14 Потези за спас

Манифест за новата Македонија

Граѓаните не ги почувствуваа на своите домашни буџети резултатите од владините мерки во изминатите четири години, кои ги соопшти премиерот Груевски

Отчетот на премиерот Груевски делумно даде одговор на прашањето на кои проблеми се фокусираше Владата за изминатите четири години. Тоа се подобрувањето на условите во земјоделството, образованието, подобрувањето на деловната клима во државата, реформите за приближување до ЕУ, привлекувањето инвестиции, битката со корупцијата и криминалот.

Но, резултатите од владините мерки се се' уште дискутабилни затоа што граѓаните не успеаја да ги почувствуваат на своите домашни буџети.

Како редовен хроничар на работата на сите влади и проследувач на состојбите во државата, „Утрински весник“ предлага 15 потези што ќе овозможат подобрување на условите во сите сфери на живеење и ќе ја помрднат државата од мртвата точка на која сега се наоѓа. Поголемиот дел од тие потези се економски, но не изостануваат и политичките, со оглед на тоа дека политичката клима во Македонија е нестабилна и без перспектива за нејзино подобрување во скоро време.

Груевски ќе мора похрабро да влезе во преговорите со Грција во спорот за името и да го симне тоа прашање од дневен ред до крајот на годинава, бидејќи е основен услов за одблокирање на процесите за зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО. Членството во ЕУ и во НАТО или напредокот во зачленувањето во овие две организации веднаш ќе ја помести Македонија на светската карта на поволни бизнис-дестинации, а тоа ќе значи и почеток на топењето на близу 330-илјадната бројка на невработени.

Освен за името, каде што премиерот ќе треба да направи поширок политички консензус за да одржи добра клима пред и по правењето компромис со Атина, сите други мерки што ги предлагаме, бараат само политичка волја од страна на сегашниот станар на „Илинденска“ бб, и поголема решителност без калкулации дали потезите што ги презема ќе се одразат на неговата моментна популарност кај граѓаните. (С.К.)

Полет за економијата

Беше главна идеја-водилка на премиерот Никола Груевски и на тимот министри. Тргна навистина добро. Дури и најголемите критичари не можат да замижат пред статистичките показатели, кои говорат дека во 2007 година економијата регистрира раст за 6,1 отсто, а во 2008 за 5 проценти. Кога кризата силно нападна, се' се распрсна како меур од сапуница. Главното прашање не е дали ќе има пад од 0,5 отсто или пораст од 1,1 отсто, туку економскиот замаец вистински да се поткрене. Тоа може само со вистински реформи што ќе придонесат за поповолен стопански амбиент, а не само со штанцување закони што потоа никако да се спроведат во практика. И, секако, со промена на приоритетите на Владата, која наместо со трошењето на парите од буџетот да ја стимулира потрошувачката, средствата да ги насочи кон инфраструктурата.

Невработеност

И оваа власт не успеа да им обезбеди на луѓето чесна работа и пристојна заработувачка за неа. Невработеноста остана да зјае како голема дупка, која ги проголта сите надежи на младите. Невработеноста сега е 33,5 проценти. Никој не му оспорува на Груевски дека ја наследи оваа голема македонска болка. На крајот на 2006 година невработеноста беше 35,9 отсто. Најитната работа со која треба да се зафатат властите е намалувањето на бројот на невработени, според кои сме лидери во Европа. Потребна е визија за развој на нови технологии, вистински државни инвестиции, кои ќе апсорбираат вработувања, но и амбиент во кој приватниот сектор ќе може да создава работни места и нова вредност.

Решавање на името

Ако проблемот со името не се симне од дневен ред, оваа Влада по завршувањето на мандатот тешко дека ќе може да се пофали дека ја реализирала основната цел што си ја постави - напредок на земјава кон НАТО и ЕУ. Барањето виновници во минатото, величењето на антиката, потенцирањето дека се' зависи од Грција, инсистирањата на референдум, апстрахирањето на заканите што ги носи изолацијата, се сосема погрешни тактики во стратегијата за надминување на спорот со Грција. Ако власта има стратегија за ова прашање. Ако нема - треба итно да ја создаде и да почне да ја спроведува, по можност во координација со опозицијата.

Поглед во иднината

Ако се направи пресек на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, е неизбежен впечатокот дека ветената преродба се претвори во една големо копање низ историјата. Наместо да се бара начин како да се крене рампата на патот кон Брисел, се бараат нашите антички корени. Наместо да се санираат последиците од рецесијата, на секој чекор се подигнуваат споменици. Наместо фокусирање на стандардот на граѓаните, во транзицијата се бараат виновниците за сиромаштијата. Поради тоа и граѓаните се поделија на предавници и патриоти, на антички и словенски Македонци, на преродбеници и профитери. Тоа е тенденција што власта мора да ја запре што поскоро, за да не и' се врати како бумеранг.

Помал и динамичен буџет

Експертите велат - за да работи добро бизнисот, буџетот треба помалку да прибира и да троши од парите на компаниите и на граѓаните. Груевски го одбра целосно спротивниот пат. Државата се претвори во најголем, најмоќен, па некои велат и единствен стопанственик, оставајќи ги на маргините компаниите што треба да бидат главни креатори на економијата, да пливаат во неликвидност и беспарица. Иако ги смали даноците, државата им смисли на фирмите други давачки и казни, така што ги цеди многу повеќе од порано. Кога парите од буџетот ќе се прераспределат во вистински насоки со кои ќе се поттикне економијата, може да очекуваме преродба.

Сузбивање на криминалот

По убиството на српскиот турист во Охрид и тројното убиство во населбата Аеродром, паѓаат во вода сите фалби на Владата дека успешно се справува со криминалот. И покрај обидите на власта да ја смири јавноста, граѓаните нема да се чувствуваат сигурно се' додека битката против организираниот криминалот се сведува само на лов на „ситни риби“, се' додека партиските моќници не им ги отстапат местата на професионалците во МВР.

Функционален политички дијалог

Под политички дијалог не се подразбира само договор во „пет до 12“ меѓу власта и опозицијата за прашања од кои зависат конечните оцени за Македонија во извештајот на ЕК. Последниве години комуникацијата меѓу најрелевантните политички партии се сведува само на тоа, иако европскиот мониторинг во тековната година ги бележи сите искричења меѓу политичките субјекти за суштински прашања. Евидентно е отсуството на дијалог дури и меѓу коалициските партнери во власта.

Инвестиции

Шарените крави уште се шетаат по ливадите. Рамни и ниски даноци, регулаторни гилотини, купишта пари фрлени во реклами и како шлагворт на се' скапо платени економски промотори, не помогнаа Македонија да стане инвестициска оаза. Пет години расправаме околу тоа како дошол „Џонсон контролс“ во земјава, настан што во другите држави едвај би бил забележан. Ако кампањите дома го креваа рејтингот на Груевски, кампањите за вложување во Македонија никој не ги забележа. Треба итно да се напушти фрлањето огромни пари во светските медиуми и да се поправи инвестициската клима во земјава.

Реформа на администрацијата

Големите реформи требаше да ни го скратат малку времето поминато на шалтерите на државните институции за да завршиме и најобична работа. На терен нема ни „р“ од таквите реформи. Траумите со биометриските пасоши и лични карти покажаа дека реформите некаде дебело заглавиле. Државните службеници станаа уште понеспособни и уште понељубезни. Огромниот административен апарат, кој брои 100 илјади луѓе, ги троши времето на граѓаните и нивните нерви. Ако сака да исплива од сегашнава ситуација, Груевски мора драматично да ја реформира администрацијата, но тоа не се прави преку ноќ, а веќе испушти четири години. Веруваме дека тој го знае тоа, но за да се кастрат сите партиски војници, потребна е храброст.

Подобри меѓуетнички односи

Многу настани во изминатите четири години укажаа на тоа дека во држава што се потпира на темелите на мултиетичноста, етничките прашања, тешко можат да се стават под мораториум. Обвинувањата до премиерот дека води етноцентрична политика, што доаѓаат дури и од некои функционери од ДУИ, мора да се сфатат како предупредување дека фразите како „Рамковниот доследно се спроведува“ не се доволни за соживотот да функционира беспрекорно и во практика. Или дека на теренот се' уште има структури што се чувствуваат обесправени - поради несоодветен третман во енциклопедијата, поради форсирањето споменици само на македонски јунаци, поради загрозените евроатлантски перспективи...

Евтини кредити

Граѓаните и компаниите очекуваа евтини кредити, со каматни стапки од 5 до 6 проценти, какви што имале европските држави. И по четири години, кредитите се скапи, неповолни и ги дерат оние што мораат да ги користат. Просечната камата на кредитите во земјава е близу 10 отсто. А наместо да води дисциплинирана фискална политика што е главен предуслов за поголемо монетарно релаксирање и снижување на каматите, Владата долго време се надмудруваше со НБМ за тоа кој е виновен за високите камати. Ако некој сака добра економија, ниските камати се еден од главните предуслови.

Рез во здравството

Починати родилки и бебиња под сомнителни околности, неистретирани пациенти, неисправни медицински апарати, плаќање енормни суми приватно, па дури и поплавени здравствени домови, се редовна слика за нашето здравство. Ова е секторот на кој му треба длабински хируршки рез. Ова е можеби најтешкото што треба да го направи една влада, но друг избор нема за граѓаните да не мислат оти е подобро да умрат отколку да се лекуваат.

Вистински субвенции

Уште не седнат на премиерската фотелја, Груевски влезе во класичен земјоделски филм, што беше малку чудно за модерниот експерт за финансии. Но, потоа стана јасно дека земјоделците се прилично бројно и благодарно гласачко тело. За годинава се предвидени 100 милиони евра субвенции во земјоделството. Донесе ли тоа задоволни земјоделци? Ни случајно. Државата наместо за производи, субвенциите им ги даде на личности. За вистински просперитет на земјоделството, потребно е оваа гранка да се ослободи од увозната зависност и да се модернизира според европските теркови.

Нови патишта

Четирите лава уште долги години ќе останат да сведочат дека на Груевски му беше поважно „духовното“ од инфраструктурата. Со исклучок на неколку енергетски и инфраструктурни проекти што можат да се набројат на прсти, факт е дека во земјава не се изградија ниту пристојни патишта, како наједноставниот дел од која било економска обнова. Да не зборуваме за железницата, која е во повеќе од очајна состојба. Ниту државата гради ниту доаѓаат инвеститори да вложат во тој сектор. Речиси сите проекти засега се само на хартија. Нашите граѓани се воодушевуваат кога возат низ Хрватска и низ Србија и паѓаат во депресија кога ќе го поминат Табановце. Време е за вистински инвестиции во инфраструктурата, кои ќе имаат влијание и врз економијата, а не само локални патишта наменети за освојување гласови.


#