени. Последното големо преструктурирање беше на поранешното ЕСМ. Наспроти пензискиот систем кој сериозно се реформираше со 2 и со 3 пензиски столб, здравствениот систем остана целосно нереструктуриран и ги задржа сите карактеристики на социјалистичко здравство, но со намалена ефикасност во извршување на услугите“, смета Поповски.
Што се ветуваше, а што стигнаа да остварат двете влади на премиерот Никола Груевски. Се' започна многу амбициозно, со проектите рамен данок, бруто плата, трансакциски сметки, регулаторна гилотина, едношалтерски систем, се скратија бројни процедури и веднаш земјава се искачи на првите места на листите на топ-реформатори.
Сето тоа ги подгреа ветувањата дека ќе дојдат многу инвестиции од кои требаше да не' боли глава (како што најавуваа одделни министри) и да бираме каде ќе работиме и за каква плата. Откако не дојдоа странските инвеститори, почнаа да се најавуваа невозможни пакети, како што беше оној фантастичниот од 8 милијарди евра од пред две години. Сега најактуелен е пакетот за инвестиции во енергетиката, наводно, најголем во последните 20 години. Сите овие залагања требаше да ни го подобрат стандардот, да ни ги зголемат платите, да ја зголемат вработеноста и бруто домашниот производ на земјава.
Но, во меѓувреме се случи светската економска криза која нашата Влада во почетокот ја игнорираше, па дури од највисоките нејзините редови се тврдеше Македонија ќе биде во компаративна предност затоа што инвеститорите од нестабилните големи светски економии ќе нагрнеле кај нас.
Но, се' падна во вода. Ниту подобро и поубаво се живее, невработеноста се зголемува, а БДП е во минус.
Во економијата наизглед се' беше во ред додека Владата беше на слатки маки како да ги троши парите, а буџетот се преполнуваше. Се трошеа и се' уште се трошат многу пари за непродуктивни проекти, иако втора година едноподруго буџетот мора да се намалува поради помалите приливи. Во години на криза кога се' затаи, а стопанството едвај преживува, неуспесите и лошите резултати Владата им ги припишува исклучиво на глобалните случувања.
Домашните и странските инвеститори мислат поинаку – тие како главни кочничари на бизнисот во земјава и натаму ги гледаат партизираната администрација, нерешените имотни прашања, долгите судски постапки и монополизираните сектори. Такви се енергетскиот, телекомуникацискиот, а и банкарскиот, кои се сметаат за сектори во кои доминираат и диктираат неколку главни субјекти.
Сето тоа очигледно влијае инвеститорите да не ја доживеат Македонија онака како што посакува Владата, односно како „инвестициски рај“. Лани дојдоа само 180 милиони евра, а годинава во првите три месеци 50 милиони евра, најголемиот дел од нив се обврски и побарувања, а многу мал дел отпаѓа на свеж капитал. Диоптријата како не' гледаат однадвор е очигледно различна од онаа како ние мислиме дека се претставуваме.
Но, и покрај поразителните резултати, Владата не отстапува од зацртаното, и натаму инвестира само во промотори, кои ги праќа по светот, за тоа се трошат огромни пари, а инвеститорите ги нема. Инвестициите, кои толку многу се најавуваа, требаше да отворат илјадници работни места. И од тоа ништо не испадна, земјава со 33,8 отсто невработеност, деновиве беше прогласена за рекордер. Ако сакаш да успееш, економските реформи не можеш да ги правиш две-три години. Тоа не може да си го дозволат ниту најразвиените економии. Во мали економии како што е македонската, кога малку ќе подзапреш, сите коли почнуваат да одат надолу. (С.М.) |